Да зборуваме за темата:
ВО КАНДЗИТЕ НА БЕЛГРАД
По одржувањето на првите повеќепартиски избори, во ноември 1990 година, на 8 јануари 1991 се конституира првото повеќепартиско собрание на Социјалистичка Република Македонија (одредницата 'социјалистичка' ќе биде избришана дури во јуни 1991) и притоа ќе се избере Стојан Андов за прв претседател на парламентот, а на 27 јануари 1991, Собранието со мнозинство на гласови за претседател на државата ќе го избере Киро Глиговор. Поради познатите интриги и сплеткарења на СДБ и Глигоров за изигрување на ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија на првите избори, иако со големо задоцнување, најпосле на 20 март 1991 ќе се избере и првата Влада на СРМ, на чело Никола Кљусев како премиер.
Со тоа, после пет месеци од завршувањето на изборите, конечно ќе се заокружи процесот на конституирање на носителите на законодавната и извршната власт, по што се наметна потребата да се изврши и соодветно уредување на организацијата и начинот на работата на т.н. пониски нивоа на власта, а во тие рамки и етаблирање на 'нова' Служба за државна безбедност. Според уставната поставеност на државната организација на власта, СДБ во тоа време формално правно влегува во делот на т.н. пониски ешалони на власта како орган на државната управа во состав на Министерството за внатрешни работи. Но, со оглед на реалната моќ на СДБ, јасно е дека интересот за контрола на овој 'невидлив' и таен центар на моќ, со доминантно влијание во севкупните процеси, е практично неспоредлив со другите државни органи од т.н. пониски ешалони на власта.
Во овој контекст, Глигоров и не ја крие заинтересираноста да ја има под целосна контрола СДБ. Прв чекор во оваа насока беше назначувањето на свој човек, кој ќе ја раководи тајната полиција, иако од формално-правен аспект претседателот нема ингеренции при назначувањето на нејзиниот раководител. Но, бидејќи во реалноста уставната поставеност на носителите на власта почнува полека да се изместува во корист на Глигоров, кој со тек на време ќе стане и доминантен центар на моќ во Македонија, тој на релативно лесен начин ќе ги издејствува посакуваните кадровски промени во СДБ и за прв човек ќе го постави Слободан Богоевски, како човек од негова најголема доверба.
Инаку, Богоевски во неодамнешното интервју за еден неделник ќе изјави дека во неговата работа имал извонредна помош од своите пријатели-припадници на разузнавачките служби од поранешна Југославија (читај КОС од Белград). Ако се има предвид фактот дека разузнавачките служби по природа се непријателски настроени и нивните погледи отсекогаш се свртени едни спрема други заради пермаменто меѓусебно шпионирање, без оглед на тоа што нивните држави се во добри пријателски односи, а во контекст на веќе пишуваното и за релациите на Глигоров со безбедносните структури во Белград, се дополнува сликата за природата на овие 'пријателски односи' со други служби. Дотолку повеќе што во тоа време Македонија и СРЈ барем формално се две засебни држави со свои 'посебни' служби за државна безбедност. Иако Богоевски несвесно открива одредена димензија на релациите со безбедносните структури од Белград, сепак познато е дека подсвеста е многу интересна работа и всушност преставува скриена вистина.
Значи, со промената во врвот на СДБ е остварена уште една етапа во стратегијата за непречено практицирање на власта од Глигоров, а останатото е само тактика и техника на постапување. Во таа насока, без никакви проблеми ќе биде пополнета оперативната хиерархија на тајната полиција, со назначување на посакуваните лица за раководители на клучните управи на службата, и кои безпоговорно ќе ги извршуваат доверените задачи. Истовремено процедурата за назначување на првиот човек на СДБ открива и друга интересна димензија. На општо изненадување, изборот на новиот потсекретар на државната безбедност консензуално ќе биде прифатен од сите политички партии без оглед на меѓусебните интриги, подметнувања, жестоки политички раправи и лични навреди и дискредитации во првиот македонски парламент.
Контроверзата е уште поголема ако се знае дека на севкупниот политички консензус ќе му се приклучи и Партијата за демократски просперитет, како единствена партија на албанското малцинство во тоа време. Ваквиот став на ПДП е уште поголемо изненадување ако се знае дека нивните пратеници имаа жестоки дискусии за мошне 'периферни' теми, а во случајов без поголем отпор се согласија за назначување на потсекретарот на СДБ, кој занаетот го учел и се обучувал во т.н. школа на КОС во Белград, а од друга страна познати беа нивните декларативни реакции и аверзијата на се што доаѓа од Белград. Врз одлуката на ПДП да се согласи со именувањето на новиот потсекретар силно влијание ќе има извесен А.Р. од село Арачиново, кој, пак, за возврат, со знаење на Глигоров и логиситиката од СДБ, ќе израсне во еден од најголемите бизнисмени со кафе алкохол и други акцизни стоки. Во знак на благодарност СДБ ќе му овозможи на ова лице од Арачиново непречено да прави огромни профити.
Но, откако во еден момент ќе се 'занесе' и ќе задржува за себе повеќе од дозволеното, веднаш ќе се реагира од страна на тајната полиција со ставање на овој 'бизнисмен' под оперативен третман, преку заведувањето на оперативната акција 'Златар'. Откако ќе се документираат потребните сознанија, спрема ова лице ќе биде применета мерката 'расчистување', по што работите повторно ќе се доведат во нормален тек и високите профити што ги остварува А.Р. продолжуваат пак да се делат на веќе договорените нивоа.
Откако Службата за државна безбедност ќе ја воспостави целосната контрола врз се што евентуално би можеле да продуцира несакани нарушувања во практикувањето на апсолутната власт на претседателот, Глигоров дава виза дека СДБ треба во својата работа да дејствува со сите оперативно-технички средства и мерки кои и стојат на располагање при секојдневното извршување на задачите во 'безбедносно-интересните' средини на теренот. Бидејќи позначајна 'безбедносно-интересна' средина претставува и ВМРО-ДПМНЕ, се заклучува дека е потребно нивно 24-часовно опсервирање, па речиси уште од самото основање партијата ќе биде под целодневен оперативен третман на СДБ.
Во оваа насока, потсекретарот го потпишува решението за заведување на ОА 'Дувло', во чии рамки ќе се примени тајно видеоснимање на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Во таа смисла, во една од собите на Хотелот 'Турист' со поглед кон седиштето на партијата, ќе биде инсталирана камера за да ги регистрира секојдневните посетители во партијата и, следствено на ова, по претходна селекција и извршени оперативни обработки за селектираните лица, СДБ прави продор и врбување за соработка, најчесто на материјална и компромитирачка (заканувачка) основа. Новодобиените соработници се пласираат и вградуваат во структурата на 'противникот', во случајов ВМРО- ДПМНЕ. Првично, тајното видео снимање на седиштето на ВМРО- ДПМНЕ ќе биде одобрено како привремена мерка (7В), за подоцна да премине во трајно (9В).
Во овие петнаесетина години, оперативно-техничките средства и мерки се применувани врз огромен број граѓани, а познато е дека и тогаш и денес нивната примена во работата на СДБ се уште е противуставна, што значи дека во Македонија се вршени флагрантни прекршувања на човековите права гарантирани со Уставот. Притоа ниту еднаш не слушнавме некој за ова да побара одговорност. Башка што и раководството на хотелскиот синџир, во чиј состав е и 'Турист', не може без валиден судски налог да дозволи во своите простории инсталирање на технички средства, но за ова сепак постојат оправдани причини, бидејќи тоа е време во кое буквално сите се во една 'братска' разузнавачко-кодошка заедница.
По воспоставувањето целосна контрола врз т.н. внатрешен непријател, централата од Белград ќе побара од својот разузнавачки центар, СДБ во Македонија, да изврши прибирање на одредени разузнавачки податоци поврзани со дејствувањето на американската ЦИА и другите западноевропски служби кои дејствуваат на територијата на Македонија, бидејќи во тоа време овие разузнавачки служби на теренот се противници со 'нашата' СДБ и политичкото водство на Македонија кое се уште е на врска со северниот сосед.