Odlicen komentar :
Коментар
Среќниот Александар
Секоја вечер, како дел од ритуалот за нејзино заспивање, мојата двегодишна ќерка бара да и' ја раскажам нејзината омилена приказна „Среќниот принц“. Еднаш во еден град, на централниот плоштад стоел споменик на еден среќен принц. Бил накитен со ливчиња од злато и со бесценети камења. Еден ден крај него поминала една ластовичка и кога го здогледала, си рекла дека споменикот би можел да и' биде згодно преноќиште. Се сместила на постаментот и само што не била заспала кога врз главата и' паднала капка. Се зачудила, зашто небото било ведро, а кога по неколку секунди уште една капка паднала врз неа, погледнала нагоре и, што ќе види - принцот плачел. Му летнала на рамото и го прашала зошто плаче. И рекол дека кога бил жив, живеел среќно во својата златна палата и не знаел што се тоа солзи, што е тоа грижа, а кога починал и кога го ставиле таму високо, на постаментот, можел да ја види сета сиромаштија и беда во неговиот град. Тогаш ластовицата му ја исполнила желбата да вади по еден скапоцен камен од неговата круна и да им носи на оние на кои најмногу им требало - на шивачката со тешко болен син, на девојчето што продавало кибритчиња, на студентот што немал пари за книги... Така принцот повторно станал среќен.
Секоја вечер кога ја раскажувам оваа приказна помислувам на огромниот споменик на Александар Велики што се готви да застане гордо среде плоштадот Македонија во Скопје. Скапоцените камења од општинските и државните буџети ќе блеснат на главата на Александар и тој ќе може од високо да гледа како живее републиката што го носи името на неговата голема светска империја. И што ќе види? Ќе види родители како со своите болни деца трчаат од болница во болница, од аптека во аптека, од матичен кон специјалист и обратно, со своите шарени рецепти ја бојат сивата неизвесност на - секогаш во некаква реформа - македонскиот здравствен систем, ќе види безброј Ромчиња што просат или продаваат кибритчиња, запалки, цигари, чадори, гуми за џвакање и разни други дреболии, ќе види студенти кои - наместо да учат во библиотеките - си ги врзале очите и протестираат против заузданиот јавен збор или против шенгенските ѕидови што се' повисоко се креваат околу нивната „мала, но достоинствена“ земја... Среќен ли ќе биде Александар? Не! Веќе можам да видам како неговите солзи капат врз главите на птиците вгнездени на големиот постамент.
Драги општински, градски, државни мајки и татковци, градоначалнички, министри, премиере, прочитајте ги уште еднаш внимателно приказните што некогаш ви ги раскажувале пред да заспиете. Не преспивајте ги добронамерните совети дека светската економска криза не е згодно време за споменици. Пред да го поставите грандиозниот споменик на Александар Велики во центарот на Скопје, усреќете ги живите луѓе и решете ги нивните проблеми. Ако сакате вашата приказна да се вика „Среќниот Александар“, заменете ја грижата за мермерните, бакарните и восочни фигури со грижа за фигурите од крв и месо, потрошете ги скапоцените камења од нашите даноци за болници, лекови, училишта, градинки, спортски игралишта, фабрики, патишта, библиотеки, книги...
Ако не заради нас, граѓаните, направете го тоа за Алексадар. Сигурно не сакате да го гледате везден како плаче пред два милиона луѓе и како се срами што тој е богат и гламурозен, а ние сиромашни и бедни. Добротворните ластовички постојат само во бајките, во реалноста - одговорноста е ваша!
Сашо Кокаланов
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=19695CC4EDCC0F4090BD11CBEED3F052