Пак не плашат со албанскиот баук
Суад Мисими се самоидентификува како Албанец, интелектуалец, а со тоа и експерт за одредена област. Тоа значи дека човекот има сертификат за продлабочени познавања за одредени прашања и дека, кога е јавно прашан, тој го дава својот суд, своите процени врз основа на сериозни анализи засновани на мериторни факти. Тоа, пак, подразбира свесност оти неговите искази се подложни на исто толку јавна и критичка опсервација. Господинот албански интелектуалец минатата недела спокојно и во присуство на новинар на национална телевизија, кој очигледно не е експерт ни за поставување прашања, излезе со следниве тези:
„Албанците во Македонија во изминатиов период, во име на мирот во куќа и зашто ги разбирале Македонците и нивните фрустрации, ја жртвувале својата исконска, национална и политичка кауза - да се зачленат во НАТО, но тој свој порив нема да можат уште долго да го држат на поводец“.
„Ако се случи поделба на Косово, тогаш Албанците во Македонија ќе посакаат поделба и на Македонија“.
Ваквите процени не се никаква новина. Веќе извесно време ги разработува шефот на државата, лично или преку неговите следбеници, но, за разлика од 2001 година, тие не ја постигнуваат целта. Причината е во промените што го зафатија светот, драматичната промена на позициите на глобалните играчи, а со тоа и на глобалната политика, нејзините приоритети.
Оттука, и Суад Мисими своите тези ги пласира на неплодна почва. Но сепак заслужува внимание заради тенденцијата во наредниве неколку предизборни месеци да прераснат во нова кампања на сеење страв, омраза и прихранување на милитантниот радикализам.
Јас немам намера да се занимавам со финоќата на етноинтелектуалците зад која ѕиркаат лицемерство и невешто скриен воено-хушкачки радикализам во полза на одредени политички номенклатури. Јасно ни е дека Мисими е активиран на копче со намера јавно да ја пренесе уцената на лоби-играчите. Но многу ме интересира дали креаторите на овие тези со сериозен логички дефицит навистина веруваат дека нивното преповторување ќе предизвика масовна недоверба кон Владата со која раководи Никола Груевски, односно кон неговата политика, која би била пресвртна за односот на политичките сили на овие избори. Имено, колку што гледам, соодносот од три наспрема еден и понатаму се одржува.
Нарацијата на првата теза е дека Албанците се жртви на македонската тврдоглавост, кои баш запнале да си го сочуваат рбетот на својот национален и културен идентитет, а тоа е името на државата. Бидејќи Македонците му укажуваат голема доверба на креаторот на тврдоглавата политика, ВМРО-ДПМНЕ, нужно, вината станува национално колективна, освен ако не му свртиме грб на Груевски.
И, така, Мисими експертски нè подели на евроатлантски ориентирани Албанци и на антизападно ориентирани Македонци, кои кога-тогаш ќе мора да кинисаат по различни патишта. Освен ако Македонците не се самоукинат на радост на нивните соседи.
Треба да е човек безобразен и морално запуштен за да излезе во јавност со оцени што го имплицираат горенапишаното. Пред сè, кој воопшто го прашува Суада што мисли за македонскиот идентитет. Не знам кај се родил, но живее во Македонија. Ако му е тешко да се идентификува со неа, ене му го светот. Ако му се брза за во НАТО, нека тркне во Албанија. Ако не, ќе чека заедно со сите нас и ќе научи да дели и добро и лошо, како сите емоционално зрели луѓе во една држава што минува низ тежок период. А што се однесува до можноста Македонија да се дели, на малиов изгледа не му е сосема јасно оти сега се игра друга партија шах.
Кога Суад тврди дека неговите сонародници сакаат брз влез во НАТО веројатно смета дека тие, наспроти Македонците, се подготвени и ги исполнуваат условите, односно стандардите.
Ова кога не би било тажно, навистина би било многу смешно. Каде сè уште доминантно се игнорира фискализацијата? Кој упорно одбива да плаќа сметки за струја, вода и комуналии. Кој не плаќа данок на имот? Кој со секири, стапови и пиштоли го брани своето право да биде надвор од секој закон? Кој е вооружен до заби, кој купува куршуми по едно евро парче за да може да пука на свадби и избори? Кој е решен правото да прави курбан во својот двор да го брани и со војна? Кој негува традиција на крвна одмазда? Таканаречените албански интелектуалци во изминативе години комплетно кикснаа на полето на просветителството фокусирајќи се само на својот територијален сон. На последните парламентарни избори видовме сите дека Албанците не гласаат, туку полнат кутии. Дека не ја совладале ни првата лекција за слободно индивидуално гласање. Албанците на гласање одат групно, со пушки и пиштоли. Нивните политички лидери сè уште не и се извинија на Македонија за касапааната што ни ја приредија. Македонците молкум ја прифатија оцената на Брисел дека Македонија не може да добие датум за преговори зашто назадувала во демократските процеси - имала насилни избори како што молкум трпат да им ги прскаат прстите со спреј за да се спречи двојно, тројно и шестоструко гласање. Оттука, сосема е логично да заклучиме дека пораката оти Албанците се за брз влез во НАТО е несериозна. Барем до изведба на следните избори, кога тезата ќе биде ставена на тест онаму каде што гласаат Албанците.
Што се однесува до второто тврдење на Суад дека Македонија ќе се поделела територијално доколку Косово не опстане како држава, односно ако се подели, тој всушност прави две неверојатни грешки. Покажува дека е наивец, кој верува оти Албанците се фактор што самостојно донесува одлуки за војна и мир, а со тоа имаат капацитет за промена на меѓудржавни граници. Потоа и дека со пласманот на оваа теза го отвора патот за компромитирање на рамковниот договор - сè до негово повлекување од јавниот и политичкиот живот. Ви се молам! Каква врска има територијалната целовитост на Косово со Македонија? Нели рамковниот беше гарантот на македонската унитарност и интегритет. Нели гаранти плус се евроатлантските потписници. Нели со него беа апсорбирани и најрадикалните албански барања. Нели Македонија го призна независно Косово. Ако не е така, тогаш, вистина било дека ОНА не се борела за човекови права. Дека ОНА всушност била косовскиот УЧК, кој војувал за промена на граници, односно за освојување територии. Од тука до заклучокот дека независноста на Косово не е елемент што го стабилизира југот на Балканот нè дели само еден мал чекор, а кога до таков заклучок во драматично изменети геополитички услови би дошле најмоќните држави, косовската независност ќе исчезне како фатаморгана. Аналогно, рамковниот може да биде преоценет како документ што не ја вратил Македонија од работ на бездната, туку имал матна политичка цел за да ги намири соседските апетити кон Македонија, а на штета на Македонците.
Пласманот на ваквата теза како колатерална штета ги има и македонските политичари, особено оние што беа декларирани како обожаватели на рамковниот и со страст излегуваат во пресрет на сите барања, ултиматуми и уцени што сенекој ги испорачува на вакво плодно тло.
извор