Еве го целиот прилог.
Министрите од ДПА на денешната прес-конференција во Владата повикаа на бојкот и неучество во работата на институциите што ги предводи премиерот Никола Груевски.
Заменик претседателот на Владата Имер Алиу го обвини премиерот Груевски за неговото интервју за МИА и во името на сите функционери на ДПА се спротивстави на ставовите на Груевски дека партијата на Тачи работи за туѓи интереси.
„Ќе работам и за Грција, затоа што сакам Македонија да стане членка на НАТО, а ќе работам и за сите челници на НАТО - Саркози, Меркел, Браун и Шефер и за претседателот на САД, Џорџ Буш, но од овој момент веќе никогаш нема да работам со Груевски“, рече Алиу, додавајќи дека на Груевски „во резерва му останаа само Србија и Русија.
Тој посочи дека не може да се согласи со неговиот начин на работа и дека за него постојат три идеали, а тоа се неговата партија ДПА, народот и Македонија - членка во НАТО и ЕУ.
Алиу рече дека ова не е партиска одлука, бидејќи не можел да се консултира со лидерот Мендух Тачи поради неговата посета на Албанија за несреќата која се случи во оваа земја, но истакна дека веднаш штом тој ќе се врати ќе го извести Тачи за своето барање.
Инаку, Македонската информативна агенција не беше поканета на прес-конференцијата на Алиу. Текстот е преземен од весникот „Шпиц“.
Нема да одговорам на обвинувањата и навредите од ДПА, бидејќи можеби ним им одговара да се занимаваат со мене, но мене не ми одговара да се занимавам сега со нивните обвинувања. Времето и историјата ќе покаже кој бил во право, изјави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање во врска со повикот за бојкот на државните институции од страна на министрите на ДПА.
„Ова што го прави ДПА за мене не е неочекуван потег. Година и пол бевме заедно, познавам многу нивни слабости, пропусти и грешки, меѓутоа мене целта не ми е ДПА и сега да им одговорам и да ги понижувам. Јас во овој период сум концентриран исклучиво на државните интереси. Живееме во последните 15 дена до Самитот на НАТО, кога имаме некаква шанса да ја добиеме поканата за НАТО, истакна Груевски на маргините на форумот „Земјоделието - пат за побрз развој на Македонија“, организиран од ВМРО-ДПМНЕ.
ДПА нека зборуваат што сакаат, јас со нив нема да се занимавам, рече Груевски, нагласувајќи дека со сите сили што може ќе продолжи да ги извршува обврските во деновиве што доаѓаат за земјата да има што е можно посилна позиција и подобар резултат на почетокот на април.
„Во врска со тоа кој работел за Џорџ Буш, дали Мендух Тачи работел за Буш или некој друг, тоа го знае Џорџ Буш“, рече Груевски.
Тој нагласи дека е избран од овие граѓани, работи за нив во партнерство со сојузниците од САД, од ЕУ и сите кои сакаат да и помогнат на Македонија.
„Задолжен сум да работам на приоритетите на овие граѓани и на она што е важно за Република Македонија и со целосна поддршка на сите да се обидеме да го направиме најдоброто за државата“, додаде Груевски.
Македонскиот премиер посочи дека живееме во време кога може да ја загубиме 17-годишната битка за уставното име на Република Македонија, доколку почнеме меѓусебно да се расправаме.
Груевски истакна дека не се размислува за компромис со името.
Врвната доблест и врвната одговорност се согледува во начинот на којшто се функционира токму во овој период. И да се покаже врвна доблест и да се покаже врвна одговорност е да се сочува фокусот на стратешките проекти - зачленувањето во НАТО и зачувувањето на националниот дигнитет, истакна владиниот портпарол Ивица Боцевски како реакција на изјавата на Имер Алиу.
„Оние политичари коишто сакаат да покажат доблест, коишто сакаат да покажат интегритет, коишто сакаат да покажат политичка одговорност и коишто сакаат, буквално, да се соочат со своите граѓани ќе го покажат токму тоа“, нагласи Боцевски.
Тој рече дека и премиерот Груевски во наредниот период ќе работи на тие два прашања, односно на зачленувањето на Македонија во НАТО и на одбраната на националниот дигнитет, а се разбира и на програмата на Владата.
Боцевски потсети дека малцинската влада постои уште од петокот вечер.
Во врска со изјавата на Алиу дека, меѓу другото, ќе работи и за претседателот на САД Џорџ Буш, Боцевски рече дека „се знае кој работи за Џорџ Буш, а најдобро си знае самиот Буш и неговата администрација“.
„Премиерот Груевски и неговата Влада работат исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија и во одбрана на националните и на државните интереси на Република Македонија“, истакна владиниот портпарол, повторувајќи дека два главни фокуса на работата на Владата во наредниот период ќе бидат зачленувањето во НАТО и зачувувањето на нашиот национален дигнитет односно зачувувањето на уставното име - битка што ја водиме веќе цели 17 години.
„Кога се наоѓате на било која политичка функција во Македонија тогаш се подразбира дека ќе го слушнете сето тоа што доаѓа како продукт од македонската експертска јавност и од македонската медиумска јавност. Тоа што беше презентирано во интервјуто за МИА е исклучиво рефлексија на сите ставови кои што се појавија во експертската јавност и на сите ставови кои што се појавија во медиумите“, го објасни Боцевски повикувањето на Груевски во интервјуто на експерти.
„Во една демократска држава експертската јавност има различни бои, има различни нијанси и различни ставови и се разбира дека во една демократска држава, без разлика на боите, нијансите и ставовите, експертската јавност е онаа јавност која што треба да ја прочитаме и да и посветиме должно внимание“, рече владиниот портпарол одговарајќи на новинарско прашање дали се работи за експерти околу владиниот тим или околу тимот на ВМРО-ДПМНЕ.
извор.