Во Грција се уште постои дискриминација кон малцинствата. Ова Македонците во Грција синоќа им го соопштиле на претставниците на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ).
Од партијата на македонското малцинство „Виножито“ укажале дека во изминативе пет години не се спроведени препораките на Комисијата од последниот извештај за Грција.
Веќе 10 години грчките судови одбиваат да ја регистрираат невладината организација „Дом на македонската култура“ и покрај одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Грција како држава и грчкото судство воопшто не ги почитува правата на македонското малцинство, дури ни европските принципи и органи, како што е судот за човекови права во Стразбур“, изјави Павле Воспокулос, „Виножито“.
Во последниот извештај за Грција, на грчките власти им беше препорачано да им овозможат на Македонците слободно да се организираат и изразуваат, да се казнат сите случаи на дискриминација и да се отвори дијалог со македонското малцинство за надминување на тензиите.
Се очекува по оваа посета на претставниците на Советот на Европа, Грција повторно да добие негативен извештај од Комисијата.