- Член од
- 20 декември 2005
- Мислења
- 503
- Поени од реакции
- 6
ИНСТИТУТОТ ЗА ДЕМОКРАТИЈА ГО СОНДИРАШЕ МОМЕНТАЛНОТО РАСПОЛОЖЕНИЕ НА ГЛАСАЧИТЕ
На Груевски му порасна рејтингот во септември
СДСМ и ДУИ имаат речиси идентичен рејтинг. Македонскиот дел од опозицијата има 7,2 отсто поддршка кај гласачите, а албанскиот 7 отсто. И двете бележат пад во рејтинзите во споредба со јуни. Подраматичен е кај ДУИ, за речиси 2 проценти, а кај СДСМ нешто повеќе од половина процент. Ист процентуален пад како и партиите, имаат и нивните лидери. Сега Шекеринска има рејтинг од само 1,6 отсто, а Ахмети од 7,1 отсто.
Според политикологот Владимир Божиновски, раководител на истражувањето на Институтот за демократија, речиси идентичните рејтинзи и на власта и на опозицијата во споредба со претходните анкети се должат на добрата работа на владата и на лошата работа на опозицијата и нејзината неприемчивост кај населението.
- Ако до наредната пролет, до април-мај, владејачката партија го задржи нивото на рејтингот, што подразбира тој да не падне на помалку од 18 отсто, тогаш ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ќе ги добие и наредните избори. Тоа веќе ќе биде знак дека поддршката на владата не се базира единствено на надежта дека ќе биде подобро, туку и на задоволството од сработеното. Доколку соодносот се задржи, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во можност самата да формира влада - изјави Божиновски за ВЕЧЕР.
Дали ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе успеат во тоа, според политикологот, ќе зависи од два фактори. Првиот е Самитот на НАТО во Букурешт во април, од кој очекуваме покана за членство, а вториот е растот на Бруто домашниот производ (БДП).
- Поканата веќе и не зависи од нас. Направено е тоа што се бараше од нас и сега нашата судбина е во рацете на НАТО. Што се однесува до БДП-то, тука владата има многу поголема одговорност, бидејќи објави дека очекува негов раст од 7 отсто. Ако се случи тој раст да се оствари, што во одредена мера и нема да биде изненадување со оглед дека и ММФ ретерираше од своите проекции за 4,5% раст и призна дека можно е тој да биде поголем, тогаш граѓаните веќе ќе имаат јасна слика дека економијата заздравува - вели Божиновски.
Од останатите партии и лидери за одбележување е рејтингот на Мендух Тачи, кој порасна за 3 пати откако го презеде раководството со ДПА. Сега има 2,4%, а во февруари имаше 0,8%. Тоа, според политиколозите, се должи на промената на неговиот имиџ и тоа што тој веќе нема така агресивни настапи во јавноста како порано. Незначително, но со смената на врвот на ДПА и рејтингот на партијата бележи раст. Сега има 5,5 отсто, или само 1,5 отсто помалку од конкурентската ДУИ.
За одбележување се и енормните падови на рејтинзите на поранешните премиери Владо Бучковски и Љупчо Георгиевски. И двајцата сега имаат рејтинг под 1 процент. Кај Бучковски ваквиот рејтинг се објаснува со кривичната пријава за аферата "резервните делови", а кај Георгиевски со актуелизирањето на случајот "Окта" и неговата политичка активност во Бугарија.
Претседателот на државата Бранко Црвенковски, има идентичен рејтинг како и на претходното истражување. Како и во февруари, така и во септември, неговиот рејтинг е 3,9 отсто.
Со ваквата поддршка тој е трет на листата со најголема поддршка кај гласачите, по Груевски и Ахмети. Од Груевски има 7 пати помал рејтинг, а од Ахмети речиси двојно.
Сепак, со 3,9 отсто тој е убедливо попопуларен од лидерката на СДСМ, Шекеринска, која има 3 пати помал рејтинг од него.