КОШАРКА - КОСМОФОН СУПЕРЛИГА
Блажевски смирен како против Реал
Ветеранот погоди две слободни на неполни 4 секунди до крајот за победа на вардарци
Со победите во 9. коло од Космофон суперлигата, екипите на Вардар О. и С. Пелистер им се приклучија на Струмица и Ф. Работнички во плејофот и ќе разигруваат за титулата во кошаркарското првенство на Македонија. За МЗТ и Фени И. сезоната во лигата завршува со последното 10. коло утре и задутре.
Ветеранот Перо Блажевски беше херојот на Вардар што потсети на историската победа на МЗТ против Реал. Тој, како и тогаш, погоди две слободни на неполни 4 секунди до крајот за победа на вардарци од 69-68 против лидерот Струмица. Блажевски „експлодира” во последните 10 минути (14 поени). Струмица водеше речиси цел меч. Скопјани првпат поведоа по тројката на Совковски (57-56).
Со победата во Кавадарци, благодарение на извонредната надворешна линија, битолчани си осигураа место во плејофот. Кај Фени единствено скокачите Пауновиќ и Михајловски одржуваа приклучок. Двајцата имаа дабл-дабл учинок (Пауновиќ 16 поени и 11 скока, Михајловски 19 поени и 12 скока). Пелистер веќе во првото полувреме создаде предност од 10 разлика. Домаќинот со двете тројки на Јулин по ред дојде до минус 4, но немаше сили за пресврт.
Табела: Струмица 45 бода, Фершпед Работнички 44, Вардар О. и С. Пелистер по 40, МЗТ Скопје 38, Фени 33.
Идно коло (утре и задутре): Струмица - Ф. Работнички, Вардар О. - Фени и С. Пелистер - МЗТ Скопје.