Лавот ќе за'рже ако собере потписи
Хералдичарите децидни дека македонскиот земски грб од Белградскиот грбовник II може да биде добра основа за решението за државен грб на Република Македонија, зашто тој претставува еден од естетски најубавите илирски грбови на земјата Македонија
Иницијативата на ВМРО-Народна партија, земскиот грб на Македонија од 1620 година да го предложи за државен грб на Република Македонија, не ја вознемири политичката јавност. Партиите од власта и опозицијата и од македонскиот и од албанскиот блок ќе го почекаат прво конечниот исход од најавеното собирање 10.000 граѓански потписи, па дури потоа евентуално ќе ги градат своите ставови. Хералдичарите, пак, сецдецидни дека македонскиот земски грб од Белградскиот грбовник II може да биде добра основа за решението за државен грб на Република Македонија, зашто тој претставува еден од естетски најубавите илирски грбови на земјата Македонија.
Република Македонија е единствената земја од некогашниот источен блок, која се' уште во употреба го има стариот социјалистички грб, кој ни содржински ни концептуално апсолутно не ја изразува реалноста во која живее државата. За разлика од неа, сите некогашни членки на бившиот СССР и државите од Југоисточна Европа, со прифаќањето на плурализмот и демократијата, ги сменија своите државни симболи, меѓу кои и грбовите.
Дведецениското каскање е резултат на постојани идеолошки, политички и меѓуетнички несогласувања, но, пред се', на отсуство на вистинска желба и волја да се дојде до општоприфатлив консензус, што е суштинско прашање за политичките партии. А, кога станува збор за измени на државен грб, треба да се напомене дека има држави во кои за тоа прашање се спроведува референдум, зашто се работи за идентитетот не само на државата, туку и на нејзините граѓани. Злите јазици кај нас вулгарно забележуваат дека ни е потребно решение од типот три во едно - лав, сонце и орел.
Добра основа за решение
Јован Јоновски, претседател на Друштвото на хералдичари на Македонија, смета дека македонскиот земски грб од Белградскиот грбовник II може да биде добра основа за решението за државен грб на Република Македонија. Според него, тој е еден од естетски најубавите илирски грбови на земјата Македонија и ја претставува земјата, а не државата или народ.
- Народ не може да има грб, туку само држава или територија како нејзин составен елемент. Сепак, како таков, во изворна форма, тој не може да се аплицира, туку треба ликовно да се преработи и да се стандардизира во согласност со хералдичките правила и естетските критериуми, со верзиите за соодветните негови употреби. Лентата со натписот не е составен дел на грбот, туку е легенда својствена за грбовниците - вели Јоновски.
Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ се воздржани за иницијативата на „народњаците“. Велат дека со внимание ќе ги разгледаат сите иницијативи за ова прашање, како и ставовите на сите политички партии и во наредниот период ќе се произнесат за нив. Иста е реакцијата и во ДУИ. Потпретседателот Рафиз Алити вели дека својот став ќе го градат откако иницијативата ќе стане и официјално предлог и притоа не сака ништо да коментира за понуденото решение.
Од СДСМ велат дека не навлегувајќи во коментирање на конкретниот предлог, иницијативата на ВМРО-НП е легитимна. Но, според нив, ова прашање не е приоритетно и треба да се фокусираме на исклучително важните прашања за иднината на земјата со кои се среќаваме. Истовремено сметаат дека евентуалната иницијатива за донесување нов државен грб мора да биде покрената и водена на начин што ќе гарантира широк меѓупартиски и меѓуетнички консензус. Тие не се сигурни дека покренувањето ваква иницијатива од која било политичка партија може да го гарантира тоа.
Флора Кадриу од Нова демократија вели дека според партиските програма и статут, тие ја гледаат Македонија како рамноправна членка на НАТО и ЕУ и на европската цивилизација. Враќањето назад, според неа, ќе ни отвори многу непотребни теми како антиквизацијата, на пример, но и редица други. Напротив, нагласува Кадриу, треба сите заедно да гледаме и да одиме напред и да се залагаме за иднината на нашите деца. Притоа, таа не сакаше да коментира што значи враќањето назад, дали годината кога е регистриран земскиот грб, неговата содржина или воопшто или отворањето на прашањето за државниот грб.
Поле за надмудрувања
Државниот грб до ден-денес остана отворено прашање и поле за дневнополитички надмудрувања и натфрлања кој е поголем или помал Македонец, или поголем или помал патриот. Постојаното циклично тестирање на јавноста само потврдува дека никој не сака или не може сериозно да загризе. Во првиот собраниски мандат, по распишаниот конкурс на Уставната комисија се дојде до извесно решение. Беше избран стилизираниот лав произлезен од земскиот грб на Македонија од 1620 година подготвен од професор Мирослав Грчев. Писмена согласност за него дадоа сите пратенички групи со исклучок на тогашната ПДП.
- За жал, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се испокараа за сосема трета работа и иако предлогот влезе во собраниска процедура, пратениците завршија со мандатот, а точката за државниот грб не дојде на дневен ред - вели Тодор Петров, тогашен пратеник, кој имаше улога на линк и по препорака на Тито Петковски требаше да го излобира земскиот грб или македонскиот лав за државен симбол на Македонија.
Стлизираното решение на професор Грчев сега како свој амблем го користат Светскиот македонски конгрес и Агенцијата за спорт и млади. Петров во средината на 90-тите се обиде да собере 10.000 потписи и повторно да го врати лавот во игра, но во тоа не успеа и граѓанската иницијатива пропадна.
Во вториот парламентарен состав државниот грб ниту еднаш не беше предмет на расправа. СДСМ поради бојкотот на изборите од опозицијата, лагодно владееше и не се ни обиде самостојно да го реши прашањето. Во третиот парламентарен состав пратеникот од СДСМ, Николче Поповски, предложи да се редуцира изгледот на државниот грб со бришење на петокраката како идеолошка одредница. Но, и тоа не помина кај пратениците од другите пратенички групи. Забелешката, главно, се сведуваше на тоа дека не е во прашање само петокраката ѕвезда, туку целиот концепт на грбот, што е правен по примерот на бившите советски социјалистички грбови.
Последниот обид да се смени грбот датира од пред две години. Во пролетта 2007 година, Министерството за правда доби налог од Владата да подготви нов закон за државниот грб, кој повторно предвидуваше само отстранување на петокраката ѕвезда. И повторно експертските забелешки беа исти - спорен е целиот концепт, а не само социјалистичкиот симбол, односно петокраката.
Предраг Димитровски
А1