Спорот со името ги тангира сите етнички групи на мултиетничкиот спректрум на Македонија
Нерешениот спор со Грција околу името на Македонија се заканува да ја загрози евроатлантската перспектива на нашата држава. Целокупниот процес на реформи како да станува заложник на заканата за грчко вето при евентуална одлука за покана за членство на Македонија во НАТО. Бидејќи преговарачкиот процес е обновен и интензивиран и сите страни градат преговорачки позиции и цврсти аргументи, Македонија добива шанса да поентира зрело и убедувачки: државата во преговарачкиот процес да вклучи и претставници од албанската етничка заедница.
Во преговорите за името мора да се демонстрира единство. Ова е веројатно најконзистентната изјава дадена досега од сите релевантни политички, стручни или невладини фактори во земјата. Да, единство е постигнато, меѓутоа нашето единство е ексклузивно, резервирано само за македонската етничка заедница. Составот на „државно-владиниот врв“ одговорен за надворешната политика на државата е моноетнички, во него учествуваат само етнички Македонци. Дали за едно суштествено прашање какво што е името, решението им припаѓа ексклузивно на етничките Македонци? Проблемите по спортски манифестации, конференции, семинари и различни патувања ги чувствуваат сите државјани на Македонија подеднакво, не само етничките Македонци! Следствено на тоа, решавањето на спорот со името ги тангира подеднакво сите етнички групи кои го сочинуваат мултиетничкиот спректрум на Македонија. Затоа, во мултиетничка држава единството по однос на прашање какво што е името на државата мора да биде одраз на карактерот на државата - единството мора да биде инклузивно. Тука не важат образложенијата дека раководителите на институциите кои го сочинуваат „државно-владиниот врв“ случајно се етнички Македонци бидејќи тие најмалку можат да бидат поставени на тие позиции инцидентно. Да претпоставиме дека ова е единствената причина зошто нема ниту еден Албанец во преговорите за името со Грција. Во тој случај постојат безброј други опции како да бидат вклучени Албанците во процесот на преговори. Државниот врв може да формира советодавни, професионални, консултативни тела, кои би биле поддршка во преговорите. Името и формата се најмалку важни, битен е ефектот што може да се предизвика. Албанците би можеле да бидат вклучени како претставници на политичките партии, како надворешни членови, експерти, и слично. Постојат безброј опции да се постигне тој инклузивен ефект, ако постои волја.
Зошто е толку важна инклузивноста?
Првата причина е внатрешнополитичка и се однесува на внатрешните односи во државата. Вклучувањето на Албанците во преговорите за името би значело давање шанса на втората по големина етничка заедница во земјата да ја докаже својата посветеност кон државата. Посветеноста е појдовна точка во градењето меѓусебна доверба. Инсистирањето дека во државата се' уште постојат одредени прашања кои се резервирани како ексклузивно право на Македонците, додека Албанците и другите заедници немаат збор во нив, остава огромен простор за недоверба кај сите други етнички заедници. Таквата недоверба потоа ја прави комплицирана внатрешната консолидација на државата, постојано го држи високо на политичката агенда прашањето за етничката кохезија кога се во прашање битни одлуки за државата. Во оваа повеќе или помалку решавачка фаза за името, на Македонија и на државниот врв најмалку им е потребен простор за внатрешни злоупотреби или оспорување на процесот на преговорите. Етничките Македонци мора да сфатат дека Албанците како релевантна заедница бараат да бидат дел од решението за името. Нивното вклучување не треба да биде сфатено како закана за македонската страна во преговорите. Напротив, нивното учество треба да биде прифатено како конструктивен придонес кој е одраз на волјата на Албанците да придонесат во решавањето на еден проблем кој се заканува да ја загрози НАТО-перспективата на Македонија. НАТО е интерес на сите етнички заедници во земјата подеднакво, вклучително и на Албанците. Затоа, решавањето на спорот со името е исто така интерес на сите заедници, вклучително и Албанците.
Вториот аргумент зошто Албанците треба да бидат дел од преговорите е надворешнополитички и се однесува на ефектот што таквиот пристап би го предизвикал во регионалните односи и во меѓународната арена воопшто. Албанците претставуваат релевантен и сериозен политички и демографски фактор не само во Македонија туку во регионот воопшто. Таквата релевантност Македонија би требало да ја искористи како предност, не како слабост. Демонстрирањето внатрешно единство кое е резултат на етнички консензус помеѓу Македонците и Албанците единствено би придонело во создавање поцврста позиција на Македонија во обидите за решавање на спорот со името. Во период на решавање на статусот на Косово кој, најверојатно, ќе се заокружи со формирање нова држава на Балканот со мнозинство Албанци, во очекување на покана за членство во НАТО за три балкански држави, од кои едната е токму Албанија, Македонија треба да се постави конструктивно кон својата втора по големина популација – Албанците и да се обиде да го искористи нивното влијание во своја полза.
За жал, се чини дека кај македонскиот етнички блок се' уште не постои подготвеност на овој начин да се пристапи кон решавањето на спорот со името. Името и понатаму се смета како прашање кое го засега ексклузивно македонскиот народ и нивниот идентитет и по автоматизам ги исклучува од процесот сите немакедонски заедници кои се дел од Македонија. Неподготвеноста да се поканат Албанците да бидат дел од преговорите на начин кој дополнително би се дефинирал е резултат на страв и недоверба кај Македонците дека е навистина возможно Албанците да придонесат на позитивен начин да се изнајде решение за овој долгогодишен проблем. Таквото оспорување на лојалноста кон државата кое константно го изразува македонскиот етникум постојано создава простор Албанците да се чувствуваат отфрлени, игнорирани. На тој начин градењето етничка кохезија и мултиетничка демократија станува тешко остварлива цел