Еве ви го ставот на Фрчкоски за владеењето на Груевски. Текстот е од вчера објавен во ДНЕВНИК:
Колумна
Болниот од Балканот
Дефиниција на она што ни се случува е дека нашата демократија е пред колапс - соочена со корпоративна држава, авторитарни методи на власт и меѓународна изолација. Првото искушение на овој мал наш монструм ќе биде наесен. Ако се одлучи за изолација, без решение за името: системот, иако не признавајќи, ќе се делегитимира
Како што на почетокот на дваесеттиот век Турција беше означувана како „болниот на Босфорот“, така на почетокот на 21 век Македонија почнува да ја означуваат како „болниот на Балканот“. Како се случи тоа ? Уште повеќе, со што го заслуживме тоа?Има една теорија за тоа зошто се вмро-овциве (од овој нов ков) толку ступидно упорни во одбивањето на евроатланските интеграции. Секако дека е наивно да се верува во плитката реторика дека е тоа заради уцените за името (посебно во светло на добрата формула што е на маса за негово разрешување).Значи, без претензии за конспиративни рефлексии, ќе си дозволиме неколку цртички анализа на можните мотиви за оваа суицидалност на лидерството.
ВМРО очигледно сака да создаде своја „буржоазија“!
За тоа му се погодило лошо време бидејќи, ако влеземе оваа година во НАТО и подоцна во ЕУ, нема доволно време за таква крупна промена на сопственичките соодноси.Наместо партиско престројување, ќе влезе вистински свеж капитал и развитокот ќе отиде во друг правец. Затоа според стрвниве вмровци потребно е да се добие време надвор од тие контролни механизми на „меѓународната“. Имено тие сметаат дека не треба да брзаме со влез „следните 4 години“ во ништо што импонира вистинска контрола на норми однадвор на дивата власт однатре.Таа програма на изолација проследена со вмровска експропријација внатре, треба, според нив, да се остварува со агресивна пропаганда на „исполнување на критериуми и бенчмаркови“ за прием во тие организации (кои всушност ги избегнуваат). Тоа е незадолжителна игра што ги покрива валканиците на грубата контрола што се спроведува во стварноста.
Техниката на владеењето, во кое има систем (со орнаменти на глупоста и грубост) е убиство на „владеењето на правото“. Ако досега тоа беше слабо, сега е конечно пред клиничка смрт. Техниката со која тоа се убива е ПРЕНОРМИРАНОСТ. Се создава мрежа од конфликтни закони и уредби во секоја точка на системот на социјални односи: во бизнисот, невладиниот сектор, судството, образованието, здравството. Секаде намерно постојат неколку истовремено важечки правила и закони што се преклопуваат и се контрадикторни. Последица од тоа е дека системот е непредвидлив и несигурен. За која било акција не можете да се потпрете на предвидлива норма што јасно ве води до целта, туку на интервенција од некој од власта. Ако одбиете таква интервенција, може да ве „закачи“ некоја од контрадикторните норми и вие сте во секој момент ранлив.
Тоа е основната технологија на владеење денес во Македонија. Наспроти овој развиен систем, власта - како што напоменавме - користи реторика на божемно поедноставување на системот на норми? Имено, пропагандно зборува нешто сосема спротивно на операцијата што е во тек.Тоа медицински се дефинира со недостаток на витамин Б-15 кај личноста или Корсаков-синдром: наречен поинаку патолошка или восочна ЛАГА (Konfabulacia Cerea).
За да успее операцијата на опишаното државно рекетирање потребно е воспоставување строга контрола врз протокот на пари преку тендерите и државните услуги. Затоа власта тврдо се пресметува со ситната корупција во пониските ешалони (со медиски спектакли на апсење), за тоа време крупната централна корупција ја разви до невидени размери во Македонија, се' во рацете на партиската „фамилија“. Тие направија и за себе и за партијата пари, а остана и за капење пари до слоевите на население што постојано се корумпира со ситна помош. Државата е сеприсутна со своите мрежи на рекет - тоа се нарекува корпоративистичка деформација на демократијата. Втор услов за оваа операција да се одвива мазно е онеспособување на улогата на независното судство. Повторно под реторика на спроведување европски реформи, судството е пред партиски диктат и растур-систем од невидени размери досега. Како е возможно под превез на реформирање кон ЕУ судството да е позависно и помалку способно за неутрална просудба од кога било во македонската историја? Ова е наша државна трагедија со долгорочни последици. Втора трагедија што ја сметам за смртоносна е скоро комплетната партизација на државната администрација.
Кога во мултикултурно општество, единствената неутрална оска за сервис кон различните културни сегменти и граѓани се партизира - тоа е знак за распад, не за развој. Страничните удари кон медиумите, универзитетот, здравството и слично се само втори колосеци на основната КОРПОРАТИВИЗАЦИЈА на државата во партиски раце. Дефиниција на она што ни се случува е дека нашата демократија е пред колапс - соочена со корпоративна држава, авторитарни методи на власт и меѓународна изолација. Првото искушение на овој мал наш монструм ќе биде наесен. Ако се одлучи за изолација, без решение за името: системот, иако не признавајќи, ќе се ДЕЛЕГИТИМИРА. Неговите 100 чекори лежат на општ консензус за два чекора: НАТО И ЕУ. Ако тоа стане далечна иднина, оваа власт треба да си оди што побрзо. Нема ништо повеќе што таа може да понуди.
Љубомир Д.Фрчкоски