Ветуваат автопат, а 18 години не шуткале по козји патеки
Автор: Мирка Велиновска
Академикот Иван Катарџиев не сака да ги коментира наводите што ги изнесов во текстот за планот Македонија да се преобрази во сложена, кантонална унија на народи. Не дека не би имал што да каже на таа тема, но само зошто јас сум деструктивен новинар тој не се впушта во коментар. Демек, конструктивниот академик ме множи со нула.
Кога по некоја случајност јас не би била новинар во Македонија, а Катарџиев академик во неа, ваков однос и кон темата и кон обврската јавноста да слушне јасен одговор на прецизно прашање, би било скандал од прва категорија - тема за себе. Тоа повторно на многу болен начин го активира прашањето за состојбите во македонското општество, кое никако не успева да излезе од идеолошката шема за добри и лоши, оние што се секогаш во право и оние што се предодредени да грешат.
Во случајов мене не ме интересира Иван Катарџиев, зашто е составен дел на нашата историја на болест. Во крајна линија, тој би бил одличен експонат во некој иден музеј на восочни фигури во кој неговата восочна верзија ќе симболизира партиска наука, кариера што се заснова на партиска книшка. Тој е синоним за научник што прифатил титула академик во момент додека „новата реалност“ му ги урнала сите, ама баш сите, научни тези. Научник без дело, кој не е заинтересиран, додека е жив, да си одбрани макар една од своите научни тези за да си го оправда привилегираниот живот. Но живо ме интересира изворот на неговата антинаучна, антиинтелектуална и догматска ароганција на партиски војник со која ги покрива сите неодговорени прашања на кои е обврзан со професионалната чест да дава исцрпни одговори.
На пример, јас излегувам со одредени тврдења, а господинот, наместо да се спротивстави со контратеза или да ме растури со контрааргументација, вели: „Немам коментар, а особава е дебела и мајка и е плавуша“. И после се чудат некои зошто во Македонија немало дебати, не се отворале теми, немало соочувања и натпревар на идеи, немало завршница на ниту еден скандал - афера!?
Значи, кој го прашува господинот Катарџиев што тој мисли за мене како автор на текстот. Слободен е да мисли и да кажува што сака ако темата сум јас. Она што го прашуваме, или барем јас сакам да знам, е кој и зошто го предложил Исак Адижас за титулата академик во академија што се именува како Македонска? Зошто формалноправно како предлагач се јавува Одделението за општествени науки? Додека не добиеме прецизен одговор, имаме право да шпекулираме дека се работи за партиска задача, за багателизација на Академијата, за злоупотреба на институцијата...
Истото се однесува и за другите институции и за сите општествени делови што ги избираат комоцијата, опортунизмот, стравот и молкот наместо борбата за транспарентност, одговорност и отчетност. Катарџиев, барем како научник-историчар, би требало да знае дека мојата евентуална деструктивност, во крајна линија, е неважна за иднината на државата. Но деструкцијата што би ја произвела илегална политичка активност за трансформирање на државата од унитарна во конфедерална би имала и тоа како далекосежни последици. Со тие последици како евентуална нова реалност ќе треба да живеат идните генерации на овој простор. Е, за тоа, богами, нужно мора да се дебатира. Овде, сега, пред сите нас. Тоа е европски начин, тоа е демократски начин. Ние мораме да знаеме што работат политичарите. Тие мора да одговараат пред нас за она што мислат да го работат. Тоа е еден од двата можни начина како можат да ги оживотворат своите визии. Избори или револуции. Но обата се неизводливи без народ. Едното решение го бара мојот глас на избори, другото мојот живот за идејата. Значи, ако Македонија врие од демократи во душа и срце, тогаш, бујрум со проектот на јавна дебата! Зошто да не, може ќе прифатиме ново уставно преуредување, па и наше деноминирање, ако ни се изнесат добро фундирани издржани аргументи. Ама притоа мора да расчистиме кој каква улога одиграл во претходните децении. Нема повеќе да може за вакви теми СДСМ да ја скандализира јавноста и да се декласираат луѓето на партиска основа како што беше случај кога Васил Тупурковски „го продавал името за три милијарди долари“ со Љубчо Георгиевски, кој одамна тврдеше дека Македонија нема автентична историја, а па ни народ и се залага за промена на името, за размена на територии, или Доста Димовска, која јавно се залагаше за регионализација на државата со воведување нови институции. Ако таа програма ја презема и оживотворува токму македонската номинална левица, таа е должна тоа да го соопшти. Не е одржливо една политичка групација да се појавува и како егзекутор-диференцијатор и како реализатор на она што еднаш го осудил. Во тој миг секако ќе мора да си ја понесе одговорноста за претходните политики со кои нè замајувале. Оние што произведувале погрешна политика, устав со фабричка маана за кој претходно се колнеле дека е без никаква маана, оние што нè убедувале дека со нив сме на правиот и единствениот можен пат, оние што до вчера нè убедуваа дека со рамковниот устав е обезбеден унитарниот карактер на Македонија и со него биле исцрпени и најрадикалните албански барања, мораат конечно да се отчетат јавно пред нас, граѓаните на Македонија, што сме ги следеле верувајќи во нивната „визија“. Едноставно, не е здраво тие да очекуваат да им веруваме на жими мајка дека сега конечно знаат како да нè изведат на автопат, ако 18 години не шуткале по козји патеки.