Македонцки
мадрфакр
- Член од
- 23 ноември 2007
- Мислења
- 4.281
- Поени од реакции
- 635
Бугарија со закон ќе го избрише ОМО Илинден-Пирин!
Автор: Александар С. Димковски
Со новите законски измени што се во собраниска процедура во Бугарија се бара ОМО Илинден-Пирин да има воспоставено партиски разграноци во најмалку 2/3 од општините во државата, односно да има седишта во најмалку 176 општини. Со ова на партијата на македонското малцинство во Бугарија ѝ се заканува опасност целосно да биде избришана од политичката карта на Бугарија.
- Ова е невозможен услов. Предложените промени на секој можен начин ја засегаат нашата партија и имаат цел нејзино дефинитивно исфрлање од политичкиот живот со „законски средства“ - вели Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден-Пирин.
Со новите мерки само политичките партии што освоиле повеќе од 1 процент од вкупниот број гласови на парламентарните избори можат да учествуваат на локални избори. Оние партии што двапати по ред нема да успеат да ја поминат оваа бариера, се забрануваат.
Со новите законски мерки ќе се зголеми и прагот од досегашните 5.000 члена за регистрација на партија.
По сè понагласениот притисок на меѓународната заедница за признавање на партијата и пресудата на судот од Стразбур во полза на ОМО Илинден-Пирин, бугарските власти изгледа се свртеа кон друг рецепт: со промена на законите партијата да се исфрли од игра.
За ваквите законски промени партијата реагирала на повеќе места.
- Испративме писма до странските амбасадори во Бугарија и го изложивме нашиот случај. Сега ги очекуваме нивните реакции - вели Стојков.
Партијата на македонското малцинство во Бугарија е регистрирана уште од 1999 година, но веќе следната година се соочи со судска забрана за што поднесе жалба и пред Судот во Стразбур. Во 2005-та Судот пресуди во корист на ОМО Илинден-Пирин и им наложи на бугарските власти да дозволат регистрација и нормално дејствување на партијата. Тоа досега не се случи.
Во последните две години две нови барања за пререгистрација се отфрлени од страна на бугарските судови и партијата остана нерегистрирана.
Заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија Љубомир Кјучуков за „Нова Македонија“ изјави дека проблемот со ОМО Илинден-Пирин е од правен, а не од политички карактер. Борис Борисов, градоначалник на Софија и лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), неодамна во интервју за „Дневник“ нагласи дека прашањето за ОМО Илинден-Пирин и борбата за регистрација не ги смета за значајни.
- Ова прашање воопшто не е важно и мене не ме интересира - изјави Борисов.
Од ОМО Илинден-Пирин се изненадени од ваквиот став на еден од највлијателните луѓе во Бугарија и кандидат за иден премиер.
- Ние не сме значајни и не се сметаме за такви. Но проблемите што ги поставуваме и проблемите што ни ги прави државата се многу значајни - велат од партијата на македонското малцинство. Жално е што демократските претставници во Бугарија не осознаваат колку признавањето на македонското малцинство е важно за демократизацијата на државата. Тоа може да придонесе за чистење на државата од паразитите на комунистичките служби за безбедност, од кои повеќето случајот го користат како параван и оправдание за „борба против македонизмот“, смета претседателството на ОМО Илинден-Пирин.
Пресудата од Стразбур не е спроведена и по три години
Обединетата македонска организација Илинден-Пирин е политичка партија што ги брани правата на македонското малцинство во Бугарија. Како таква официјално е регистрирана во 1999 година. Една година потоа партијата е забранета со одлука на Уставниот суд на Бугарија. Во 2005 година Европскиот суд за човекови права пресуди дека забраната на партијата значи прекршување на членот 11 од Европската конвенција за човекови права. Оттогаш до денес поминаа повеќе од три години, но бугарските власти сè уште не ја спровеле пресудата на Судот од Стразбур.
Во последните две години две нови барања за пререгистрација се отфрлени од страна на бугарските судови и ОМО Илинден останува нерегистрирана партија.