На 7 септември се одржа шестото државно првенство во Magic: The Gathering. Повеќе во следнава статија од дневниот весник "Време":
ШЕСТО ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО МАКЕДОНИЈА
Иво Нешковиќ - нов шампион во „Меџик“ Иво Нешковиќ е новиот шампион на Македонија во најпопуларната стратегиска игра со карти во светот, „Магиц: Тхе Гатхеринг“. Тој беше најдобриот стратег на државното првенство, кое во неделата се одржа во Скопје, со што ја доби наградата од 1.000 долари и покана за учество на Светското првенство во Мемфис, САД, што ќе трае од 11 декември до 14 декември. Ова беше шести таков шампионат на Македонија на кој учествуваа 21 стратег од земјава. Турнирот почна во раните утрински часови во неделата, во клубот „Ритокс“, а се случуваше во шест кола по швајцарски систем, по што најдобрите осум продолжија во четврт-финале. Нешковиќ, со својот неверојатно агресивен и брз моноцрвен шпил, прелиминарните борби ги заврши на првото место со резултат 5-1, иако денот го почна со пораз уште во првото коло и тоа од 14-годишниот Филип Ефремов. Но, тоа дејствуваше поттикнувачки на новиот шампион, кој потоа беше перфектен се до крајот на турнирот. Во четврт-финалето тој го совлада Стефан Стојковиќ со 2-0, а со истиот резултат во полуфиналниот дуел беше подобар и од Диме Меловски. Во големото финале го порази и бранителот на титулата, Самоил Петрески, со неговиот зелен Елфски шпил (2-0). Инаку, „Магиц: Тхе Гатхеринг“ е стратегиска игра со карти, која има повеќе од осум милиони регистрирани играчи низ целиот свет. Светскиот шампион годинава ќе добие награда од 40.000 долари. Играта постои од 1993 година и до денес се одржани илјадници професионални турнири и 13 светски првенства, а Македонија имаше свои претставници на четири од нив. „Магиц: Тхе Гатхеринг“ всушност претставува дуел меѓу двајца волшебници (играчите), кои применуваат тактика и стратегија и со помош на своите суштества и магии (картите) се обидуваат да го совладаат противникот.