``ШТИПСКА ФИРМА ГО ОСПОРУВА ТЕНДЕРОТ на Министерството
"Мапроком" судски ќе се бори за кантините
Министерството го прекршило Законот за јавни набавки и избрало штетна понуда, тврдат во " Мапроком"
Штипската фирма "Мапроком" ќе го тужи Министерството за одбрана оти на тендер за изнајмување на војничките кантини одбрале понуда за осум пати пониска кирија. Фирмата испратила и отворено писмо до премиерот Бранко Црвенковски, со кое го повикува да го испита случајот, а ќе ја извести Антикорупциската комисија, ќе побара собраниска анкетна комисија и заштита на законитоста. Министерството за одбрана смета дека тендерот бил регуларен, а "Мапроком" немал најповолни понуди.
- На тендерот е одбрана понуда која нуди 50 отсто пониска плата за вработените и од 500 до 800 отсто пониска закупнина од мојата. Ние конкуриравме за објектите во пет касарни и понудивме бруто плата од 15.000 денари за вработените, асортиман на производи, планиравме нови вработувања, и понудивме закупнина од просечно 25.000 денари за објект. Избраната понуда нудеше плата од 10.000 денари и 3.600 денари за закупнина - тврди Ристо Боболковски, управител на "Мапроком АИ" од Штип.
Тој тврди дека Министерството во случајот со изнајмување на кантините го прекршило Законот за јавни набавки и избрало пониска, штетна понуда. Според него, избраната фирма воопшто не поднела документација на јавното отворање на понудите, за што ќе ја извести и Антикорупциската комисија.
Во Министерството пак, тврдат дека понудата стасала за време на читањето, а тоа го констатирала и владината комисија. Според нив, "Скопска пивара" понудила 10.000 денари за нето, а не за бруто плата, и затоа по тој критериум добила повеќе бодови.
Боболковски упатил отворено писмо до премиерот Црвенковски, со кое бара тој лично да го испита случајот, бидејќи владината Комисија за жалби по јавни набавки на 26 декември ја одбила жалбата на "Мапроком".
Штипската фирма била прворангирана на тендерот за кантината на полигонот Криволак, но добила помалку бодови на тендерите за други четири кантини.``
дневник
http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=2352&stID=27691