Точно е тоа дека Јеховините сведоци не слават ниту еден празник освен Господовата Спомен Вечера (Причест) како единствен заповедан празник/одбележување од Исус Хритсос.
Тие не слават ниту родендени, ниту Божиќ, ниту Велигден, ниту празниците поврзани со Марија, ниту Петровден, Митровден, Ѓурѓовден итн. Можеме колку што сакаме да им се смееме и да ги ругаме заради тоа, но факт е дека тие со овие неславење не прават никаков грев, затоа што никаде не е заповедано да се слават овие празници.
Јас многу си ги сакам празниците Божиќ и Велигден и се трудам што е можно најхристијански да ги одбележам, но не би можел да ги осудам сведоците затоа што не ги празнуваат од проста причина што Христос никаде не заповедал да го славиме Неговото раѓање (Божиќ), ниту пак Неговото воскресение (Велигден). Единствено што Христос заповедал е да ја одбележуваме Спомен вечерата (причеста) како спомен и разгласување на Неговата застапничка смрт за нашите гревови.
Тажно е што многу луѓе ги осудуваат Јеховините сведоци за тоа што тие не слават незаповедани празници, а од друга страна и самите крајно пагански ги одбележуваат популарните празници Божиќ и Велигден, заедно со паганскиот празник Коледе и со паганските коледарски огнови, пијанчења, лепче со паричка, вртење околу црква, вапцање на јајца - како да е празник на кокошките е, а не на воскреснаиот Христос итн.
А уште ако тука ги додадеме и стотиците празници во кои се слават луѓе (Марија, Петка, Ѓорѓија, Никола, свети овој, свети оној итн) тогаш имаме јасно идолопоклонство и дирекно кршење на Божјите заповеди што е очигледен грев, за разлика од сведоците кои не кршат ниту една Божја заповед со тоа што не ги слават горните празници.
Да бидеме на чисто. Јас не велам дека Божиќ и Велигден не треба да се слават (бидејќи се празници во кои се слави Господ Исус Христос), но начинот на кој што мнозинството (пред се православните и католиците) ги одбележуваат овие празници е крајно небиблиски и нехристијански.
Затоа, пред да ги осудиме сведоците за нивното неславање на овие незаповедани празници, да се преиспитаме како ние ги одбележуваме овие празници, се разбира во светлината на Светото Писмо.