http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=110424937A8CFF45B73E7683C3A923EC
Илиевски ја тестира довербата на играчите
Новиот тренер на фудбалскиот прволигаш Металург, Никола Илиевски-Џиџи, не издржа до крајот на есенскиот дел од првенството за да ја направи селекцијата на играчите со кои ќе ја продолжи соработката. „Пребројувањето“ на играчите што ќе останат на Железарница ја забрза неочекуваната елиминација од фудбалскиот куп на Македонија, од второлигашот Скопје, што претставуваше неславно деби за новоангажираниот стратег.
Како резултат на елиминацијата од купот Илиевски ги подели првите откази за седуммина играчи: Ванче Манчевски, Зоран Јованоски, Алексаднар Донев, Омер Бишевац, Емир Шабани, Благојче Рутевски и Јован Стефановиќ, а ангажираше двајца новаци: Јорде Георгиевски и Јован Костовски. Голманот Георгиевски веќе е на располагање, а за интернационалецот Костовски како повратник се чека само задолжителниот сертификат.
- Не ме интересираат имиња. Играчкиот потенцијал се потврдува на теренот со резултати. На листата се уште неколкумина кандидати кои треба да ме уверат дека заслужуваат да ја продолжиме соработката. Шанса им се преостанатите две средби од првенството, вели Илиевски за почнатата акција.
Илиевски го наследи на клупата Ѓоре Јовановски, кој доби отказ поради несоодветните резултати на тимот од кој се очекуваше место при врвот на табелата. Проветрувањето во тимот беше најавено за во паузата од првенството.
- Она што е вложено, играчите треба да го оправдаат со резултати. Индивидуалниот потенцијал не е корисен ако не е во функција на тимот. Затоа сите треба во прв план да го ставиме тимот, да дејствуваме како целина, вели Илиевски.
По прекројувањето на прволигашката табела со дисквалификацијата на Македонија ЃП и Слога Југомагнат, Металург се проби на третата позиција (19 бода), но е далеку зад водечката двојка Ренова и Работнички, кои имаат предност од 13 односно 12 бода. Поради нерасчистениот договор на клубот со претходниот тренер Јовановски, неговиот наследник Илиевски неможе да седне на клупата.
(Д.Н.)
се надевам дека Пелистер ќе си го врати назад рутевски па зошто да не и уште некој да земи без пари да игра за нас :kesa:ако сака само за излез во европа да игра :smir: