ИСКУСНИОТ СРПСКИ БЕК УШТЕ ЕДНА СЕЗОНА ВО ФЕНИ ИНДУСТРИ
Нов договор за Прековиќ, Поповиќ "слободен"
Милан Прековиќ, еден од играчите кои дадоа голем придонес во двете шампионски титули, и во следната сезона ќе го носи дресот на Фени Индустри. Нема нов договор од кавадарчани за Владо Поповиќ...
Една дилема во Фени Индустри во овие жешки денови кога се зборува за изгледот на екипата во следната натпреварувачка сезона.
Имено, искусниот српски интернационалец Милан Прековиќ го прифатил продолжувањето на соработката со македонскиот шампион за уште една сезона кое му го понудило раководството на Фени Индустри.
"Да, иако договорот официјално не е потпишан, можеме да објавиме дека Милан Прековиќ ќе биде играч на Фени Индустри и во наредната сезона" - потврдува првиот човек на двојниот шампион, Абед Амир. "Можам да кажам дека ние како раководство на клубот само ја почитуваме желбата на стручниот штаб да ја продолжиме соработката со Прековиќ. Разговаравме со него, и тој одговори позитивно на нашата понуда, па сега само останува тоа и да се официјализира"- дополнува Абед. "Сметаме дека неговото огромно искуство му треба на овој наш тим во она што не чека во следната сезона, полна со предизвици, во која сем домашните обврски ќе треба да се соочиме и со натпреварите од Балканската лига".
Статистиката вели дека 34. годишниот Прековиќ одиграл 26. средби за Фени Индустри во текот на ланската сезона. Притоа за просечни 32.6 минути, високиот бек на кавадарчани реализирал по 10.4 поени, односно 29.асистенции и 2.5 скока по натпревар.
Ако за Прековиќ има, тогаш со стонастотна сигурност може да се потврди дека Фени Индустри нема да му понуди нов договор на вториот интернационалец од Србија, од шампионскиот состав на "портокаловите", Владо Поповиќ.
"Да, исто така по препорака на стручниот штаб предводен од Емил Рајковиќ, одлучивме да не ја продолжиме соработката со Владо Поповиќ, Ние како Фени Индустри сме му благодарни за се што му даде на клубот за време на својот престој и му посакуваме многу среќа во понатамошната кариера"- потврдува уште еднаш, првиот човек на македонскиот шампион.
интересно, статистичките податоци велат дека Поповиќ има подобри бројки од Прековиќ.
На 20. средби кои ги одиграл во регуларниот дел од сезоната, Поповиќ има просек од 11.8 поени, 3. скока и 2.3 асистенции за околку 23.минути поминати на паркетот.
А се чини дека токму прекинот на соработката со Поповиќ би можел да значи дека Фени Индустри ќе се појави на летниот пазар на странски играчи?
"Помалку или повеќе се знае изгледот на екипата. Веќе е објавено дека Ѓорѓи Чековски ќе биде нов играч на Фени Индустри со чиј ангажман практично ја затворивме внатрешната линија во тимот. Ни останува да бараме едно квалитетно засилување на бековската позиција. Веќе сме во потрага, но и за тоа краен збор ќе има тренерот Рајковиќ"- дообјаснува Амир Абед.