Ајде на здравје, Скопје
За изградбата на новите објекти и споменици во центарот на Скопје власта ќе потроши народни пари доволни за изградба на трамвајска мрежа и на градските автопати, кои се од извонредно значење за граѓаните на метрополата. Грубите пресметки покажуваат дека за изградбата на десетината објекти, споменици и за обновата на фасадите околу плоштадот Македонија ќе бидат потрошени 200 милиони евра.
Процените на инженерите и градителите, давани со години се дека 100 милиони евра ќе бидат потребни за да се изгради примарната сообраќајна мрежа, без која во 2020 година не само потесниот, туку и поширокиот центар ќе доживее тотален сообраќаен колапс. Толку пари би биле доволни и да се изгради поголем дел од планираната трамвајска мрежа, а ова се два значајни инфраструктурни проекта, кои реално ќе ја зголемат функционалноста на градот и ќе ги подобрат стандардот и секојдневното живеење на скопјани.
Забетонирани 200 милиони евра
Според информациите од Министерството за култура, кое учествува во дел од проектите за разубавување на центарот, за објектите што тие ги градат досега потрошиле 17,5 милиони евра, односно последниве три буџетски години 5,5 милиони евра се потрошени за обнова на Стариот театар, два милиона евра за изградба на Музејот на македонската револуционерна борба и 10 милиони евра за досегашната изградба на Филхармонијата. Се очекува дека за довршувањето и за внатрешното уредување на овие три објекти ќе бидат потребни барем уште 20 милиони евра. Изградбата на Уставен суд ќе чини 25 милиони евра, а на објектот на МНР - 13 милиони евра. Владата ќе гради уште два објекта на левиот брег, за Агенцијата за електронски комуникации и канонада од столбови, а двата хотела на плоштадот ќе ги гради приватен инвеститор. За надградба на Собранието со уште еден кат и три стаклени куполи ќе отидат 10 милиони евра.
За леење на спомениците досега Владата потроши 17 милиони евра, а во парите не се пресметани трошоците за постаментите. Овие 17 милиони се за спомениците на Александар Македонски, Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, цар Самуил, Јустинијан, Ченто и за четирите лава, а се' уште не е познато колку ќе чинат другите предвидени споменици, како обелискот во Паркот на жената-борец, гемиџиите, просветителите, Карпош и другите што беа презентирани. За изградба на мостот „Око“ се предвидени 1,5 милион евра, а за поставување на скулптури на неговата ограда Општина Центар ќе потроши 600.000 евра. Се очекува дека и Мостот на уметноста ќе има слична цена сосе скулптурите, околу 2 милиона евра. Не е познато колку ќе чини изработката на триумфалната капија, изградбата на фонтаната на плоштадот, обновата на фасадите. Но, грубите пресметки покажуваат дека за изградбата на објектите на плоштадот ќе бидат потрошени 200 милиони евра народни пари, а во оваа сума не се влезени изградбата на црквата „Свети Констатин и Елена“, чиј инвеститор ќе биде МПЦ, и трите хотела на плоштадот.
Според Општината Центар парите за реализацијата на проектите не се големи во споредба со користа што ќе ја има градот.
- Парите искористени за изградба на објекти и споменици изнесуваат 0,037 проценти од буџетот за 2007 година, 0,27 проценти од буџетот за 2008 година и 0,58 проценти од буџетот за 2009 година. За годинава за реализација на овие проекти се предвидени 0,5 отсто од буџетот, а сличен обем ќе биде инвестиран и во наредните години - велат во Општина Центар.
Нереален третман на реални проблеми
Не стивнуваат реакциите по презентацијата на новиот изглед на Скопје во 2014 година, кои ги преплавија интернет-форумите, страниците за дружење и блоговите. Позитивните коментари се движат главно во насока дека Скопје конечно ќе добие оформен плоштад и доизграден центар по примерот на европските метрополи, а негативните критики најмногу се однесуваат на естетската вредност на објектите, на неразумното трошење на парите, на пренатрупаноста на центарот, на скратената можност пред светот да излеземе со наша автентична архитектура наместо со копии итн.
- Не може мене некој Скопје да ми го направи град од кој ќе се срамам! Да не зборуваме што ниедна од овие згради не носи никаква продуктивност и не го олеснува живеењето на граѓаните. Како ова би придонело за подобар живот? Незамисливо и недопустливо е парите да се фрлаат на вакви работи при ситуација кога во Скопје нема јавен превоз, а градот се задуши во сообраќај. Зборуваме за десетици згради, мостови, фонтани и споменици, кои чинат неколку стотици милиони евра! - коментира *Андреј_Љ. на специјализираниот интернет-форум за градежништво и урбанизам *буилд.цом.мк.
Неговиот соговорник Архитектон додава дека тоа што подземните сообраќајници и трамвајот не нашле место во видеопрезентацијата, а има место за двокатниот автобус е трагедија сама по себе, што укажува на третманот што го има власта кон реалните проблеми во градот.
- Сакам да додадам дека е особено интересно што вакво извонредно видео, кое бара многу време за изработка, се лансира нецела недела по усвојувањето на последните измени на Детаљниот план за Малиот ринг. Значи, видеото ги има сите градежни маркички од последните измени, со разработени објекти во рамките на тие маркички. Или имаме ѕверови аниматори или некој веќе конечно треба јавно да каже дека се укинуваат урбанизмот и архитектурата - пишува тој.
И граѓаните што ги анкетиравме на плоштадот се незадоволни од енормното трошење народни пари.
- Да бидам искрен, ми се допаѓаат сите градби што ги предвидува Владата. Но, имам морална дилема, а тоа е кога гледам на телевизија дека луѓето немаат греење во болниците, кога за децата немаат место по градинките, кога пензионерите немаат пари ниту бонбонче да купат за внуците. За жал, нашата Влада не го гледа тоа - вели пензионерот Михајло Мишев.
Студентката Рада Стојановска смета дека граѓаните од другите делови на Македонија треба да се побунат, зашто се' се вложува во Скопје, а во другите градови, особено во источниот дел на земјава, има цели гратчиња без улици, вода, канализација.
- Потекнувам од едно гратче и искрено мака ми е да гледам како во Скопје никнува и се гради на големо, а моите блиски со години немаат работа. Одат во Грција амали да бидат, берат по плантажите или ги чистат апартманите по грчките летувалишта. Спомениците им ги наполнија џебовите само на уметниците, но со парите од сиромасите. Оваа држава не е социјална, не знам каква е - вели Стојановка.
Нов дух на просторот
Општина Центар, која изминатиов период служи како портпарол на проектите на Владата за Скопје, вели дека придобивките од овие проекти се нов имиџ на главниот град, физиономија карактеристична за европските цивилизации и квалитативни синоними за препознатливост.
- Во секој главен град централното подрачје изобилува со културно-историски споменици кои го епитетираат државно-правниот развој и етаблирањето на мапата на државите. Центарот и содржините кои ќе бидат конципирани во него ќе бидат синоним за распознавање на Скопје во светот. Најголем дел од туристите од странство ќе ги овековечуваат своите посети фотографирајќи се токму пред содржините во центарот. Со тоа, од друга страна, се обезбедува зголемување на интензитетот и фреквенцијата на туристи во центарот на градот - се вели во матетеријалите кои меѓу другото беа поделени од страна на Општина Центар за време на презентацијата на новиот изглед на Скопје.
Покрај ова, според Општината, придобивка е и обновувањето на голем дел од содржините кои од различни историски или природни причини биле уништени во различни историски фази, со што во исто време се врши и облагородување на центарот и комплетно пополнување на плоштадот.
- Тоа е израз на конструктивната и сериозна урбанистичка мисла. Скопје, засега е единствениот главен град во Европа во кој централното градско подрачје не е комплетно заокружено и пополнето. Новите објекти даваат нов дух и амбиент на просторот, со што на позитивен начин се подобрува перцепцијата за центарот, и општо перцепцијата за Скопје и Македонија - потенцираат општинските власти.
Во нивните поенти со кои го оправдуваат проектот се вели
дека се решава и горливиот проблем за соодветен работен простор за голем број државни институции.
- Досега голем број од државните институции немаа сопствени објекти и простории. Тоа предизвикуваше финансиски импликации. Во моментов за сите државни институции за кои се плаќа кирија, од Буџетот се издвојуваат околу 1,5 милион евра годишно - образлагаат од Општината Центар.
Оттаму сметаат дека со проектот „Скопје 2014 година“ значително би се зголемиле прометот и економската добивка за големиот број локали кои се наоѓаат во строгиот центар, а ќе се создадат и услови за отворање нови работни места.
Според општинските власти, се пополнува една значајна историска празнина во развојот на културно-уметничката и културно-урбанистичката мисла во Македонија.
- Во Скопје е скокната една голема историско-урбанистичка фаза, во која се чувствува отсуство на градби карактеристични за тој период на европската цивилизација. Сме биле под Отоманската Империја и под влијание на таа култура која има свои квалитети што ги почитуваме, но треба да го дополниме со изгубениот период, да направиме симбиоза од стилови. Во времето на Југославија, Скопје не бил приоритет при градбите, како што биле Белград или Загреб. Дополнително со земјотресот се уништија сите содржини што беа синоними за распознавање на градот. Во светот и денес се градат градби во овие стилови, зошто да не се градат и во Македонија.
(екипа на Дневник)
Со месеци без плоштадот
Од Општина Центар велат дека прават подготовки за дислокација на подземната инфраструктура за потребите за изградба на фонтаната на плоштадот Македонија. Тие не прецизираат колку пари ќе потрошат за овој зафат.
- За три месеци треба да заврши дислокацијата на подземната инфраструктура, а плоштадот ќе биде заграден се' додека се завршат сите градежни работи - велат во Општина центар.
Фонтаната ќе се гради цела година, а лизгалиштето на плоштадот ќе остане до април, што значи дека скопјани со месеци ќе останат без централното шеталиште.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=6BB02CFCFC29D047987801E9203E3D51
:не заебавај:
Овие не се со сите градот ќе колабира од сообраќај они се фатиле склуптури да градат што е следно наместо колектор за преработка и собирање на отпадни води ќе изградат лизгалиште на кое ќе се лизгаат луѓето 24/7