[FONT=Arial, Helvetica, sans-serif]Лидерот на ДПА Мендух Тачи, по насилните избори на први јуни доживеал инфаркт, тврдат партиски извори. Здравствената состојба на лидерот на ДПА се влошила поради силниот притисок на кој бил изложен на денот на изборите. Според истите извори, Тачи преживеал два послаби инфаркта едноподруго, по што итно, со приватен авион бил пренесен во Турција. Турските кардиолози успеале да ја стабилизираат здравствената состојба на лидерот на ДПА.
Напнатата атмосфера на избирачките места на 1 јуни, вооружените инциденти, во кои имаше и еден загинат и неколку ранети, и неповолниот изборен резултат на крајот на денот биле капак не неколкудневните притисоци врз Тачи, како од домашни така и од странски фактори, да се смири и да не прави проблеми за време на изборите. Тачи, велат нашите извори, никогаш не бил под таков вкрстен притисок. Од теренот го притискале резултатите на ДУИ, но и премиерот Никола Груевски, кој во четири очи му порачал дека ако нема макар еден пратеник повеќе од ДУИ, нема да може да го спаси и да го земе во идната влада.
Од странските фактори најсилен бил притисокот на денот на гласањето, оти речиси сите, без исклучок, Тачи го сметале како еден од поодговорните за изборното насилство. Тој ден лидерот на ДПА бил бомбардиран со телефонски јавувања од побитните странски амбасади во Скопје, но и од официјалните лица од Тирана и Приштина, со барање да престане насилството. Бил фрустриран што сите него го сметале за одговорен за проблемите на изборите, иако на терен кутии полнеле и активисти на ДУИ.
Ваквиот оркестриран притисок за него бил јасен сигнал дека поразот е неизбежен и оти неговата политичка кариера е завршена. Освен тоа, добил и голем број закани од политичките опоненти дека кога тие ќе дојдат на власт, ќе го гонат за убиството во Арачиново и за ранувањето на неколку други лица во Скопје.
По прегласувањето во неделата, неговата партија прогласи победа, но Тачи јавно никаде не се појави. Нашите извори не ја исклучуваат можноста во контактите со странските фактори од него да било побарано и заминување од челната позиција на ДПА. Затоа Тачи пред изборите најави повлекување од политичката сцена, за да го ублажи тој притисок. Како причини за повлекувањето тогаш ги наведе успесите на Албанците на регионално ниво, но и дека себеси се смета како дел од старата политичка гарнитура, која треба да им отстапи место на новите генерации.
Тачи активно со политика се занимава од 1993 година, кога со Арбен Џафери ја формираа ПДПА. Актуелниот лидер на ДПА од 2003 година е на црната листа на САД. Пет години американската администрација во него гледа опасност за нејзината национална безбедност како помагач и спонзор на насилството во Македонија, но и во други делови од Западниот Балкан. Ваква листа Американците направија уште во 2001 година и секоја година ја надополнуваат. На неа друштво на Тачи му прави неговиот сопартиец Даут Реџепи - Лека и експратеникот на ДУИ Џевад Адеми.
Портпаролот на ДПА Адријатик Имери вчера ги негираше информациите дека нивниот лидер преживеал инфаркт. "Тоа е шпекулација", рече кратко Имери. По укажувањето дека "Вест" има потврда оти Тачи со приватен авион заминал за Турција, вети дека дополнително ќе ги провери фактите во партијата и ќе ни даде одговор, но до затворањето на весникот не ни се јави.
Вест[/FONT]