ВО ОБИД ЗА СПАС НА ВАРДАР
„Комитите“ бараат ново раководство Здружението на навивачи на Вардар „Комити - запад“ одржа основачко собрание на Одборот за спас на клубот, под мотото „Вардар - тоа сме ние“. На основачкото собрание присуствуваа поранешните фудбалери на Вардар, Дарко Панчев, Васил Рингов, Пепи Георгиевски, Драган Мутибариќ, но и личности од јавниот живот на Скопје, меѓу кои Игор Џамбазов, Мики Црнокрак...
- Не сакаме никого да избркаме од клубот, па ни сегашниот спонзор. Сакаме само да ги средиме работите во клубот и да привлечеме нови спонзори и луѓе што ќе знаат како да работат. Многупати на оваа тема сум разговарал со спонзорот Слободан Вујчиќ-Брацо, кој во принцип не е против целата работа - изјави Панчев. Како причини за ваквиот потег, „Комитите“ го наведоа неодржаното собрание на клубот и дуализмот во власта меѓу Слободан Вујчиќ-Брацо и неговиот деловен партнер Борче Ристевски, блокираната сметка на клубот, лошо менаџирање и распродажбата на играчи на директните конкуренти. „Комитите“ побараа расчистување на односите, заминување на актуелната управа и формирање нова, од луѓе што го сакаат клубот и знаат како да го раководат. Одборот ги повика надлежни државни институции, почнувајќи од Финансиската, Трудовата, Пазарната инспекција и сите други инспекции да се вклучат во расчистување на односите во Вардар. Првиот чекор е бојкот на натпреварите кои Вардар ги игра дома и на гости. Разговори и преговори со актуелната управа нема да има се додека не биде свикано собрание на клубот.