ЧАРШИЈАТА УШТЕ ЕДНАШ БЕШЕ ВО ПРАВО ЗА ТОА КОЈ ЌЕ БИДЕ ПОБЕДНИКОТ ВО 18. ФИНАЛЕ ВО КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА
НОВ ФИНАЛЕН СРАМ...
*Сосема очекувано Тетекс славеше, за првпат во својата историја освои титула, и тоа куп титула. Работнички не се обиде ниту да "одработи" еден посилен тренинг
Тетекс е победник во 18. финале во Купот на Македонија. Вчера, во пресметката со Работнички успеа да слави со 3:2 и сосема "заслужено" да стигне до својот прв трофеј. Велиме сосема очекувано зошто се оствраија "приказните" на фудбалската чаршија дека Тетекс ќе биде тој што ќе го порази Работнички во Скопје. Пукна нов финален СРАМ...
Срам од кој нашиот мак - фудбал тешко дека ќе се дигне, ако и пред тоа имаше каква било шанса за такво нешто.
Тетекс слави, с$ ќе се заборави за недела - две. Во историјата ќе биде запишано дека "штофарите" ја освоија својата прва титула, но на каков начин. Само да се потсетиме дека во првиот круг ја минаа Шкендија без одигран натпревар. Во 1/16 финалето го совладаа Превалец со 4:0. Во следното коло Беласица немаше шанси. Потоа во 1/4 финалето дојде на ред Македонија ЃП. Во Ѓорче "тетовци" загубија со 0:2, но откако "лавовите" беа избришани Тетекс победи со службени 3:0 и така му отиде на нозе на Скопје. Дома беше 0:0 за на Автокоманда во еден скандал меч да победи со 2:1. И еве вечера успеа да го победи апсолутниот фаворит, тимот на Работнички, кој во некои други околности сигурно дека ќе победеше без проблем и без мака со најмалку 3-4 гола разлика. Но во некои други околности. Вчера Работнички не одигра ништо. Дури не "одработи" ниту еден посилен тренинг. Но така е тоа, кога некои работи во мак - фудбалот не се расчистуваат на време.
Вака сите задоволни освен Силекс. Кратовци излегуваа во Европа, но само ако Работнички славеше. Ете тоа не се случи. Тетекс слави за пехарот, но Тетекс го слави и првото излегување во фудбалска Европа. Значи сите задоволни освен Силекс и оние неколкумина фудбалери на Работнички кои не успеаја да ги скријат солзите што не влегоа во историјата. Третпат по ред да го освојат куп трофејот.
Некои велат дека најскандалозно финале беше она во 2007 година меѓу Вардар и Победа. По тој натпревар сите се согласивме дека не може да се одигра едно полошо, едно посмешно финале. Ова вчерашното н$ демантираше, но не до крај. Имено, не сме сигурни дена наредното 19. по ред нема да биде карикатура.
И сосема за крај. Во изјавата подолу претседателот на Работнички истакнува дека неговите играчи пред натпреварот биле изложени на невидена пресија од страна на некои бандити. И дека случајот ги пријавил до МВР и до ФФМ. Е сега ајде да видиме што нашите челници ќе преземат...
З. Ѓоршоски
РАБОТНИЧКИ - ТЕТЕКС 2:3 (0:0)
Стадион: Национална арена "Филип Втори" во Скопје. Гледачи: 4.000. Судија: Владимир Кипријановски (Скопје). Помошници: Зоран Стефанов (Кавадарци) и Љупчо Ристески (Прилеп). Делегат: Иван Анастасовски (Куманово). Стрелци: Глигоров 69', Петковски 84' (РАБ), Захариевски (п) 47', Исени 49', А. Стојановски 64' (ТЕТ). Ж. Картони: Муарем (РАБ), Белчев (ТЕТ).
Играч на натпреварот: -
РАБОТНИЧКИ
Наумовски -
Бојовиќ -
Димовски -
(78' Тодоровски -)
Б. Божиновски -
(61' Петковски -)
Фернандо -
Муарем -
Адем -
Фабио -
Глигоров -
Туневски -
Брњарчевски -
(46' Синковиќ -)
ТЕТЕКС
- Мар. Јовановски
- Д. Јовановски
- Ристов
- Мишковски
- Б. Ристовски
- Белчев
- Д. Ристевски
( - Д. Савевски 65')
- Захариевски
- Пеев
(- А. Стојановски 46')
- Радоњиќ
- Исени
(- Мир. Јовановски 77')
РАБОТНИЧКИ - ТЕТЕКС
5 корнери 6
7/3 удари/во 7/6
13 прекршоци 17
2 офсајди 2
/ пенали 1/1
1 ж. картони 1
Минута по минута...
20' - Добра комбинација на "романтичарите", топката дојде до Б. Божиновски, кој од само 10 метри шутираше право во противничкиот голман
28' - Пеев се заканува од околу 22 метри, шутира под пречката, но Наумовски избива во корнер. По изведувањето на корнерот мешаница пред голот но Димовски, на среќа ја исфрла топката во поле
32' - Исени сам, го мина и Наумовски, но се најде веќе на гол линијата и немаше шанса да погоди
36' - Муарем шутира од далечина, но високо над голот
39' - Сега Туневски се обидува, но и неговиот шут заврши крај голот
0:1 - 47' - Конечно гол. Исени упати удар со глава, но топката удира во рака на еден фудбалер на Работнички. Кипријановски покажува на белата точка, а Захариевски погодува
0:2 - 49' - Во следниот напад домашната одбрана заспа, а на Исени не му беше тешко да погоди за зголемување на водството
0:3 - 64' - Исени повторно со глава упати удар, Наумовски одбива, а натрча А. Стојановски и погодува за 0:3
1:3 - 69' - Н. Глигоров од слободен удар од 20 метри шутира и ја тресе мрежата на тетовци
2:3 - 84' - Петковски од само пет метри еден отпадок го спремува во голот
90' - За малку сензација!!! Синковиќ очи во очи со Мар. Јовановски, и кога требаше да шутира тој намерно се сплетка и не го израмни резултатот
Стратев не стана од клупата!?
Стратегот на Работнички, Зоран Стратев, (не)очекувано воопшто не диригираше од клупата со своите фудбалери. Имено, тој во текот на сите 90 минути буквално не стана од клупата. Само неговиот помошник Туш Зефиќ еднаш стана, но само со нога да ги исшутира шишињата со вода кои беа пред него, веројатно од голема нервоза.
Скандалозен крај на скандалозната сезона
Скандалозен крај на најскандалозната сезона во историјата на мак - фудбалот. Повеќепати пишувавме што се случуваше во нашата Прва лига. Почнувајќи од бојкотот, потоа дисквалификацијата на Македонија ЃП и Слога Ј. Потоа дисквалификацијата на Победа. Па двапати прогласувањето за шампион на Ренова и капак на с$ дојде едно вакво куп финале. На здравје нека ни е.
Сите титули во Тетово
Сите три титули заминаа во градот под Шара. Ренова стана шампион во Првата лига, Тетекс го освои Купот, а Шкендија, пак, титулата во Втората лига. Не Прилеп, не Битола, најмалку Скопје, туку Тетово е најфудбалскиот град во Македонија. Нека им е честито на тетовци, најјаки се.
Репрезентативците "избегаа"
Не можејќи да гледаат што с$ се случува долу на теренот репрезентативците предводени од селекторот Мирсад Јонуз на 15 минути "избегаа" од "Филип Втори". Беа сместени во новинарската ложа и не прашуваа нас, новинарите, во што е работата. Дали гледаат фудбал или сонуваат...
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РАБОТНИЧКИ ОТКРИВА СКАНДАЛОЗНА ТАЈНА
Поповски: Финалето немаше да се одигра!!!
Дека нешто чудно се случувало во вторниот попладнето, вечерта и вчера во текот на целиот ден ни потврдува и претседателот на Работнички, Драган Поповски.
"И
скрено слободно можам да кажам дека немаше договор. Од мене лично моите играчи имаа дури и специјални премии, покрај оние задолжителните. Но ова ќе го кажам зошто јавноста мора да го знае. Имено, на само два часа пред натпреварот имаше можност финалето воопшто да не се игра. А зошто? Но сепак и покрај с$, и покрај сите глупости што се случуваа јас лично одлучив и им реков на фудбалерите дека мора да одиграат. Срамно ќе беше за мак - фудбалот да не се игра. Велам немаше да се игра поради тоа што нашите играчи во изминатите два дена добиваа смртни закани по телефон од анонимни лица, од бандити. Нашиот капитен во вторникот доцна попладнето беше и физички удрен во едно кафуле. Им се закануваа дека ќе им ги тепаат децата, им се јавуваа на сопругите и девојките. Јасно е дека нашите играчи беа под неверојатен психолошки притисок. И јас лично со знаење и поддршка на УО на клубот решивме целиот овој случај да го пријавиме. Испративме пријава до МВР, истата пријава до челниците на ФФМ и се разбира до комесарот за натпревари на ФФМ Миле Спиркоски. Едноставно ги запознавме со сите овие настани што се случуваа на ден - два пред натпреварот. Па нека се занимаваат сите тие со овие работи. Ќе повторам, од моја страна немаше договор. Мене не ми се потребни пари. Јас го сакав Купот. Сосема за крајот да кажам дека имавме барем неколку состаноци со играчите, инсистиравме да се игра максимално. Но ете, ги сфаќам и тие се само луѓе од крв и од месо", истакна првиот човек на клубот, Драган Поповски.
http://www.sport.com.mk/?ItemID=18BA2219195EBB4891069FF0CEB92EE0