Владиката Кирил го кодошел владиката Петар
Цветин Чилиманов
Епизодна улога во досието на Трајко Трајковски, поранешен активист на Движењето за ослободување и обединување на Македонија, игра и актуелниот владика полошко-кумановски господин Кирил.
Кирил, се запознал со Трајковски додека служел во САД, а во октомври 1985 година бил замолен од страна на Трајковски да се заложи пред властите во Скопје за пуштање од затвор на лидерот на ДООМ Драган Богдановски. Трајковски на Кирил му предал и писмо со повик за ослободување на Богдановски, кое замолил да го предаде во Собранието на Македонија.
Во документите кои се обелоденети во досието на Трајковски, пишува дека владиката Кирил побарал средба со полицијата при што на агентите на Службата за државна безбедност им го предал писмото. Потоа, пишува дека владиката ја информирал полицијата за активностите на Трајковски и други иселеници во САД, а на крајот почнал да зборува против владиката Петар.
Во досието има белешка на петтиот сектор на Службата за државна безбедност од 23 октомври 1985 година, насловена „Предмет г.г. Кирил“ во која пишува дека Трајковски му го предал писмото на Кирил.
- Во писмото, Трајко го замолува г.г. Кирил разговорот што го воделе меѓусебе, и како што се договориле, разговорот да го спроведат во дело, во врска со пуштањето од затвор на Драган Богдановски - пишува во оваа белешка.
По неа следи белешка од 11 декември 1985 година, од разговор со доушник чие им е пречкртано со црн фломастер, но јасно е дека станува збор за владиката Кирил и за истото писмо. Документот е насловен „Предмет - извршен разговор со ПРЕЧКРТАНО по негова иницијатива“, а пишува: „Извршен е разговор со ПРЕЧКРТАНО во негова канцеларија и по негова иницијатива. На самиот почеток ПРЕЧКРТАНО го предаде писмото што го добил од Трајко Траковски од Гери - САД (претходно информираше за ова писмо)“. Во текот на разговорот владиката опишува како и во чија куќа во Гери дошло до средбата со Трајковски, дава лично мислење за Трајковски,и за тоа како „сите позитивни иселеници го одбегнувале“. Во продолжение владиката Кирил на полицијата и зборува за состојбата во црковните општини, за штетното влијание на грчката, бугарската пропаганда, и како што е наведено „домашниот фактор“. По службениот дел од разговорот, владиката Кирил на агентите почнал да им зборува против владиката Петар. Кирил навел дека свештеници се жалеле против владиката Петар и го обвинува Петар за контакти со Српската православна црква.
- На неколку пати ПРЕЧКРТАНО повтори дека Петар сето ова го прави со намера да ги елиминира и тој да ја земе американско-канадската епархија – пишува во досието од разговорот со владиката Кирил.
Во анализата на разговорот, агентите на СДБ чии имиња се пречкртани како и името на Кирил, навестуваат дека имале и претходен разговор со Кирил, на кој владиката дејствувал „нервозен и дури исплашен од она што против него го преземаат тројцата архијереи, но во текот на овој разговор дејствуваше многу смирено“.
Во досието има и службена белешка од 9 ноември 1982 година, направена од Службата за државна безбедност, испостава Битола, во која се зборува дека постојат компромитирачки секси-снимки од владиката Кирил. Разговорот бил извршен со македонски иселеник во САД чие име исто така е пречкртано. Трајко Трајковски за „Време“ изјави дека се работи за Методија Веловски, кој пред полицијата дал изјава за својот син Борис Веловски, кој и денес е виден член на македонската заедница во Гери. Борис Веловски бил пријател на Кирил, но воедно бил и началник на американската полиција во Гери, а во досието македонската полиција претпоставува дека Борис работел и за американската служба ФБИ. Неговиот татко Методија на полицајците во Битола им изјавува дека Борис има компромитирачки снимки од владиката Кирил.
- ПРЕЧКРТАНО во така да речам слободниот дел од сегашната средба изнесе и тоа дека владиката Кирил пред да биде владика за време на престојувањето во Гери, како многу блиски со ПРЕЧКРТАНО раководени од женска страна оделе во секси клубовите - запишала македонската полиција при разговорот, при што пречкртаните имиња, според Трајковски се однесуваат на таткото и синот, Методија и Борис Веловски.
Во анализата на разговорот со Методија Веловски, пишува дека полицијата и претходно имала податоци дека Кирил наводно посетувал „секси клубови“.
- Сегашниот претседател на оваа МПЦ Борис Веловски, како што е познато професионално е припадник на униформираната американска полиција, а на македонски план во изминатиот период е доста активен. Има бидено претседател и порано, а и потпретседател на УО на МПЦ за САД и Канада, кое покрај другото му овозможи и голема блискост со владиката Кирил. Она што сега го изнесе татко му за односите на релацијата со владиката Кирил на соодветен начин ги потврдува сознанијата од ПРЕЧКРТАНО дека Борис од секси прошетките имал направено компромитерски фото материјал за владиката Кирил кој му служел за негово зауздано држење и добивање благослов за постигнување на свои цели во црковната средина. Борис, како што е во друга прилика одбележано, како американски војник учесник е во војната во Виетнам, а како полицаец ФИБ го користи и за свои задачи - запишала Службата за државна безбедност.
Борис Веловски не одговори на неколку повици од „Време“ да даде коментар. Трајко Трајковски за „Време“ вели дека иако Борис Веловски бил американски полицаец, соработувал и со македонската полиција, и тепал активисти кои се залагале за независна Македонија.
- Македонската црква, заедно со Матицата на иселениците, беше истурена рака на Службата за државна безбедност во дијаспората. Поповите беа поставувани од полицијата, како и црковните управи. Владиката Кирил играл како што ќе му кажат. Во македонска црква беше забрането да се зборува за обединета Македонија. Југословенските дипломати испратени од Белград можеа да влезат само во македонска црква, во српските и хрватските не смееја да влезат - вели Трајковски.
Кирил: Обвинувањата се невистинити
Владиката Кирил за „Време“ изјави дека обвинувањата против него не се точни.
- Се колнам дека тоа не е точно. Јас цело време знаев дека Борис Веловски е американски полицаец во Гери, знаев и дека учествувал во Виетнам. Немаше да му дозволам така да ме уцени. Јас во Гери бев со владиката Доситеј, како придружник, не смеев да излезам сам, а не пак да правам такви работи како што пишува во овој документ – изјави владиката Кирил за оценката во досието, дека постојан компромитирачки снимки од него.
Владиката вели дека кога служел во САД имало многу обиди за подметнување и компромитирање, насочени против него, затоа што секогаш се залагал за македонските интереси.
- Ме кодошеа во американската полиција дека сум комунист и дека сакам да ширам комунизам во САД, по што добивав закани од полицијата дека ако забележат таква моја активност, ќе бидам депортиран. Но, секогаш ми ја продолжуваа визата за по десет години, што докажува дека не сум работел во таа насока. Јас на верниците им велев дека тие се Американци или Канаѓани со македонско потекло и дека Америка е нивниот дом, со што ги убедив американските Служби дека не сум свештеник уфрлен од македонската полиција – изјави владиката Кирил.
За писмото и молбата да лобира за ослободување на Драган Богдановски, владиката Кирил изјави дека тој не одел во полиција, а не ја исклучи можноста полицајци да дошле кај него во канцеларија.
- Драган Богдановски еднаш го имам запознато. Не се сеќавам на Трајко Трајковски, но и да барал некој од мене да ургирам, тоа и ќе сум го сторел – изјави Кирил. За обвинението дека го кодошел владиката Петар во полиција, владиката Кирил изјави дека неговите контакти со владиците на српската црква во тоа време биле општо позната работа.
Владиката Кирил се изјасни против лустрација.
- Тоа што било поминало. Треба да гледаме во иднината, во НАТО, во Европската Унија. Црквата треба да ја гледа својата света просветителска мисија. Јас никогаш не сум се интересирал за тајните досиеја, дури и своето досие не сум го побарал – вели владиката.