Петтопласираниот тим во Бундеслигата во моментот, Букстехуде, е противникот на женскиот ракометен колектив, Металург, во полуфиналето на годинашното издание на Челинџ купот. Првиот меч ќе се одигра на 10/11 април во скопска Автокоманда, составот на Крсто Петрушевски ќе гостува кај екипата од северот на Германија на 17 април во „Спортхале Шулцентрум“ салата во која Букстехуде ги игра своите натпревари како домаќин. Во вториот полуфинален двомеч ќе се пресметаат бундалигашот Гепинген и полска Гдинија.
Вчерашната ждрепка во Виена беше сурова за единствениот наш претставник во ракометните евро-купови. Металург го доби она што најмалку го сакаше, го доби, според многумина, првиот фаворит за титулата во ова натпреварување. Фаворитската улога во целост оди кај Букстехуде, тимот кој во сезоната 2001/02 стигна до финалето во Челинџ купот, но пехарот тогаш заврши во витрините на романска Универзитатеа Ремин од Дева. Тоа е запишано и како најголем успех во историјата на клубот од околината на Хамбург. На патот до полуфиналето во Челинџ купот ракометарките на Букстехуде, овојпат, ги елиминираа српски Заечар, во 4. коло (32:28, 27:25), и француски Безансон во четврт-финалето (37:14, 26:28). Во составот на Дирк Леун има само две интернационалки, двете Холанѓанки, голманката Деби Клијн и средниот бек, Дијана Ламеин. Останатите се домашен кадар кој цврсто го држи местото во водечката петорка во бундеслигашката конкуренција.
Прв стрелец на Букстехуде оваа сезона во Бундеслигата е левиот бек Јана Стапелфелд. Ги одира сите 20 меча за својот тим во домашната сцена во кои постигна вкупно 104 погодоци, од нив 31 од линијата за седум метри. На листата најефикасни по неа следуваат десното крило, Изабел Клеин со 75 гола (9 од пенал), пет помалку од неа впиша Ламеин, Макси Хајн (десно крило) е четврта по бројот на реализации со 69 погодоци, третина (23) постигнати од пенал.
„Добивме противник што најмалку го посакувавме. Букстехуде е фаворит во двомечот со нас, но спортски е да се надеваме на добар резултат. Барем за наше светло издание во двата натпревара, ќе се обидеме достојно да го презентираме македонскиот ракомет во претстојната прилика што ја гледаме и како можност за клупска афирмација меѓутоа и за афирмација на самите девојки“, рече по ждрепката Крсто Петрушевски, тренер на Металург, кој е свесен за тежината на противникот, па затоа беше и приземен и без еуфорија по дознавање на веста по ждрепката во Виена.
Металург мина три рунди до полуфиналето во Челинџ купот. Во третото коло ја елиминира чешката екипа Каста Сокол Пишек, во осминафиналето излезе како победник во двомечот со словачки Слован Дусло од Шала, во четврт-финалето беше подобар од исландски Фрам.