Масoвна тепачка во Тетово во текот и по завршувањето на фудбалскиот натпревар помеѓу Тетекс и Слога Југомагнат.
Тепачката почна кога навивачите на двете екипи, Шверцерите од Слога и Војводите на Тетекс, почнаа со вербални навреди кои продолжија со фрлање камења и тврди предмети.
По натпреварот навивачите го напуштија стадионот и почнаа да се маваат меѓу себе со се што имаа во раце. Малиот број на полицијци се обиде да воспостави ред, но не успеа.
Во тепачката повредени се 15 лица од кои 12 полицајци и тројца навивачи од Скопје. Тројца од полицајците се задржани во болница.
„Во хируршкиот одел денеска околу 16 часот се примени 15 случаи - 12 од безбедносните органи и тројца навивачи на Слога. Од 12 полицајци хоспитализирани се само 3 случаи. Додека другите случаи по лекарскиот преглед се пуштени на домашно лекување. Хоспитализираните се само од безбедносните органи и се со посериозни телесни повреди“ изјави дежурниот лекар Илјаз Мифтари.
Навивачите по масовната тепачка, предизвикаа и големи материјални штети на многу објекти и возила околу стадионот. Ги искршија прозорските стакла на многу продавници и приватни возила. При тепачката група навивачи насилно влегла и во една од куќите кај стадионот сопственост на граѓанинот Гајур Реџепи. Навивачите кои му влегле дома, го претепале, а Реџепи вели дека тоа се случувало пред очите на полицијата.
„Само што излегов од дома ми се нафрлија два - тројца, во близина беа 5 полицајци, македонците почнаа да ме маваат, полицијата воопшто не реагираше. Само мене ме фатија, ми ја скршија раката, имам големи болки“ рече Реџепи.
Портпаролот на тетовската полиција, Марјан Јосифоски, потврдувајќи го инцидентот во телефонски разговор за Алсат-М рече дека над 10 полицајци се повредени и дека истражен тим излегол на терен да го расветли случајот.
Натпреварот од 23 коло на втората македонска фудбалска лига, на кој се случи инцидентот заврши нерешено 0-0.
Башким Сулејмани
извор:
Алсат