- Член од
- 5 септември 2007
- Мислења
- 3.848
- Поени од реакции
- 960
За Природата на Бог
Убеден сум дека човекот не е способен, а најмалку компетентен во целост да ја спознае природата на Бог, и како таков не е способен да даде сеопфатен одговор на прашањето: Каква е природата на Бог?
Со други зборови, колку и да се трудиме, ние не можеме да го сместиме Бог во некоја наша хипотеза, теорија или филозофија. Не можеме да го сведеме Бог во некаков систем на равенки или да го сместиме во епрувета. Обратното верувам е можно, но не и ние Него.
Дефиницијата, математички гледано, претставува ограничување на објектот што го дефинираме од останатата околина. Јасно е дека ние со нашиот ограничен ум не можеме да ограничиме едно безгранично битие како што е Бог. Следствено човекот не може да го дефинира Бог.
Но ако е така, дали тоа значи дека ние не треба ни да се обидеме да дознаеме нешто за Бог? Дали нашиот исконски копнеж за Бог би запрел тука? Не!
Иако ние преку научен метод не можеме да извлечеме многу информации за тоа каков е Бог и каква е Неговата природа (освен тоа дека е совршен дизајнер и плански создател кој со љубов и грижливо го создал светот), сепак Бог благоволил Тој да направи чекор и да ни се објави нам.
Овој начин на откривање на вистината се вика Откровение.
Како христијанин верувам дека Бог ни се објавува во Библијата, каде покрај другите суштински работи, Тој благоволил да ни открие и некои работи за Себе, за Својот карактер и за Својата природа. Барем онолку колку што Тој сметал дека е потребно за нас согласно нашиот умствен капацитет. Сепак верувам дека тоа е доволно за да можеме правилно да комуницираме со Него и правилно да Го обожаваме.
За изненадување на некои овде на форумов, Библијата објавува дека постои само ЕДЕН Бог и дека не постои друг Бог освен Него. Доказ за тоа се следниве стихови од Светото Писмо:
Второзаконие (5 Мојсеева) 6:4; Марко 12:29; Римјаните 3:30; 1 Тимотеј 2:5; 1 Коринт 8:4-6 итн.
Бог е еден, но ни се претставува во множина. (сингуларитет во плуралитет)
Ова ги збунува не само муслиманите, туку и многу млади (во верата) христијани. Одговорот зошто ова не збунува веќе го наведов во воведот погоре.
Уште на првите страници на Библијата, зборот Бог (хебрејскиот збор Елохим) е множина (еднина е Ел или Елоах). На пример:
"На почетокот Бог (Елохим) ги создаде небото и земјата. “ (Битие 1:1)
Интересното тука е тоа што иако зборчето "Бог" е во множина, глаголот "создаде" е во еднина, а не множина "создадоа" како што би очекувале.
Самиот Бог често зборува во прво лице множина. (Битие 1:26; 11:7; Исаија 6:8 итн.).
Но како да го разбереме ова, како може Еден да ни се објавува во множина?
Ако размислиме малку и ако разгледаме наоколу ќе видиме дека тоа и не е толку нелогично и невозможно. Постојат многу творби кои претставуваат еднина од множина, па се чини како Творецот да си ја пресликал оваа особина и врз Своите творби.
Најдобар пример за ова сме ние луѓето. Човекот се состои од дух, душа и тело. Можеби за изненадување на некои, но и човекот е тројство. Што и не е така чудно ако се потсетиме дека човекот е создаден според Божјиот образец. Размисли сега добро: дали во себе гледаш три личности или една?
Телото без дух е мртво. Духот без тело не е човек. Сепак телото не е исто што и духот, ниту пак душата. А сепак сите три заедно сочинуваат не три, туку еден човек.
Друга илустрација можеме да покажеме со јајцето (од кокошка). Тоа се состои од лушпа, белка и жолчка. А сепак немаме три јајца, туку едно јајце.
Ако земеме микроскоп и набљудуваме некој дел од телото ќе видиме дека тоа се состои од милиони живи клетки, од кои секоја е жива сама по себе. Сепак животот на секоја од нив во некоја смисла зависи од телото, од крвта која ги храни. Гледаме како клетките си служат една на друга, како едни органи помагаат други, тие пак трети, едни управуваат, други се управувани. Сепак не станува збор за огромна фабрика на луѓе, туку за само ЕДЕН човек. Колку е тоа чудесно, колку божествено го дизајнирал тоа нашиот Создател.
Бог е Тројство. Татко, Син и Свети Дух. Зборот Тројство е кованица од две зборчиња: Тројца и Единство. Синоними се Троица, Троеден итн. Сепак сите овие ја рефлектираат истата вистина: имено, еден Бог, но во множина од три лица.
Еден од доказите за ова е стихот: Матеј 28:19.
"..одете и крштевајте ги во името на Таткото, Синот и Светиот Дух.. “
Интересно е што вика "името" (еднина), а не “имињата”.
Има многу докази во Библијата дека Таткото е Бог, дека Синот е Бог и дека Светиот Дух е Бог. Еве неколку стихови кои го потврдуваат тоа:
Таткото е Бог. 1 Коринт 8:6; Ефес 4:6; Римјаните 1:7 итн
Синот е Бог. Јован 1:1,14,1,20,28,31; Римјаните 9:5; Филипјаните 2:6; Тит 2:13; Евреите 1:8; Откровение 1:17,18 итн.
Светиот Дух е Бог. Дела 5:3,4; 2 Коринт 3:18;
Еве неколку стихови кои ги ставаат во тесна спрега лицата на Тројството:
(Христовиот Дух = Светиот Дух)
"..тие (пророците) испитуваа на кое и на какво време посочување Христовиот Дух, кој беше во нив.. “ 1 Петар 1:11
"..ниедно пророштво во Писмото не е од нечие сопствено толкување, зашто никогаш ниту едно пророштво не потекнува од човечка волја, туку луѓе поттикнати од Светиот Дух зборувале од Бога” 2 Петар 1:20,21
(Светиот Дух = Исусовиот Дух)
Тие поминаа низ Фригиската и Галатската земја зашто Светиот Дух им
забрани да го проповедаат словото во Азија. А кога дојдоа спроти
Мисија, се обидоа да отидат во Витанија, но Исусовиот Дух не им дозволи.
Дела 16:6
(Божјиот Дух = Христовиот Дух)
"Но вие не сте телесни, туку духовни, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов. “ Римјаните 8:9
Манифестацијата на Светото Тројство е очигледна и во следниве библиски случки и цитати:
Крштевањето на Исус (Матеј 3:16,17)
Големата заповед на Исус (Матеј 28:19)
Благословот на Петар (2 Коринт 13:14)
Несоомнено, сите божествени атрибути (создавањето на светот, сеприсутноста, семоќноста, сезнајноста, итн.) низ целата Библија им се припишуваат еднакво и на Таткото и на Синот и на Светиот Дух.
Нека Бог ви даде мудрост да го разберете тоа, или пак доволно вера да го прифатите почитувајќи го авторитетот на Светото Писмо.
Простете ако ова беше предолго.
Поздрав до сите на форумов!
Чорбаџијата