Интервју: Навивачка група “Чкембарите“ по повод 25 години постоење
22 SEPTEMBER 2010
0
Оваа седмица е во знакот на навивачката група “Чкембари“ од Битола, кои одбележуваат 25 години од своето постоење, а големиот јубилеј ќе биде прославен со низа настани кои почнаа вчера, а ќе завршат во спортската сала “Младост“ во Битола, на ракометниот натпревар Пелистер-Вардар.
Почетоците на навивачката група “Чкембари“ се од пред 25 години, а првото масовно организирано патување на еден спортски натпревар се случи на “мајсторката“ меѓу екипите на Пелистер и Партизан од Бјеловар од баражот за опстанок во тогашната прва ракометна лига во Белград.
-Ракометот тогаш беше многу популарен во Битола. Се одигруваа натпревари од Првата ракометна лига, а тука беа и трофеите на Југославија во ракомет. Сите навивавме за Пелистер во една еуфорична атмосфера, а кога беше доведено во прашање учеството во тогашната најквалитетна лига, сите заминавме на Бањица во Белград за да го бодриме Пелистер, заедно победивме и останавме во таа лига, се потсетува Ефто Божиновски, еден од водачите на навивачката група “Чкембари“.
По патувањето во Белград следуваа и многу други патувања со битолските екипи, а покрај со ракометарите патувавме и навивавме и со фудбалерите, односно “Чкембарите“ биле и на трибините на најголемите фудбалски стадиони низ поранешна Југославија.
-Имавме организирани патувања на “најжешките“ ракометни терени во тогашната Југославија, на дерби-натпревари со најквалитетните екипи. Бевме во Белград, Ниш, Урошевац, Загреб, а покрај на ракометните терени сме се претставиле и на најголемите стадиони во поранешна Југославија, “Пољуд“, “Максимир“, “Маракана“, “Стадионот на ЈНА“. Имаме добри, но и лоши спомени од тие патувања, но сепак тие беа добри времиња кога ние ја почнувавме нашата навивачка кариера, вели Никола Талевски - Јапоно и додава:
-Кога сме кај организираното навивање мора да се спомне и навивањето на меѓународните натпревари, односно патувањата, пред се со ракометната екипа на Пелистер. Сите ние, да речам, “повозрасните“, оти другарите се лутат кога велам “ветерани“, се сеќаваме на гостувањата во Киелце, Флензбурх, Малме, Варна, Копенхаген. Пелистер имаше значајни меѓународни ракометни настапи, а и ние уживавме заедно со ракометарите.
Покрај убавите спомени “Чкембарите“ паметат и доста лоши моменти:
-Сите имаме по некој лош спомен, но кога се среќаваме и си евоцираме спомени, верувајте во преден план се убавите работи. Се она што било лошо некако како што минува времето го забораваме. Но, она што не можам никогаш да го заборавам, а верувам и останатите “чкембари“ од таа генерација нема да го заборават, е реваншот од полуфиналето против Лемго во Битола, кога Николиќ промаши, а Германците се радуваа. Ќе кажам за себе дека многу тешко го доживев тоа, а и останатите не поминаа полесно. Според мене, тој е најцрниот ден за битолскиот спорт и за “Чкембарите“.
Многумина “Чкембарите“ ги нарекуваат “лоши момчиња“. За оваа квалификација Александар Талески - Крто вели:
-Се она што се случуваше во спортската сала “Младост“ беше нов стил на навивање, за разлика од тоа што се случуваше дотогаш. Имаше навивање диригирано од незаборавниот Мате Шундовски, а потоа се формиравме ние “Чкембарите“. Никој не спомна како дојде до името “Чкембари“, но ете јас ќе повторам, иако сите знаат дека Битола е позната по чкембе-чорбата, па ние само ја продолживме таа традиција. Покрај новиот стил на навивање, поагресивен, ние имавме неколку проблеми со ривалската навивачка група “Комити“ од Вардар и тоа ривалство трае се до денес, а ќе се покаже и в сабота. Најголемиот инцидент се случи на средбата против екипата на Вардар на стадионот, а тука беше и тепачката која не беше по наша вина, но многумина ни ја припишуваат нам, на натпреварот со Металопластика во “Младост“. Сето тоа беше доволно да ни припише епитетот лоши момчиња. Тука беа и блиските средби со полицијата, што не ни одеше во наш прилог. Кога се ќе се погледне од сегашна перспектива, не можеме да кажеме дека бевме “цвеќиња за мирисање“, но не бевме ниту толку лоши. На пример, ќе кажам дека сега од таа прва генерација сите сме горе-долу средени, немаме некои проблеми со законот и сите сега сме фамилијарни луѓе кои во добар дух ги воспитуваат своите деца. Да бидеме реални, имаше некои беа и на “другата страна“, но во “армија“ од 5.000 навивачи, има од се по нешто.
Неговиот другар не само по навивање, Балто, се присеќава и на еден многу битен факт кој некако се остава настрана.
-Ние бевме навивачи кои за време на поранешна Југославија навиваа за различни клубови, Партизан, Црвена Ѕвезда, Динамо, Хајдук, но по формирањето на независна Македонија, сите ние бевме едно, националисти Македонци. Бевме на протести пред Касарната, кога се селеше ЈНА, кога се тргнаа камерите од стадионот, кога скандиравме “Битола-држава“, незадоволни од централната власт и се покажавме како локал-патриоти.
Не може да има навивање без песни, а кога се песните во прашање тука е Атанас Смилков или како што многумина го знаат Кенан.
-Се компонираа песни во зависност од приликата, песните беа снимани од нас, а беа вклучени и битолски пејачки и пејачи. Сите се радуваа на нашата покана да снимаат песна за Пелистер. Имавме и имаме најубави песни за нашиот Пелистер, но тука се и оние што се направени како провокација за “Комитите“. Тие се трудеа да не копираат, но ништо од тоа, тешко им одеше и се уште тешко им оди.
Оние постарите, кои ја почнаа оваа навивачка ера во Битола, сега му се лутат на Јапоно, кога на ракометни и фудбалски натпревари истакнува транспарент: “Чкембари – ветерани“. Но, да ги спомнеме Ефто, Балто, Кире Чалтоно, Крто, Кире Катангата, Грамофоно, Ѕунѕо, Кенан, Цици, Зелката, Флоре, Центо, Аљото, Татаро, Монголо, Хондо, Велата, Шварцо, Тапано, Балто , Гаштаро, Зуле, Ѓаљата, Флиперо, Парпало, Сајпо и останатите на кои сега не можам да се сетам, нека не се лутат, но полека “им врви времето“, иако тие не се даваат.
Сега со огромниот навивачки хор диригираат некои помлади, на кои им е оставена иднината, која, како што велат постарите, е комерцијализирана. Основачите на навивачката група “Чкембари“ апелираат да се врати идеологијата што ја имаа некогаш.
Но сега, не само основачите туку “Чкембарите“ ги мачи тоа што не гледаат квалитетен спорт, туку гледаат како клубовите мака мачат со финансиите, кои се прв услов за квалитетен спорт. Не само “Чкембарите“, туку и сите битолчани се надеваат дека повторно ќе не огрее спорсткото сонце.
Текст: Сашо Ристевски
Фото: Сашо Ристевски и ахрива на Јапано
http://www.informator.ws/novosti-od-bitola/17282--25-.html
На “Магнолија“ славеа “Чкемабрите“
23 SEPTEMBER 2010
0
-Постоевме и во Југославија, постоиме сега во Македонија, а ќе постоиме и во обединета Македонија, рече еден од основачите на “Чкембарите“, Ефто Божиновски.
-Повеќе од 2.000 навивачи на навивачката група “Чкембари“ вечерна пред битолчани го прославија својот 25 роденден, а на оние кои биле секогаш со нив им доделија благодарници.
Во низата на свечености со кои се прославува јубилејот 25 години постоење на навивачката група “Чкембари“ вечерва на плоштадот “Магнолија“ се одржа настан на кој се пееје навивачки песни, но сите се присетија на она што се случувало во овој период.
На навивачите им се обрати и градоначалникот на Битола, Владимир Талески кој рече дека покрај сите работи кои се случуваат во Битола и по кои таа е позната, не смее и не може да се заобиколи и навивачката група “Чкембари“.
-Не знам дали во Македонија и пошироко има посилна навивачка група, но знам дека “Чкемабрите“ се душата на Битола. Сакам заедно сите да го славиме и 50 роденден, рече меѓу другото Талески.
На заслужни поединци и институции “Чкембарите“ во знак на благодарност му доделија благодарници. Признанија за 25 годишно пријателство добија: градоначлникот Талески, Силјан Мицевски, Ефто Божиновски, Александар Талески –Крт, Битолски весник, Тера телевизија, РЕК “Битола“, групите “Паркети“ и “Памперси“, “Чоканче“. Благодарниците ги предаде водачот на навивачката група, Никола Пискачев-Пискачо.
На крај атмосферата ја запали, еден од основачите на “Чкембарите“, Ефто Божиновски, кој на сите им го честита роденденот, и им рече да се чуваат за сабота кога треба да го победат Вардар во “Младост“, и на фудбалерите на стадионот под Тумбекафе, против Металург.
-Постоевме во Југославија, постоиме сега во Македонија, но ќе постоиме и во обединета Македонија, потенцираше Ефто, по што се запалија точно 50 бакљи, како рекоа “Чкембарите“ за секоја година по две.
Присутните ги забавауваа групите “Памперси“ и “Паркети“ а честа да ја отворат забавата ја имаа членовите на “Чоканче“ со кои “Чкембарите“ ги снимија првите навивачки песни.
Утре, петок продолжуваа свеченостите со отворањето на изложбата на фотографии од “Чкембарите низ годините“ која ја подготвија Никола Талески-Јапан и Сашо Ристевки, а ќе биде свечено пресечена и роденденската торта.
http://informator.ws/novosti-od-bitola/17293-2010-09-23-22-01-01.html
http://galerija.konzuli.com/thumbnails.php?album=845
lee:
lee:
lee:
lee:
lee::salut: