Американски снајперисти го ослободија капетанот на бродот грабнат од пиратите
Операцијата беше овластена од претседателот Обама, изјави висок официјален претставник на морнарицата
При реална „непосредна опасност“ за животот на капетанот од Вермонт, на товарниот брод пресретнат во близина на брегот на Сомалија, снапјеристи од воената морнарица вчера убија тројца пирати кои го држеа како заложник на чамецот за спасување. Операцијата беше овластена од претседателот Обама, изјави висок официјален претставник на морнарицата. Еден пират бил забележан како со првите знаци на вечерта го вперува оружјето „АК-47“ кон капетанот Ричард Филипс кога командантот на „УСС Бејнбриџ“ им издаде наредба на снајперистите на разорувачот да отворат оган кон чамецот за спасување кој плови во Индискиот Океан, изјави на конференцијата за печатот вицеадмиралот Вилијам Е. Гортни.
Откако информацијата била пренесена низ светот, пријателите на капетанот, членовите на неговото семејство и екипажот од водите во близина на Сомалија до базата „Маунт Мансфилд“ во Вермонт вчера го прославуваа неговото спасување со извици, солзи и пробивни звуци од сирените на бродот. Гортни, командантот на американската централна команда на поморските сили, изјави дека Белата куќа дала „многу јасно упатство и овластување“ за армијата да преземе акција ако животот на Филипс е доведен во опасност.
Педесет и тригодишниот капетан беше на кормилото на 15-на метри големиот товарен брод „Маерск-Албама“ кога пиратите го нападнаа невооружениот брод натоварен со храна, чија крајна цел беше Кенија во раните утрински часови во средата минатата недела на повеќе од 50-ина км од брегот на Сомалија. Филипс и неговиот 20-член екипаж го осуетија заземањето на бродот, меѓутоа пиратите го зедоа него како заложник и наводно барале два милиона долари за откуп. Филипс мина речиси пет дена во мал брод за спасување под жешкото сомалиско сонце пред морнарицата да го ослободи вчера во околу 19,20 часот по локално време или во 00.20 часот во Нова Англија, каде што семејството и пријателите со нетрпение очекуваа вести во студената, но сончева велигденска недела.
Неговиот екипаж го нарече херој, а Обама, кој вчера разговараше со Филипс и со неговата сопруга, изјави дека капетанот е „пример за сите Американци“. Меѓутоа, Филипс сите заслуги ги упати кон воената морнарица. „Јас сум само име. Вистинските херои се воената морнарица, специјалната единица ’Фоки‘, оние кои ме донесоа дома“, изјави Филипс во телефонскиот разговор со Џон Рајнхард, според зборовите на претседателот и извршен директор на „Маерск-Лајн лтд.“. Во видеозаписот објавен во морнарицата веселиот и насмеан Филипс им се заблагодарува на американски официјални лица на бродот „УСС Бејнбриџ“. Тој потоа од разорувачот беше префрлен на „УСС боксер“, амфибиски брод за напад долг 25 метри, за да му се изврши лекарски преглед. Гортни изјави дека Филипс бил во добра здравствена состојба и нема видливи повреди, покрај тоа што бил „врзан во чамец за спасување“, поголем дел од своето тешко искушение. Минатата вечер беа направени последните подготовки за враќањето на Филипс дома во Вермонт.
Кон крајот на минатата недела, Филипс се обиде да избега. Тој нурна во студените води во обид да стигне до „УСС Бејнбриџ“, меѓутоа се врати во чамецот за спасување откако пиратите отворија оган кон него, додека, пак, во саботата беше сведок на настан кога пиратите одвратија патролен чамец на морнарицата, отворајќи оган кон него.
За време на викендот, кога на пиратите почна да им снемува храна и вода, беа испратени одредени залихи кон чамецот за спасување, со мал чамец од „УСС Бејнбриџ“. Еден пират, кој се здоби со длабока исеченица на раката кога Филипс беше земен како заложник, побара лекарски третман и бил однесен на „УСС Бејнбриџ“. Официјален претставник на департментот за правда за Си-Ен-Ен изјави дека федералното обвинителство ќе го разгледа случајот за да утврди дали тој пират ќе биде судски гонет во САД.
Вчера кога на пиратите почна да им снемува гориво, тие прифатија да бидат влечени од „УСС Бејнбриџ“. Со паѓањето на ноќта, снајперистите од „УСС Бејнбриџ“ забележале двајца пирати делумно како се појавуваат од настрешницата на чамецот за спасување и преку прозорецот забележале како третиот пират нишани кон Филипс, кој бил врзан. Тоа бил моментот кога снајперистите, опремени за ноќно гледање, ги убиле тројцата пирати.
Откако се дозна информацијата за спасувањето на Филипс, членовите на неговиот екипаж од „Марск Алабама“ се радуваа на веста. Тие го развиорија американското знаме на оградата на бродот и истрелаа неколку црвени сигнали ракети кон небото. Во Борн, каде што се наоѓа
Поморската академија во Масачусетс беше прославено ослободувањето на Филипс, дипломец од 1979 година, со бродските сирени на „УСТС Кенеди“, неговиот брод за обука, и одекнаа ѕвоната на „Блин Хал“ на крајот од каналот Кејп Код.
Во Андерхил, место во Вермонт каде што капетанот живее со својата сопруга Андреја, неколку члена од неговото семејство излегоа од своите куќи со насмевка на лицето, но не дадоа коментар. Откако заврши нивното бдеење, тие се прегрнаа на ветровитото време, одделени од медиумите само со ограда од бели колци обвиткани со жолти ленти. Преку портпаролка, Андреја Филипс им се заблагодари на спасувачите за нивната работа и на нацијата за поддршката и молитвите. „Ова е навистина многу среќен Велигден за семејството Филипс. Андреја и Ричард разговараа и мислам може да си ја замислите нивната радост и колку среќен момент беше тоа за нив“, вели Алисон Мекол од пред куќата на Филипс. „Тие се многу среќни и смирени. Андреја побара од мене да ви кажам дека вашите молитви и добри желби беа ислушани, бидејќи капетанот Филипс е безбеден“.
Во Момбаса, Кенија, каде уште од саботата е закотвен „Маерск-Алабама“, ФБИ го третира бродот како место на злосторството и го задржа екипажот за да го испраша во врска со првиот напад на пиратите во поновата историја врз брод, кој плови под американско знаме. Десетина члена на екипажот излегоа на палубата за да разговараат со новинарите. „Успеавме“, изјави А.Т.М. Реза, член на екипажот од Вест Хартворт, Конектикат, кој вчера и' се јави на сопругата за да и' каже дека размислува за промена на кариерата. („Бостон глоуб“)
Пиратите најавија одмазда за тројцата загинати
Сомалиските пирати ветија дека ќе се одмаздат за смртта на тројцата нивни колеги кои настрадаа од снајперистите на американската воена морнарица. Во храбар ноќен напад беше ослободен капетанот на американски товарен брод Ричард Филипс, кој пет дена беше држен како заложник на чамец за спасување во близина на брегот на Рогот на Африка. Еден од пиратите за Асошиетед прес изјави дека „во иднина Америка ќе биде таа што ќе тагува и плаче“.
На прашањето околу стравувањата дека ликвидацијата на тројцата пирати би можело во иднина да доведе од понасилни конфронтации со пиратите, вицеадмиралот Бил Гортни, командант на Петтата флота на американската морнарица, во неделата пред новинарите во Пентагот одговори „Да. На секоја акција има втор и трет ефект на наредбата. И ова би можело да предизвика ексалирање на насилството во овој дел од светот. Нема сомневање околу тоа“.
Адмиралот Гортни, исто така, изјави дека капетанот Филипс бил во „непосредна опасност“ кога американските војници ги застрелале тројцата вооружени пирати кои го држеа како заложник на чамецот за спасување во Индискиот Океан. Додека еден од четворицата пирати кои го држеа капетанот Ричард Филипс (53) преговараше на бродот ’УСС Бејнбриџ‘ припадниците на специјалните сили од истиот брод го забележале Филипс како се преместува на една страна од чамецот за да се ослободи“, изјави висок американски официјален претставник. Во тој момент војниците ја виделе нивната можност и ги убиле тројцата пирати во чамецот за спасување.
Специјалните сили беа на местото на настанот и имаа дозвола да реагираат „во крајна нужда“ како резултат на одобрувањето од претседателот Обама по препорака од неговите највисоки воени советници. Во времето на пукотницата, снајперистите имале чиста цел на тројцата пирати, па симултано отвориле оган врз нив, открива друг американски официјален претставник. (Еј-Би-Си њус)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=F92579740982984C9BD960A399C6BA8A