Што е идолопоклонство ,а што се иконите?
Што е идол?
-Тоа е предмет или лик,изобразување на предмет или создание небеско,земно или водно,кому луѓето му се поклонуваат или му служат како на бог.На пр.теле,бик,човек,предмет,измислено битие,и сл.или пак да ги споменеме современите идоли на страстите,како што се: славољубието,гордоста,парите-среброљубието (Кол.3,5), „чревоугодието“ (Фил. 3,19) и разни идоли во спортот,политиката,музиката,филмот,глумата,модата,техниката,техничките изуми и сл.
Дали почитувањето на светитте икони и светите мошти не е идолопоклонство?
Не,никако!Светите икони и светите мошти не се ниту идоли,ниту богови и иконопочитувањето не е идолопоклонство,ниту нарушување на втората Божја заповед од Декалогот.Ние ги почитуваме како благословена претстава на живиот Бог,на светите ангели и на светителите.
Зборот „икона“ е грчки израз и значи „лик„.Во Православната Црква со ова име се наречени светите ликови на Бога,Спасителот наш Господ Исус Христос,Неговата Пречиста Мајка- Пресветата Богородица и Светителите.Почитувањето и употребувањето на светите икони би било спротивно кога ние би ги обоготворувале иконите.Но,светите икони се исто што и светите книги,само напишани со бои,наместо со букви (Свети Григориј Богослов).Светата Црква го востановила иконопочитувањето на Седмиот вселенски собор.За иконопочитувањето и оконопоклонувањето многу свети отци маченички пострадале од еретиците-иконоборци.
Верникот,кога се поклонува пред светата икона,во својот ум го гледа Бога или светителот што е претставен на иконата,а не самата икона.Ние не се молиме на дрвото,на штицата,платното,кожата,хартијата или на бојата-не на материјалот од кој е направена иконата,туку со умот и срцето му се обраќаме на ликот кој е претставен на неа.Целивајќи го ликот претставен на светите икони,ние со мислите го целиваме вистинскиот светител,кој е вистински жива,света личност во небесната Црква и се молиме да биде наш застапник пред Бога.
Во нашево време,се обновува и шири погрешното учење на разни секти,дека не треба да ги почитуваме светите икони,светите мошти,светителите и светиот Крст.Тоа е погрешно и нецрковно учење.Оваа негативна забелешка против иконопочитувањето ја даваат сектите.Светите икони не се идоли и нисното почитување не се противи на втората Божја заповед.Иконопоклонувањето не е идолопоклонство,туку вистинско христијанство.Црквата Христова не е идолопоклоничка.
Токму Светото Православие ги исфрли идолите од Балканскиот полуостров.Христијанството ги очисти Атина и Рим од идолските кипови и храмови.Тоа ги исфрли идолските „богови“ Јупитер,Дијана во Ефес,Астратот во Вавилон и Изид во Египет.Перун го симна од Киевскиот рид и го фрли во Дњепар,отфрли се што било многубожечко и идолско во Азија,северна Африка и Европа.Сето тоа го уништила Светата Црква Христова,давајќи милиони жртви-свети маченици за верата во вистинскиот Бог.Како што денот е различен од ноќта,така христијанските свети икони се различни од паганските идоли.Идолите се кипови на измислените и вообразени битија,а на светите икони се претставени светителите кои навистина живееле на овој свет и со својата вера Го прославиле Христа на земјава,а се удостоиле со Царство Божјо на небото.
Ние само на Бога Му се поклонуваме и Му служиме,а светителите ги почитуваме како личности кои со своите дела на земјава го прославиле Бога,па и Бог нив ги прославил,така што и преку нив,преку нивните свети мошти и икони,ја излива Својата милост кон нас,преку разни чудотворства.
Првата икона со ликот на Господа Исуса Христа,Бог ни ја дал на чудесен начин.Тоа се случило кога Господ Исус Христос одел низ Ерусалим носејќи го крстот кон Голгота,каде што требало,според пресудата,да биде распнат,да пострада и да умре заради нас и нашето спасение.Низ луѓето,една жена сожалувајќи се,Му пришла,и Му подала крпа од бело платно за да си Го избрише испотеното лице.Спасителот,кога Го избришал Своето Божјо лице,на платнената крпа останал Неговиот Неракотворен лик.Затоа оваа икона се вика Неракотворен Христов лик.Тој на чудесен начин го оставил Својот лик како образец за Неговиот Богочовечки иконографски лик.Тоа платно и денес се чува.
„Пазете се од лажните пророци,кои доаѓаат во овча кожа,а однатре се волци грабливи.По нивните плодови ќе ги познаете.Се бере ли грозје од трње,или смокви од чичка?Па така,секое добро дрво дава добри плодови,а лошо дрво дава лоши плодови;неможе добро дрво да дава лоши плодови,ниту лошо дрво да дава добри плодови.Секое дрво,што не дава добар плод,го сечат и фрлаат во оган.И така,по нивните плодови ќе ги познаете.“( Матеја,7,15-20)