Pokazi mi kade vo ovoj cel svet toa go ima uslov nekade ili kade pishi vo eu ili nato dogovorite deka toa e uslov?
По препораките и на американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ, како и на амбасадорката НАТО, Викторија Нуланд, исполнувањето на обврските од мајскиот договор меѓу Груевски и Ахмети е се' поизвесно. Цели шест месеци Груевски не сакаше да признае дека таков договор и воопшто постои, а сега меѓународните дипломати бараат од нас тој да се спроведе онака како што е договорен на 29 мај. И Канцеларијата на Европската унија во Скопје вчера ја подвлече важноста партиите да работат и да се договорат околу имплементацијата на усогласените одредби и дека при спроведувањето на решенијата секогаш ќе ја имаат поддршката од ЕУ.
Премиерот Груевски во изминатиот викенд како да сакаше да остане на својот став дека мајски договор нема, па рече дека тоа не бил договор, туку спогодба со ДУИ за три точки, кои веќе се доставени до парламентот и дека за нив наскоро ќе се дојде до решение. Овие три точки се однесуваат на договорената листа од 45 закони кои ќе се гласаат со Бадинтер, за закон за Комитетот за меѓуетнички односи и негово рекомпонирање, при што еден член од ВМРО-ДПМНЕ треба да биде заменет со член од редовите на опозицијата.
„Веќе во собраниска процедура имаме закон за Комитетот за односи меѓу заедниците, во кој Владата достави промени, а тоа значи нов амандман во кој се внесува листата на закони за чие гласање ќе биде потребно Бадинтерово мнозинство. Мислам дека на тој начин ќе се спроведат двете обврски. Во исто време, и другата обврска за отстапување на еден член во Комитет ќе ја исполниме во знак на добра волја на парламентарното мнозинство дека не сакаме ние да надгласуваме и да одлучуваме во Комитетот за односи меѓу заедниците“, истакна Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, минатата недела изјави дека за него не се спорни законот за Комитетот, листата со 45 закони и замената на членот на ВМРО-ДПМНЕ со член од опозицијата, туку тоа што Груевски упорно сака да го отфрли законот за употребата на јазиците, како дел од мајскиот договор.Тој вели дека листата е договорена со 46, а не со 45 закони, во кој бил и законот за јазиците. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека овој закон не може да биде составен дел на листата, затоа што за него се' уште не е постигнат договор.
„Законот за употреба на јазиците во овој момент е спорен. ДУИ од самиот почеток настапи со предлог-закон кој не соодветствува на уставната поставеност на земјава, бидејќи сакаат да промовираат двојазичност на цела територија на Македонија. Ние сме согласни да се донесе закон за јазици, но кој е во рамките на Уставот и на законите, и тука се обидуваме да ги доближиме нашите ставови и да изнајдеме решенија“, истакнува Бонева.Таа, исто така, наведува дека согласност не е постигната ниту за прашањето за жртвите во конфликтот, затоа што нема договор за тоа дали ова да се реши со нов закон, како што бара ДУИ, или пак со постојната регулатива на која инсистира ВМРО-ДПМНЕ.
„Недоразбирањето е околу тоа што ДУИ смета дека со постојните закони не може да се реши проблемот со учесниците во конфликтот, туку бара да биде донесен посебен закон. Во мај кога разговаравме тие се согласија решавањето да се одвива во рамките на постојните закони“, тврди Бонева.
На партиите кои директно не беа вклучени во договарањето во суштина и не им е јасно што всушност е договарано на средбата. Андреј Жерновски од ЛДП вели дека нивната пратеничка група ќе побара да биде образложен целокупниот договор во парламентот.
„Јас не знам какви се' точки има во тој договор затоа што се' уште го немам видено. Според мои информации, договорот кој е депониран и во Стејт департментот, има пет точки, а Груевски не' уверуваше дека има три точки, токму оние две што не ги кажува се спорни за него“, вели Жерновски. И лидерот на Либералната партија, Стојан Андов, вели дека не му јасен договорот, но дека тој треба да се донесе онака како што е договорен.
„Јас не знам што бара ДУИ, но ако договориле Груевски и Ахмети дека треба таков закон да се донесе, а не го договориле како што треба, тогаш што поскоро да се договорат каков ќе биде тој закон, да го подготват и да ни го дадат во Собрание“, истакна Андов.
„За трите прашања лесно ќе дојдеме до решение, но не смееме да бегаме и јас сум еден од оние кои смета дека треба да разговараме и да дојдеме до решение. Сакале или не, мораме да најдеме некоја форма“, изјави Тито Петковски од НСДП.
За професорката на Правниот факултет, Гордана Силјановска, договорот меѓу Груевски и Ахмети не е вистински политички дијалог, туку е двопартиски, кој на овој начин ја супституира државата, која треба да биде објективна кон сите граѓани и партии. Според неа, закон за употреба на јазиците не е предвиден со Рамковниот договор, а со тоа и со Уставот.
„Во членот 7 од Уставот имаме став во кој се вели дека во државните институции може во употреба да биде јазикот на заедниците во согласност со закон и тоа може да биде одредено со законот за судови, за образование итн.“, вели Силјановска. За одлуката да се направи листа од законите кои ќе се гласаат со Бадинтер, таа смета дека тоа не е добро решение.
„ Деловникот е апсолутно несоодветен акт за да ги наброите законите и според општите начела на правото и според ставовите на Венециската комисија познат е ставот дека политички орган не може да одлучува за правни прашања. Ние не можеме на политички орган каков што е Комитетот, кој за жал, е во бинационален дух, да му дадеме надлежност да го допишува Уставот преку толкување, бидејќи тоа е политички орган“, заклучува Силјановска.