Матурантите бараат ревидирање на предметите за матурата
Скопје /13/02/ 16:50
Ревидирање на испитната програма по математика и екстерните предмети од државната матура денеска побара Средношколската унија.
Претставници на Средношколската унија кои денеска се сретнаа со државниот секретар во Министерството за образование и наука (МОН), Перо Стојановски, побараа да биде извршено ревидирање на испитната програма по математика и на екстерните предмети кои што факултетите ги изнесоа како приоритетни.
Средношколската унија, исто така бара, во подготовката на матурските испитни програми по мајчин јазик, странски јазик и математика да учествуваат и матуранти со континуиран одличен успех.
Унијата најави дека доколку не бидат исполнети барањата, ќе продолжи со протестите.
„Средношколската унија ги поддржува сите иницијативи на средношколците и доколку има потреба, да не биде како до сега без организација, Унијата ќе застане зад протестите на средношколците, се разбира доколку бидат во границите на дозволеното“, изјави претставникот на Унијата, Душан Беклиќ.
„МОН како и досега е отворено за комуникација со средношколците. Ги сослушавме сите отворени прашања и барања на средношколците, за поголемиот дел од прашањата кои што беа отворени денеска, во текот на денешниот и утрешниот ден ќе дадеме конкретен одговор“, изјави Стојановски по средбата со средношколците.
Претставникот на Иницијативниот одбор за укинување на државната матура, Михаил Младеновски денеска за Макфакс рече дека матурантите од утре повторно ќе излезат на протест против полагање на матурата.
Според него, иако Беклиќ тврди дека на средбата во МОН биле повикани и претставници на Иницијативниот одбор, таква покана не добиле.
Извор:
Макфакс