Грција и Кипар без вето за влезот на Турција во ЕУ
СТРАВОТ ОД ТУРЦИТЕ УШТЕ ЕДНАШ ИЗЛЕГУВА НА ВИДЕЛИНА
ИЗГЛЕДА ВЕТОТО НА ГРЦИЈА САМО ЗА МАКЕДОНИЈА ВАЖИ
Грчкиот премиер Костас Караманлис и кипарскиот претседател Димитрис Христофиас се договориле дека не е потребно да го употребат сега правото на вето врз членството на Турција во ЕУ, додека Франција и Германија веќе предлагаат да биде заменето полноправното членство на Турција со воспоставувањето „специјални односи“ со Анкара, пишуваат кипарските грчки весници.
Весникот „Филефтерос“ пишува дека договорот бил постигнат на разговорите на шефот на кипарската држава со грчкиот премиер, чија официјална посета на Никозија заврши вчера, пренесува МИА.
Пред да отпатува за Кипар, Караманлис уште еднаш уверил дека Грција ќе ги поддржува со сите сили напорите за праведно, трајно и функционално решение на кипарскиот проблем, за кое првиот збор го имаат двете заедници на островот.
Решението треба да биде „кипарско“, бидејќи само така ќе биде гарантирана неговата примена и нормално функционирање. Мешањето на трети земји само ќе предизвика проблеми, изјавил Караманлис.
Весникот „Политис“ пишува дека Дервиш Ероглу, кој се очекува да биде следниот премиер на Северен Кипар, изјавил дека нема да ги прекинува преговорите меѓу Христофиас и Мехмет али Талат, но ја повикал кипарската грчка страна да ја земе предвид „реалноста“ дека на островот постои турски идентитет.
http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=107611