Иванов и Заев се согласуваат за референдум за името по постигнат компромис
Новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов и в.д. лидерот на СДСМ, Зоран Заев разговарале на денешната прва заедничка средба за градење на заедничка државна стратегија во преговорите за името со јужниот сосед. Двајцата се согласиле за референдумско изјаснување по постигнување на договор со Грција.
“Ќе настојувам да биде опозицијата информирана за сето она што нас ќе не информира нашиот преговарач. Опозицијата да биде во тек со преговарачкиот процес и со сите варијанти како настојуваме да го завршиме тој процес во корист на државата. Во интерес на сите е да го изградиме она што се нарекува државна стратегија во однос на преговорите и удел во тоа морат да имаат сите во државата“, изјави Иванов.
Заев по средбата рече дека опозицијата стои на располагање за сите важни прашања, се со цел брзо решавање на проблемите.
“Отворивме важни прашања, целта е да се обидеме да градиме заеднички концензус по важните национални прашања. Среќен сум за тоа што има напредок од тоа што беше од посебни лидерски политички средби во делот на најважното прашање, за изнаоѓање на решение на проблемот со името. Стоиме на располагање како опозиција по сите важни прашања да учествуваме, и постигање на важните цели, тоа е членството на НАТО и добивање на датумот за преговори со ЕУ“, истакна Заев.
Според него за СДСМ е прифатливо име со географска одредница, како замена на референцата ФИРОМ, со гаранција за Уставно име, национален идентитет, јазик, тоа е разумниот компромис.
“Се согласуваме со референдумско изјаснување се разбира после постигнат договор меѓу Македонија и другата страна, а тоа е Грција. Се разбира при заедничко формулирање на прашањето референдумско, се надеваме дека опозицијата ќе биде вклучена да го дадеме нашиот придонес“, подвлече Заев.
Автор на веста: Нетпрес