ова е интервју шо го дава Каролина некое време по смртта на ТОШЕ, за ЗЛИТЕ ЈАЗИЦИ е
„Tи си немир што ме тера да се навикнам, да верувам во љубовта ...“ е рефренот на песната „Немир“, дуетот на Тоше и Каролина. Нивно прво заедничко музичко искуство кога таа имаше 20, а тој 19 години. Беа речиси деца, на прагот на убавите нешта и Каролина со задоволство се сеќава на тоа време.
„Со Тоше се запознавме 1997 година на Скопскиот фестивал. Спонтано ни тргна муабетот, стоевме во група и колегијално кажувавме кој ни е фаворит... Беше многу поискрена тогашната наша естрада, а луѓето поспонтани. Тоше веќе беше со ’Авалон‘ една година, а во 2000 година јас го потпишав договорот и тогаш ни се случи дуетот - прв во мојата и во неговата кариерата. Интересно, кога и да бевме заедно, пеевме, некако ме понесуваше таа неговата енергија. И навистина Тоше постојано пееше. И секогаш беше насмеан. Ни се сложуваа гласовите и со часови пеевме балади. И приватно се дружевме, многу сакаше да раскажува вицеви, па снимањето на спотот за ’Немир‘ во Белград помина во фантастична атмосфера. Беше октомври, есента само што започна и дуваше кошава. Шетавме по ’Кнез Михајлова‘ и ги бендисувавме излозите. Кога почнавме со снимање, имаше толку спонтани реакции што не беа во сценариото и што режисерот не помислуваше да ги тргне. Денес, кога ќе го погледнам ’Немир‘, се растажувам од глетката - колку сме млади и безгрижни. И кој можел да претпостави дека по седум години еден од нас нема да биде жив... Со Тоше заедно патувавме во Австралија, десет дена бевме во Мелбурн и во Сиднеј за време на одржувањето на Олимписките игри. Се сеќавам дека бевме воодушевени од прекуокеанската природа, се' ни беше волшебно и имавме сила на многу нешта одново и одново да им се радуваме“, вели Каролина.
На петте мартовски концерти во Универзална сала, Каролина беше специјалниот гостин на Тоше, го пееја дуетот, а во времето кога кариерите им одеа напоредно, ја имаа и заедничката промоција во Белград, во „Интерконтинентал“. Каролина го промовираше албумот „Јас имам песна“, Тоше – „Синот божји“, а издавачот беше БК.
„На белградските новинари им беше многу симпатично тоа што се обидуваме да зборуваме српски и што се гаѓаме со падежи. Ама таму никој не ни забележи, напротив. Станавме омилени на седмата сила. Инаку, со Тоше се оддалечивме откако престана да соработува со ’Авалон‘. Секој на своја страна, контактите ни стануваа се' послаби за да крај сосема да ги снема. Беше зафатен, и последната средба ни беше минатото лето, на плоштадот во Скопје, на манифестација во чест на Крсте Петков Мисирков. Кога се здогледавме, за момент само се гушнавме, потоа тој се качи на сцена, испеа и си замина. Нема ден, а да не ми помине низ глава, не можам да ја избришам сликата и чувството колку навистина беше прекрасен човек“.