Коментари и Дебати
На избори политичарите полагаат испит
Автор: Мирка Велиновска
Оние од Брисел велат Македонија полагала испит на зрелоста на овие избори. Ма немој! Колку што јас знам, народот е оној што единствено има диплома за зрелост со која е потврдено дека прошол низ сите степени на образование. На избори, тој е комисија што ги оценува знаењата на апликантите. Значи, и овојпат, како и на сите претходни избори, политичарите полагаат испит. Затоа, тие не се оние што за себе и своите постигања ќе даваат оцени. Јас со чинот на гласањето кажувам кој каков ученик бил. Дали сме на јасно барем дотука? Фино! Ако е јасно, сега одиме на утврдување ново градиво. Народот во Македонија, како и сите други народи, многу убаво знае дека изборите не се ни снежни ни бели, ни топли ни жолти, ами нормален чин на изјаснување на изборната волја.
Но тоа очигледно не го знаат политичарите. И на овие избори се уверивме дека некои од нив не што не положија матура, туку се осудени да се вратат во градинка, на подготвителна настава за прво одделение.
Што покажаа нашиве тековни избори?
Повеќето наши политичари се неквалитетни и неталентирани циркусанти. Нашите политички партии се раскапани циркуски шатри во кои во три смени се одржуваат неквалитетни циркуски претстави со жонглери на кои третото топче им паѓа од рака. Кога е таков случајот, што друго може да заклучи пристоен човек освен дека циркусантиве го навредуваат и потценуваат македонскиот гласач со тоа што му нудат политички супстандард. И по тоа оценувам дека сите оние што мантраат за ЕУ и за НАТО, всушност, лажат. Тие немаат никаква намера да и дозволат на Македонија да стане дел од тие држави што политиката ја сфаќаат и практикуваат на радикално поинаков начин. Да ги земеме за пример првите прес-конференции на кои беа соопштувани наодите на партиските штабови за тоа како поминале нивните кандидати. Знам многумина што не можеа да си поверуваат на ушите кога слушаа за големата победа што ја извојувал СДСМ. Зоран Заев ладнокрвно, без да трепне, соопшти прецизни податоци дека „на многу места победиле во првиот круг, а уште на повеќе се први за во вториот круг“. Емилијан Станковиќ се обиде дури да го допрецизира својот в.д. лидер со конкретизација на победата, па со гордо крената глава, пред очите на камермани и новинари, си припишуваше големи победи во Аеродром, Охрид, Центар, Карпош. Моето прашање до овие господа е кој е мотивот да се лаже јавноста така безобразно и дрско ако се знае дека реалноста (ДИК) сурово ќе ги демантира за неколку часа? И уште, дали се свесни дека пораката што ја испраќаат до јавноста е дека на оние што лажат за непобитни факти не е умно да им се верува за што било ќе кажат. Ваква автодисквалификација е политички необјаснива, особено во контекст на стравотната желба да се задобие довербата кај народот.
И победничкиот табор очигледно тешко транзитира од пубертет во полнолетство. Немаше ниту најмала потреба Влатко Ѓорчев на вообичаена прес-конференција на која се соопштуваат изборни резултати да држи памфлет-говор за пораз на транзициските политичари што ја унесреќиле Македонија. Освен ако и самиот не станал жртва на лагата на СДСМ, па во еден миг се посомневал во резултатите и оттаму потребата психолошки да се испразни пред сите нас.
Инаку, народов како врвен арбитар им одржа лекција на своите политичари. Баучот за национализмот во етникумите е демаскирана лага, која треба да ги отрезни и нашиве дома и оние однадвор, кои на таа лага градеа грда слика за Македонија и нејзините европски перформанси. Имер Селмани и неговата висока трета позиција покажува дека Македонците како цивилизирани Европејци ценат индивидуи со интегритет и образ, со добро политичко поведение, без разлика на етничка или друга специфика. Таа лекција допрва ќе мораат да ја научат лидерите со албанско етничко потекло што го репресираат својот етникум и не му дозволуваат слободно да ја изразува својата политичка волја. Се потврди дека Албанците умеат да гласаат нормално кога нивните политички арамбаши ќе им дозволат. Ете го проблемот, а ете го и решението за тој проблем. Па господинот Фуере слободно нека разработува шеми за негово решавање.
Според тоа, спрејот и ултравиолетовата ламба не се алатки што им се неопходни на избирачите. Такви матракуки се потребни за обележување на политичарите што ги кашкаат изборите во наше име.
Идеологизацијата на НАТО и ЕУ на овие избори доживеа вулгарна кулминација. Политичката безидејност и отсуството на реална понуда, остварливи програми и квалитетен кадар се претвори во промоција на Брисел како нов македонски митолошки Олимп. Две регионални организации се произведени во божествен Пантеон, а смртници како Јаап де Хоп, Хавиер, Оли и Емануел во немилосрдни богови во чии раце е нашата судбина. Не смеете ни да помислите, а камоли да се одважите јавно да искритикувате некоја ступидна европска или НАТО-политика или одлука, иако ги има бајаги. Домашните НАТО и ЕУ идолопоклоници-инквизитори ве чекаат во заседа за јавно да ве прогласат за еретик и промптно да ве спалат на клада. Неверојатно е како европскиот сон за слобода, еднаквост и братство некои локални бездарници и полутани успеаја да го претворат во нова монстр-идеологија. Сега само чекам оној несреќник Фрчкоски да почне да раскажува дека „благодарение на братската дружба со Советскиот сојуз (НАТО), во Скопје е секогаш 12 часот“. И тоа да ни го нуди како политичка опција.
Но сполај му на здравиот разум и огромно животно искуство, жителите на Македонија на појавава гледаат како на тешка вироза од која заболуваат политичари со слаб имунолошки систем. Сè уште се сеќаваат дека слични мантри политичарите рецитираа и за ултимативниот карактер на СФРЈ и СКЈ и за „единствениот пат“ и за „единствениот избор“. Затоа, кога денес ќе го видат другарот Тито Петковски или „дипломатот“ Нано Ружин, на пример, додека говорат за евроатлантските интеграции со истата убедлива страст со која пред 20 години говореле за политиката на неврзаните, а во транзицијата за регионалната еквидистанца (неутралност), имаат прецизна слика за нивната идеолошка ориентација. Народите не паѓаат во транс заради членство во организации и институции. Тие самосвесно и рационално им се приклучуваат, следејќи ги своите моментни интереси, ама длабоко свесни за минливоста на човечките општествено-политички творби.
ЕЈЈЈ!!! ДЕНЕСКА ВО СОБРАНИЕ СОСТАНОК НА ЗАЕВ СО АХМЕТИ. ШТО ЛИ ДОГОВАРААТ??? ЗАЕДНИЧКИ КАНДИДАТ ЗА 2014 ИЛИ ВЕЌЕ ЗА НОВИТЕ ИЗБОРИ ВО 2009 ОТКАКО ЌЕ ГИ БОЈКОТИРААТ ОВИЕ ШТО СЕ ВО ТЕК. НЕШТО СМРДИ ВО ДРЖАВАТА...