Средношколци незадоволни од воведувањето екстерно оценување на крајот на учебната година, претпладнево се собраа на протест пред Министерството за образование и наука.
Тие бараат укинување на законската одредба. Според измените на Законот за средно образование, на крајот од учебната година учениците ќе бидат оценувани со национални стандардизирани тестови на Бирото за развој на образованието.
„Министерството за образование и наука го спроведува Законот. Главна цел е да се оцени објективноста на наставниците и дали реално го оценуваат знаењето на учениците“, изјави за МИА, портпаролката на МОН Маја Корубин.
Законските измени предвидуваат по сумирањето на резултатите од екстерното оценување, на крајот на годината да се направи ранг-листа на наставници кај кои се утврдени големи отстапувања во оценувањето, т.е. ако нивната оценка варира за две оценки од онаа што ученикот ќе ја добие на тестот.
На дваесет отсто наставници кои ќе бидат на врвот на листата платата во наредната учебна година ќе им биде намалена за десет отсто, а наставниците, пак, кои давале реални оценки и за кои тестовите нема да покажат големи отстапки ќе бидат наградени со 15 отсто.
Предвидено е со екстерното оценување да бидат опфатени и учениците од четврто до осмо одделение.
Учениците ќе бидат тестирани само еднаш и само по еден предмет, но се уште е во подготвка правилникот со кој ќе биде прецизирано по кои предмети ќе има тест, дали учениците ќе може да избираат предмет за тестирање и кога најдоцна треба да бидат информирани.
Учениците кои се противат на одлуката протестите ги почнаа во петокот. Тие се незадоволни зашто не знаат за што да се подготвуваат и стравуваат дека на крајот на годината ќе мора одново да го учат материјалот за кој еднаш биле оценети.
Новата одлука за екстерно оценување Министерството ја правда со потребата за реално вреднување на работата на учениците, зашто во училиштата неретко има притисок и трка по високи оценки кои се само нумерички, а не и објективен одраз на нивното знаење.
извор