Бугарите тагуваат по комунизмот
Бугарите по задоволни биле од комунизмот него сега со ЕУ
Дваесет години од падот на Берлинскиот ѕид и пет години од големото проширување на ЕУ, мнозинството унгарски и бугарски граѓани сметаат дека проширувањето на Унијата придонело за зголемување на слободата и демократијата, но животниот стандард бил подобар во времето на комунизмот отколку денес.
Според последното истражување на агенцијата Евробарометар, граѓаните на новите членки на ЕУ не се еднакво задоволни од промените што настанале со проширувањето. На прашањето дали со тоа се подобрил животниот стандард во Средна и Источна Европа, 67 отсто од нив одговориле потврдно, a со тоа се согласуваат само 41 отсто Унгарци и 37 отсто Бугари.
Исто така, 67 отсто од граѓаните на Унгарија и на Бугарија сметаат дека сега животот им е помалку сигурен отколку пред падот на Берлинскиот ѕид. Дека сега сигурноста е помала се согласуваат 51 отсто од граѓаните во Европа, а Германците се поделени по 47 отсто на секоја страна, оние што се согласуваат и оние што го мислат спротивното.Јофка Димитрова, новинарка во бугарскиот весник „24 часа“, смета дека причина за незадоволството на Бугарите и Унгарците за животниот стандард во ЕУ можеби е тоа што анкетата е спроведена во време кога Унгарија била најпогодена од финансиската криза, а Бугарија и така е најсиромашна членка на Унијата.
Иако доминираат ставовите дека проширувањето е позитивен процес, мнозинството граѓани на ЕУ мислат дека проширувањето доведе до губење на работните места во нивните земји. Дури 70 отсто Романци мислат дека и кај нив проширувањето на ЕУ е причината за губење на работните места, иако невработеноста во таа држава речиси исчезна.Според анкетата, граѓаните сметаат дека ако ЕУ одлучи да прими нови членки, најважно треба да биде прашањето за слободата и економијата, а дури потоа културата и религијата.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=8B148E1E87495C41A4D0583CA18D1AC6