Со неспособна власт сами ќе си ставиме вето
Ако ја оставиме Владата сама да се сепне и да почне да работи на реформите за ЕУ, ќе се изначекаме, па затоа сметам дека треба да се активираат сите потенцијали и да се изгради појасен консензус за исполнување на потребните критериуми
Лидерката на опозицискиот СДСМ, Радмила Шекеринска, е уверена дека Македонија во последните две децении макотрпно успеа да се избори за меѓународна позиција во која ги има и уставно име и шанса за влез во НАТО и ЕУ. Сега, со жалење констатира дека за само 18 месеци „НАТО и името“ се претворија во „или НАТО или името“, а некои полека ги претвораат во „ни НАТО ни името“. Таа оценува дека ако Владата продолжи со сегашната политика, ќе ја зацементира позицијата Македонија од Букурешт да излезе само како губитник. Шекеринска смета дека со сериозна политика и со активирање на сите потенцијали Македонија може да излезе победник.
* Која е формулата за тоа ?
- Прво би сакала да расчистам една работа, во која како да почнавме да се сомневаме: ние можеме и да го зачуваме и името и да добиеме покана за НАТО. Да потсетам, Македонија веќе беше во слична ситуација, со истиот Караманлис на власт во Грција, во предвечерието на одлуката дали ќе добиеме кандидатски статус. Сменети се само две нешта: Косово прогласи независност, и во Македонија сега е на власт друга политичка партија. Косово во оваа ситуација само ни помага, зашто ја прави ситуацијата со безбедноста во регионот поитна, па со самото тоа проширувањето на НАТО го прави понужно. Останува еден фактор: власта во Македонија. Ние, за жал, се соочуваме со една суштински неспособна власт, која, како што вели народот, „многу лае, а дворот не го чува“. Наместо да се активира и сериозно да работи, Владата веќе како да се предаде, како веќе да го свитка ‘рбетот. Во својот дефетизам упорно ни ја промовира тезата дека нема што друго да се направи и дека сите што велат оти се' уште можеме да излеземе како добитници, немаат јасна визија како да се направи тоа. Еве, да им нацртам: прво, итно треба да се засили експертскиот капацитет на преговарачкиот тим. Второ, итно треба да се активираат сите потенцијали, капацитети и врски, па дури и лични, и од сите пријатели во светот треба да се обезбеди поддршка за валидноста на Привремената спогодба, со која Грција се обврзува да не го попречува нашето зачленување во НАТО. Трето, премиерот треба да ги посети сите земји-членки на НАТО и да обезбеди јасни изјави на поддршка за нашето членство, притоа изолирајќи ја Грција. Последниве десет дена, многупати ја видовме Дора Бакојани во мисија на лобирање за својата позиција, а премиерот не го видовме ниту еднаш. Четврто, ВМРО-ДПМНЕ мора да го стави прстот на чело и наместо да се удира со тупаницата во гради, мора да престане да се крие зад лажниот патриотизам. Не смее да си дозволи да поддржува каков било вандализам или разгорување на страстите, кои пат-позицијата ја прават уште потешка. Петто, мора да се откаже од своето алиби дека сме биле онеправдани и активно да го дестимулира чувството на обвинување, кое може да се упати кон меѓународната заедница. Од многу прагматични и силно патриотски причини - тоа не е победничка, туку губитничка теза и атмосфера. Шесто, Владата мора да почне да ги дефинира наредните позиции и да го интензивира процесот на разговори за да им даде на нашите пријатели во светот дополнителен аргумент да ја притиснат Грција. Всушност, би требало да се направи се' освен тоа што Владата го прави сега, а тоа е да се крие зад реклами. Владата и овој проблем се обидува да го реши со реклами.
ГОЛЕМИ РАЗЛИКИ
* Впечаток е дека кај политичката елита има консензус во врска со прашањето за името. Тој е вистински или има пукнатини?
- Постигнавме консензус за конкретното прашање. Но, разликите помеѓу нашите ставови и политики не се пукнатини, туку се големи како кањонот на Матка. Најсуштинска е една клучна разлика:
СДСМ смета дека од Букурешт мораме да се вратиме и со името и со покана, а некои други сметаат дека можеме да се вратиме само со едното од тие две. Ова се дијаметрално спротивни позиции, кои поради изјавите во јавноста, навидум изгледаат исти - сите партии се согласуваат дека со нашето име не смееме да си играме. Тоа е така, но разликата е во тоа што СДСМ не се согласува цената за тоа да биде НАТО, а некои други партии се подготвени за тоа.
* Мислите ли дека проблемот со Грција се отвори и во процесот на нашето приклучување во ЕУ?
- Постојат две сценарија за кои говорат европските политичари и експерти. Едното вели дека ветото може да се „игра“ еднаш и дека Грција одлучи своите карти да ги стави сега, за НАТО, но дека нема да може да ги искористи и за во Унијата. Погледнете го примерот на Хрватска и т.н. ЗЕРП, кој е камен на сопнување во нејзините односи со ЕУ. Членките на ЕУ, кои се противат на ЗЕРП, поради што речиси и се замрзнаа хрватските преговори со ЕУ, не помислија истата стратегија да ја применат и за хрватскиот влез во НАТО. Но, постои и второ сценарио, кое во балканскиов контекст изгледа пореално: во случај на вето за НАТО, билатералните односи помеѓу Македонија и Грција дополнително да се влошат и тоа да повлече и ЕУ-вето. Но, постои и трето - уште полошо сценарио: следниве денови и месеци да се занимаваме со кавги кој е поголем патриот и кој повеќе ги брани државните интереси, да бараме непријатели дома и во странство... и по шест месеци да заклучиме дека ништо не сме сработиле. Тогаш само ќе и' дадеме пенал на Грција - нема да има потреба од вето, кое би ја изолирало од другите ЕУ-членки, бидејќи сами ќе си ставиме вето.
* Еврокомесарот за проширување Оли Рен во минатата недела испорача осум критериуми неопходни за добивање датум за преговори. Тој забележа дека на Македонија и' треба континуитет во реформите, а не „тргни-застани“ како што се случуваше досега. Мислите ли дека во вакви услови и околности Владата може да ги заврши реформите?
- Изгледа дека ниту може ниту сака. Владата не можеше да ги заврши реформите ни кога беше во идеални услови, а не во вакви кризни ситуации. Мислам дека ако ја оставиме Владата сама да се сепне и да почне да работи, ќе се изначекаме. СДСМ е на став дека треба да се активираат сите потенцијали и да се изгради појасен консензус за исполнувањето на овие осум критериуми. Ќе направам се' за Националниот совет за евроинтеграции да биде таков инструмент што ќе го засили консензусот и ќе ја обврзе Владата за видливи и конкретни резултати. За тоа Советот мора да биде поткрепен со активна поддршка од партиите и од институциите за да не се претвори во формално тело каде што само се декларира поддршката за овие процеси.
ВИСТИНАТА НА ВИДЕЛИНА
* Има ли доволно време за тоа, особено што се' почести се шпекулациите за предвремени избори?
- Мора да има време. Имаме национален консензус дека поканата за зачленување во НАТО и датум за почеток на преговори со ЕУ се највисоки приоритети во државата. Тоа значи прво овие, па се' друго. Значи не смееме да си дозволиме уште отсега да си создаваме изговор дека нема време. Што се однесува до СДСМ, ние ќе бидеме конструктивна опозиција и ќе учествуваме во имплементацијата на овие критериуми и притоа нема да ги користиме за дневна политика. Но, тука сепак најважна е Владата. Таа мора да покаже барем исто толкаво чувство на одговорност за државните интереси. Суштината е дека во моментот кога ќе дефинирате изборна агенда, запира реформската агенда. Македонија има реална шанса кон крајот на оваа година да добие датум за преговори за полноправно членство во ЕУ. Мислам дека по неизвесноста за НАТО, не смееме да си дозволиме во неизвесност да го донесеме и зачленувањето во ЕУ, иако за ова позагрижена би требало да биде Владата.
* Каков е Вашиот став за барањата на ДПА и на ДУИ за законот за употреба на јазиците и за правата на поранешните припадници на ОНА?
- Се наближува мај. Скоро една година од фамозниот мајски договор. Помина една година во текот на која прво имаше записник, па усмен договор, па писмен договор. Една година изгубивме договарајќи се дали има договор, наместо да градиме консензус за точките од тој договор. Принципиелно, ние сме на став дека треба да се решат овие прашања, но бидејќи не сме учествувале во правењето на мајскиот договор, не можам да коментирам за роковите или за начинот на решавање. Сметам дека е скандалозно однесувањето на Никола Груевски, и сакам да го потсетам на неговите зборови дека вистината е како шило - колку и да ја криеш, ќе излезе на виделина. Мислам дека е крајно време Никола Груевски да излезе и да каже што е точно договорено и да го оствари тоа.