Гледавте Код ? Имаше нешто на кратко збореше еден снајперист и тој изјави дека поседуваме некој снајпер кој го имаме само ние од целиот балкан
-------------------------------------------------------
А на ова налетав во еден весник
Животот смрди на барутот од 2001
Поранешниот полициски тигар Страшо Глигоров после секоја акција во воениот конфликт во 2001 година водел мал дневник. На парче хартија ја запишувал секоја емоција предизвикана од секој куршум испукан кон ОНА.
Неговите воени белешки почнуваат со првото огнено крштавање под тетовското Кале. Од тогаш за Глигоров почнува се да смрди на барутот од 2001.
Првото огнено крштавање во конфликтната 2001 година за поранешниот тигар било при нападот на тетовското Кале. Сеќавањата на тој ден му се свежи како вчера да се случило.
"Бевме во Танушевци кога ни јавија дека треба да се интервенира на тетовското Кале. Во Танушевци врнеше, па кон Калето тргнавме жива вода. На патот веднаш под Калето беше отворен оган врз нас. Дожд од секакви проектили паѓаше врз нас. Беа ранети неколку колеги, но не попуштивме. Сите се држеа невидено храбро. Не попуштивме ни пред огнот, ни кога се изнамачивме да ги свртиме возилата за да продолжиме. Пукаа на нас со тромблони, митралези, автомати. Беше вистински мал фронт. На повлекување непријателот тргна по нас. Тогаш беше најтешкото, но никој од нас не попушти. Никој не чувствуваше ни замор, ни паника, ни страв. Ни се чинеше дека сето тоа трае кусо, а всушност траело можеби и три часа. Припадниците на ОНА се спуштаа се пониско, па еден колега ги запука со тромблони. Тој е многу силен колега, па тромблоните ги испукуваше од рамо. Партали ги направи. Тогаш беа полесно ранети шест тигри", раскажува Глигоров.
Нивната задача била да го исчистат патот кон Шапка и да се излезе над Калето. Напред одел булдожер, по него тенк, па оклопните возила.
"Булдожерот уриваше се пред себе. Ништо не можеше да го запре, а го возеше обичен работник. Неговата храброст беше невидена. Силно газевме се пред нас. ЕСЗ требаше да нападне од Гајре, па идевме од Шипковица кон Шапка. Се искачивме на одредената позиција и го гледавме Калето под нас. Поставивме црни стрели и почнавме да гаѓаме, а ОНА возвраќаше со истрели од бункери од правец на Селце. Тогаш прв пат го почувствував барутот буквално под нос. Куршум ми прелета покрај лицето. Ама такви работи не не спречуваа во задачите. Сите притиснавме со сета сила. Калето беше опколено. Од една страна, полицијата, од друга, армиските волци. ОНА почна да бега. Калето беше освоено.
"На 23 јули 2001 се разбудив околу шест часот. Ноќта имав лош сон и поради него имав лошо претчувство. И брат ми беше во тигрите, па умот ми одеше на него. Бев старешина во базата. Попладнето околу 17.30 часот добивме информација дека нашите се нападнати во Теарце. Веднаш тргнавме кон Тетово со хермелини и со пинцгауери. Јас бев во последното возило, а брат ми во првото. Јас не носев панцир. Кај Карпалак пак пред очи ми дојде сонот. Си реков, ај да ставам панцир нешто лошо ќе се случи. Само што ја ставив левата рака во панцирот не нападнаа од левата страна со зољи, митралези, бомби, РПГ... Најсилниот оган беше врз првото возило во кое беше брат ми Мите. Му го погодија возилото со зоља и целото чадеше. За среќа, вратата им била отворена и млазот од зољата излегол надвор. Но, се запалија сандаците со муниција. Гледав како гори и се молев да не експлодира. За среќа, специјалците од ЕСЗ се многу спремни. Немаше ни паника ни страв и враќавме на огнот. Брат ми се снашол и со шишиња минерална вода ги полеал запалените сандаци и ја спречил експлозијата на муницијата. Го одбивме нападот. Сите возила ни беа изрешетани, ама продолживме понатаму за Тетово. Тоа се случи 10 дена пред големата трагедија кога кај Карпалак загинаа бранителите. Ние паднавме во заседа, а после никој не го обезбеди местото и се случи трагедија", вели Глигоров.
Нему Карпалак не му е единствениот настан вечно врежан во сеќавањата. Во неговите мисли засекогаш ќе останат и Радуша и Брест и Жилче...
"На 11 август тргнавме за Радуша да ги извлечеме полицајците кои беа под опсада во селото. На пат кон селото постојано не надлетуваа авиони и хеликоптери кои стрелаа кон непријателските линии. На стемнување стасавме во Радуша. Мојата задача беше да се пробијам кај кујната од станицата. Застанавме со хермелинот и кога ја отворивме вратата неколку полицајци од кујната се стрчаа и влегоа во хермелинот. Немаа оружје и ги прашав кај им е личното вооружување, а тие ми одговорија: 'Какви пушки, 18 часа сме на позиција и под оган, не сме јаделе ниту сме биле во тоалет, тргнувај да си одиме'. Тогаш видов дека пред кујната има неколку сандаци и го прашав полицаецот од станицата што има во тие сандаци. Тој ми рече дека внатре има оружје и муниција, но дека тоа сега не е важно, оти треба да се спасуваме. Се налутив, скокнав надвор и ги отворив сандаците. Беа полни со муниција за минофрлачи и со автоматски пушки. Си реков: 'Ова нема да им го оставиме на непријателите'. Им наредив на полицајците што ни влегоа во хермелинот да излезат од возилото за да товарат. Тие не сакаа и првиот што ми беше при рака го грабнав надвор. Немаше место за целото оружје. Им се јавив на командантот и на заменикот да им кажам за ситуацијата. Тука имаше еден камион, но му беше празен акумулаторот, па наредив да го закачат камионот за хермелинот и да го натовариме оружјето. Влегов внатре во кујната и најдов купишта сандаци со оружје и муниција. Тоа мораше да се спаси, за да не го заплени непријателот. Натоваривме се и тргнавме кон Скопје", се сеќава полковникот Глигоров.