Квалитетот на живеење кој го обезбедува овој тип на субурбана архитектура е на далеку повисоко ниво од конвенционалната архитектура, која е многу поопиплива на нашава територија. Почнувајќи од самата структура на ѕидовите (лесни прегради изведени од природни материјали, кои допуштаат „дишење“ на ѕидот, со што објектот станува поврзан дел со надворешната средина), преку аспектот на задоволување на термичко-акустична заштита на истиот според најстрогите стандарди, до драстично намалената потрошувачка, како при градење, така и во текот на употреба на истиот. Тоа се објекти кои бараат помало време на изведба, се изведуваат комплетно по „сува постапка“, т.е. нема вградување на материјали кои притоа треба да опфатат еден дел од периодот на изведба за да ги постигнат своите ултимативни својства.
Друга предност е тоа што (земајќи во предвид дека секој објект има времетраење на употреливост), по истекувањето на употребливоста на објектот и при неговото рушење (т.е. демонтирање), не се соочуваме со проблемот на неупотреблив шут од истиот и негова дислокација - уште еден плус во заштедување на време, материјални средства и здравје. Овие објекти, при демонтирањето се расклопуваат на истиот начин како што биле склопени, панелите се носат на рециклирање или освежување (во зависност од оштетеноста) и се повторно спремни за вградување.