Ги гледам изнаредени…
Мудри советници - аналитичари кои на цел глас апелираат:
или да го промениме името или сме готови!
Слушам како го заплашуваат народов, дека набрзо ќе ја снема државата, ќе се федерализира, расцепи итн. Слушам, не верувам!
Па со федерализација не заплашуваат оние кои направија опструкција на референдумот за новата територијална поделба, оние кои територијално веќе ја прекроија Република Македонија по мерката на алтернативното сценарио.
Се огласуваат истите кои ја жртвуваа Струга (ако не сака со добро, богами и со сила),
па Кичево, па делови од Скопје. Прилепија кон урбаните средини селско - аграрни реони со мнозинско албанско население и така си ја истераа (својата или нечија)
математика.
Процентите ги натокмија (исто како со последниот “рамковен попис”) токму
за да се реализира алтернативното сценарио, а сега заплашувачки го вадат како
адут за предизборен маркетинг.
НАТО и опстанокот на државава (или/или) се голем залог. Тогаш, ајде да си се прекрстиме со помош на бројниве кумови. Нема да ни биде првпат.
Та еднаш не прекрсија, та еднаш ни го сменија знамето, та еднаш ни го променија уставот, та еднаш ни ја прекроија асномска Македонија во рамковна, па ни ја прекроија територијата по мерка на кантонални големоалбански проекции итн. итн. И за жал сето ова ќе беше многу помалку важно, ако имавме здрава економија, ако немаше погубна приватизација, корупција и криминал, ако не беше разграбено за миг сето она што го создававме пола век. Но, за тоа, друг пат, оти е претешко.
Сакајќи да најдам решение по нивен терк, си правам можно филмско сценарио за разрешување на “спорот”.
И така во него конечно се прекрстуваме во
Република Афроевроазија (Скопје), со европски благослов и со грчка хистерија од радост за нивната успешна едновековна борба. Сите задоволни, со консензус нé примаат во НАТО, а ние пак возбудени го славиме тој историски настан, се разбира на “варварски” начин (со зурли и тапани, но и нив ќе ги преименуваме кога ќе ни кажат, за да не им го навредуваме слухот на милите “Хелени”).
Државичкава процутува. Од сите страни аплаузи.
Понекаде гледам и разочарување зашто некои сметаат дека подобра варијанта на името би била Република СрбоБугароГрција (Скопје), во стилот на “Букурешт”. Како и да е, филмот продолжува...
По НАТО, радосни влегуваме и во Европската унија. Нема веќе специјални деградирачки визи и национални понижувања. Грција како мил сосед, благонаклон кон својата соседка Република Афроевроазија (Скопје) ги отвора ширум вратите. Но, ѓаволчето не ми дава мир! Си велам, чувај се од Данајците и кога даваат дарови!
Се радува мојот колега,
Афроевроазиецот-Скопјанец Никола, па ми кажува колку вредел таму нивниот имот во Пожарско, во Грција. Па низ разговор, колегата Иван ми кажува дека неговата сопруга Фросе, ќе си го бара мотелот на деда си. Па го сретнувам Ставре од Воденско, занесен кажува што таму неговото семејство оставило крај водите, ќе оди и тој да бара да му го вратат имотот. Па Елена цела растреперена, ќе го исполнела аманетот на татка си, да оди во Пела, каде се вљубиле нејзините родители, да си ја побара назад одземената куќа и имот. Ангеле пак брои евра, колку изнесувале нивните дуќани во Солун. И така со ред: Горан, Васил, Ѓорѓи, Ирена, Коста, Ристо..., бројат стотици илијади, милиони евра (ми се завртува умот од цифрите) и молничаво се подготвуваат како граѓани на Европската унија, слободно да влезат во европска Грција.
Тие си имаат право на имотите, а приватната сопственост е светост во либералната демократија, нели?
Е сега, мили браќа, доаѓаме до вистинскиот проблем! Наеднаш, паника. Во филмскиот кадар влетуваат избезумени Бакојановци, Пангаловци, Мицотакиси, Караманлиси, Венизеловци. Сите во глас извикуваат:
Па овие Афроевроазијци-Скопјанци имаат територијални претензии на три континенти. Треба во корен да ги сосечеме, тоа е невиден експанзионизам и иредентизам. Нормално, веднаш почнува нова дипломатска трка “игри без граници”...
Ете, филмот завршува неуспешно. Се стресувам и повторно се враќам во сегашноста, слушајќи ги безмислените анализи на нашите „глумци“ за “спорот со името”!
http://kirilica.com.mk/vest.asp?id=6219