Грција останува проблематичната членка на ЕУ и на НАТО која со децении суптилно, а потоа отворено работеше и работи за подржување кризи на Балкан. На Грција и одговара состојба на конфликти. Во минатото подржувана од Европа од оружените конфликти на Балканот излегуваше територијално проширена со анексија на туѓи територии. Сега со диктатот за промена на името на Република Македонија цели да предизвика нова опасна криза и обезличување на македонскиот народ.
Во Букурешт во 1913 година кога Македонија беше поделена, Грција воспостави окупаторска власт на приморскиот дел на Македонија. Европа ја поддржа агресијата, нечувствителна за страдањата на македонскиот народ.
Во Првата светска војна македонското прашање одново беше актуелизирано. Политичките и воени фактори на Франција и Велика Британија спроведоа сопствени испитувања кои само ја потврдија вистината за Македонија и македонскиот народ документирана на нивни карти. Тоа се гледа дури и на картата од грчки експерт.
На британската етничка карта на Централна и Југоисточна Европа издадена од Штабот на воените сили во 1916 година во Лондон, Македонците се претставени (признати) како посебен народ и нација под сопственото национално и историско име Македонци. Македонската етничка територијата на географска Македонија е одбележена со посебна линија и во легендата за нациите Македонците се посебно одбележени.
На грчката карта од Проф.
Георге Сотириадис од 1918, е претставена етничка „грчка Македонија.” На картата Македонците се претставени како посебен народ под сопственото народносно име Македонци со назнака (Словени) на целата нејзина територија. Одделно се одбележени, со посебни бои, подрачјата населени со муслиманско и со грчко население. Напоменуваме дека и топонимите се македонски.
На француската етничка карта на Централна Европа и на балканските држави од 1918 година, македонскиот народ е претставен одделно, териториите на деловите од Македонија во составот на балканските држави се одбележени со посебна боја. Во легендата е запишано – Македонци.
Сепак, и тоа не повлијае за промена на односот спрема македонскиот народ. Лојалноста кон сојузничка Грција (и Србија) беше посилна од декларираната заложба за правичност и доследност во примената на правото на народите на самоопределување и на државност. Тоа право на македонскиот народ не му го признаа. Мировните конференција во Париз во 1919 ја потврди поделбата на Македонија.
Во 1924 г. се појави и германска карта на народите и јазиците на Балканскиот Полуостров. На картата Македонците на целата етничка територија на Македонија се претставени одделно, под сопственото национално и историско име Македонци, како и другите балкански народи: Бугари, Грци... Во легендата со посебна боја е одбележена македонската етничка територија и македонскиот јазик.
Европа по Втората светска војна на Мировната конференција во Париз во 1946 година уште еднаш ја санкционира поделбата на Македонија, а Грција ја продолжи геноцидната политика спрема македонскиот народ во егејски дел на Македонија.
Сепак и покрај сите поволности кои ги доби Грција, во поново време е силно фрустрирана, соочена со проблемот на малцинствата и неминовноста од рушењето на митот за хомогеност на грчката нација и грчки карактер на македонско античко минато. Фрустрирана е и поради извесното губењето на стратегиското значење за ЕУ и НАТО (по поместувањето на предната линија на исток, на Црно Море). Како реакција на таа фрустрација, ги мобилизира сите сили за завршен етногеноцид над Македонскиот народ. Го наметна проблемот со името пред претстојниот состанок на НАТО во Букурешт со закана со вето за да го спречи приемот на Република Македонија во безбездносниот систем.
Во ЕУ и НАТО знаат дека со промена на уставното име на Македонија нема да се реши проблемот на Грција, а ќе се отвори непосакуван нов потежок проблем.
Грција не е држава која во Букурешт, спротивно на интересите на САД и НАТО, ќе стави вето на приемот на Македонија. Со жестоките вербалните закани врши притисок пред состанокот на НАТО македонското државно раководство да го смени уставното име, со убеденост дека ќе го смени како што пред години едно друго раководство го смени знамето и уставот на државата.
Во актуелната констелација на односи и состојби на Балканот на НАТО му е потребна Република Македонија. Подржувачи има. Нашето државно раководство може и мора да ги потенцира сите изнесени факти (како и многуте други кои ги имаме) пред сојузниците и така да ги заштити виталните национални и државни интереси. Треба да се објасни дека без промени во однесување на Грција, ќе ја нема посакуваната стабилност на Балканот.
Авторот на текстот е професор - историчар