ДЕНЕС Е ПРОЧКА
На овој ден Небото бара прошка од Земјата затоа што и погрешило со громови, мразеви, поројни дождови.
И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките.
Од книгата „Така се зборува во Велес“ од Снежана Петрова – Џамбазова.
А на Прочка обавезно, ја, како младоженец, со мустаќи ќе ми направат, сето тоа, облечен, сестра ми ќе се направи како невеста и одеевме по роднините. Това одеевме докај двата саатот, откај десетте докај двата саатот и си се прибиравме дома. После постарите одеа, па кај постари луѓе на бакни-рака, на проштевање. Таа традиција е сочувана до ден-денеска. (
Јордан Таќев, 1934)
Прочкари одеа ли? Одеа- сме се преправале, кое невестиче, кое машко така, сме оделе кај поблиските, па и некое париче коа ќе паднело па, колку сме биле радосни... Па тие, повозрасните, обавезно со протокал за жената, а за мажот – лимоњ. Се сеќавам, мајка ми, откоа ќе завршеле гостите, отприлика знаела кои повеќе ќе дојдат ... и после ќе земеше... кај татка и ќе претрчаше, ќе отидеше да... да се прости.
(Магдалена Нешова, 1937)
На прочка се одело порано? Се одело преправени жените, ние на пример, имам јас и слики, преправени поручокта сме оделе, а сабајле машките. И поминуала у Велес, сеа кој бил како, коа сум била мала, мртовечка глава кол некој преправен е тогај ногу ме страеше мене... Сме испаднале надвор, ќе мине мртовечка ли, корска глава ли не знам сеа, тоа препраено високо и се сме бегале од тоа. Женските у невеста, у баба, така преправени... (
Султана Здравкин, 1933)
Друг случај кога се собираа они беше на прочка, кога се амкаше кога се ставаше на... да висе горе, закачено на таванот со закачок, па се ставеше чушка, се ставаа друго, али и алва – онаа бела алва. Е тогај за белата алва сите се бореа да ја лапнат... Али не смее со раци да се фаќа, само со устата, така да, често пати децава сакале да ја фатат со рака и ќе не удрат по рака... Тоа беше интересни случаеви кога се среќаваа овоа родниниве во нашата куќа, нели... И тоа ми останало во впечаток, мислам дека беше интересен и најубав впечаток од сите времиња коо дете шо сум била...
(Бојанка Андонова, 1918)
--- надополнето: 26 февруари 2012 во 09:20 ---
На Прочка момите и ергените си давале ишарет на Бит Пазар
Пишува Данило Коцевски
- Етнолозите и истражувачите на нашите верски празници и обичаи сметаат дека празникот Прочка или Поклади е меѓу најголемите христијански празници, иако еден дел од празнувањето влече корени и е поврзано со паганските обичаи. Покрај тоа што овој празник е вовед во најдолгиот - велигденскиот пост, тој изобилува со богати, разновидни обичаи, кои му даваат посебен белег. Една од неговите главни димензии е проштавањето, кога луѓето си бараат меѓусебно прошка за грешките. Во претстојниот пост требало да се влезе ритуално исчистен од гревот. Обично помладите бараат прошка од постарите и од родителите, велејќи: "Прости ми", а им се одговара со зборовите: "Нека ти е простено, од мене и од Бога". Притоа, оној што барал прошка, носел подарок, обично портокал, а во Скопје, велат етнолозите, се носел и специјално месен леб наречен чурек.
Преоблекувањето или маскирањето е карактеристичен белег при одбележувањето на празникот Прочка.
При преоблекувањето, најмногу се користеле народните носии, потоа градските носии а ла турка или а ла франга. Особено популарно било и носењето ромска облека која се шиела или се позајмувала. Во Скопје се преоблекувале и мажите, и жените, и децата. Понекогаш се комбинирале повеќе видови носии, а за жените важело едно строго правило. При начинот на забрадувањето, се разликувале оние што се мажени од немажените. Децата најчесто се издвојувале од останатите и според маските - сурати, кои ги носеле на лицето, а кои биле изработени од картон.
Популарно било фотографирањето во ателјеата кај познатите скопски фотографи. Фотографиите биле посебно делени меѓу роднините и пријателите. По фотографирањето, се одело право на Калето или на Плоштад каде што имало музика и разни други приредби. Пред војната се одело и на скопскиот Кеј, а постои и фотографија на девојки во народна носија, снимени во Офицерскиот дом.
Се подготвувала и богата семејна трпеза, како што е забележано, и тоа, печена кокошка, сарма, баница, баклава и кадаиф. По ручекот, следувал обичајот амкање, карактеристичен за Прочка. Се амка најчесто варено јајце врзано со конец или канап, прицврстено за сукало, за светилка или за лустер од таванот. Јајцето се вртело околу масата, и насобраните се обидувале да го дофатат со устата и извиците "ам, ам!" Оној што ќе го дофател јајцето, го служела среќа цела година. На крајот, по амкањето, се палел конецот или канапот и, според траењето на огнот, се гатало за должината на животот на некој член од семејството.
И за време на Прочка се палеле огнови кои се прескокнувале, што симболично означувало прочистување од злите духови. Неделата пред Прочка се нарекувала Бела недела и се јаделе само млечни производи. Денот по Прочка се нарекува Чист понеделник, кога почнува велигденскиот пост. Постојат повеќе приказни за денот Чист понеделник во Скопје. Со шпедитерски коли се одело во месностите Барутана или Тасино Чешмиче каде што се одржувале најразлични свечености.
Пред неколку години, Музејот на Град Скопје организираше една значајна и интересна изложба за празнувањето на Прочка во Скопје. Изложбата и каталогот, од кои се земени фотографиите за овој број, ги подготви етнологот Ангелина Крстева. Таму е изнесен еден помалку познат податок во врска со Прочка: "Седмицата пред Прочка имала и општествен карактер, особено кога немажените девојки и момчиња одделно, од различни маала во градот, предводени од повозрасен маж и жена, оделе на Бит-пазар, и на различни страни од улицата шетале. Ваквата јавна промоција имала цел овозможување на немажените/неженетите од различни маала да се видат, да си дадат ишарет со огледалце и, евентуално, да си изберат партнер. Девојките и момчињата, вклучувајќи ги и предводниците, повозрасна жена и маж, биле облечени во народна носија".
Во годините по војната, од идеолошки причини, верските празници главно се одбележуваа во потесниот круг на семејството, па така и празникот Прочка се одбележуваше со свечен семеен ручек и со амкање, кое претставуваше своевидно доживување. Но веќе кон шеесеттите години, во времето на нашето детство, сe почесто се одеше на Калето, а зурлите и тапаните кои се слушаа оттаму, беа сe погласни. Најпрвин децата, а потоа и возрасните, во сe поголем број се појавуваа на Калето во живописни народни носии, што беше вистински празник за очите. Старата традиција, полека но сигурно, повторно оживуваше. Веќе кон седумдесеттите и осумдесеттите години одбележувањето е многу помасовно, а покрај Калето, Плоштадот беше едно од главните места на празнувањето.
Прочка е. Време е да си простиме. "Прости ми". "Нека ти е простено, од мене и од Господа".
http://www.vest.com.mk/?ItemID=E2F864B8D8BC5F4FB8E4E51A2ED7E4B5
По ручекот, следувал обичајот амкање, карактеристичен за Прочка. Се амка најчесто варено јајце врзано со конец или канап, прицврстено за сукало, за светилка или за лустер од таванот. Јајцето се вртело околу масата, и насобраните се обидувале да го дофатат со устата и извиците "ам, ам!"