Значи, вака... Наједноставно кажано, архитектонскиот проект, е хоризонтален пресек на објектот (или на дел од некој објект) кој се црта- станбена зграда, хотел, куќа, болница... По некои стандарди, пресекот се прави на висина од 110 см над меѓукатната конструкција од делот од објектот кој се црта, и притоа со него се опфатени само конструктивните делови на објектот, а не и мебелот.
Премногу нејасни поими? Ок...
Конструктивни делови на објект
Секој објект поради својата сопствена тежина и товарите кои подоцна се поставуваат во него, како мебел, луѓе итн, има за цел истите да ги пренесе на тлото (земјата). Затоа се воспоставува систем на носива конструкција која може да биде од масивен систем на градба (носиви ѕидови), скелетен систем (столбови и греди) или комбинација на двата стила. Поради ова, постојат различни дебелини и висини на столбови/греди/ѕидови/серклажи кои се дефинираат со пресметки на СТАТИЧАР (Статиката е научна дисциплина која се занимава со оваа проблематика). Пренесувачи на товари се и меѓукатната конструкција и вертикалните комуникации (скалите). Крајно, тие се пренесуваат до темелите на објектот, а преку нив и до тлото.
Сумирано и за наши потреби, треба да се знае дека меѓу конструктивните делови на објектот спаѓаат и столбовите и ѕидовите. Доволно јасно, нели? На сликата со зелена стрелка е прикажан товарот врз меѓукатната конструкција, а со црвени стрелки пренесувањето на товарот по столбовите-кое продолжува до темелите, па се до.... така е; Тлото.
Меѓукатна конструкција
Меѓу-катна конструкција народски речено е плочата (најчесто изведена од армиран бетон) е поставена хоризонтално врз ѕидовите / столбовите и ги одделува катовите по вертикала (односно се наоѓа меѓу нив). Составена е од 3 слоеви: 1. Носив дел 2. Подна обработка 3. Плафонска обработка. За да биде појасно, вие во моментов седите на столче кое се наоѓа на висина од 40-тина сантиметри над меѓукатната конструкција на вашиот кат. Толку.
Пресек
Веќе споменав дека се прави на висина од 110 см над меѓукатната конструкција од делот од објектот кој се црта. Замислете ја просторијата која ја сечете како коцка, чии страни се ѕидовите и меѓукатната конструкција на собата. Кога би ја пресекле на определената висина, всушност би ја виделе ”утробата” односно внатрешноста на коцката. Покрај фактот дека со пресекот се опфатени само конструктивните делови на објектот, а не и мебелот, треба да се спомене дека со него се прикажува и сечење на скалишниот простор (на посебен начин) како и отворите на ѕидовите, како вратите и прозорите.
Мебел
Прикажувањето на диспозицијата (разместеноста) на мебелот во една објект е многу едноставно, и прилично шематски. Постојат стандардизирани описи на најразлични делови од мебелот кој треба да се прикаже на цртежот. На сликата подолу имате некои од нив.
Како и да е, тука креацијата не е лимитирана... Треба да се има во предвид само точното прикажување на димензиите и формата на објектот кој се црта. Не значи дека доколку на пример работната масичка не е во форма на гореприкажаната, треба слепо да се прати
споменатиот пример. Тоа на крај, сепак е само пример, нели? Мислам дека полека ја сваќаме филозофијата на Архитектонското техничко цртање.
Како тоа го прават професионалци
За оние кои не виделе никогаш, еве како тоа го направиле проектантите на Хотел Карпош. Тука е прикажана основата на приземјето, без диспозиција на мебелот.
После се, во неколку кратки чекори следат и последните совети пред да се одлучите основата на својата соба да ја прикажете на некое аматерско техничко ниво. Земете го метрото во рака, подгответе лист хартија на кој ќе го бележите измереното и набљудуваното... и почнуваме!
Прво, направете ја рамката на просторијата- границите; Oдносно, нацртајте ги ѕидовите. На сликата која следи, прикажана е една соба со 4-аголна основа и димензии 400х400 см. Заради поточно прикажување на вратите и прозорите, пожелно е да се измери и нацрта и дебелината на ѕидовите.
Време е да ги поставиме вратите и прозорите. Веќе свативме дека клучно е прецизно да се прикаже местоположбата на она што се црта. Тоа не значи дека мора да се црта во определен размер или којзнае колку прецизно... За целта која ја имаме, доволно е да со определена прецизност да се прикаже местоположбата, а со голема растојанието од еден до друг прикажан дел на цртежот. Предлагам усвојување на една референтна точка од каде би почнале со мерење, и каде би го затвориле процесот. На пример, доколку прозорот се наоѓа на 120 см од аголот од кој мериме, така и го бележиме на цртежот. Лесно, нели? Воедно, на сликата може да се забележи и начинот на прикажување на врати и прозори
На крај, останува прикажувањето на мебелот, по истите принципи како и погоре. Одберете референтна точка (на сликата нагласена со црвен круг), мерете и бележете ги растојанијата на основата која ја цртате. Ако креветот ви е долг два метра а широк едно, нацртајте правоаголник со димензии 200 х 100 см, па ако сакате, прикажете ја перницата и ќебето, како на цртежот погоре. И така натаму...за секој поединечен дел од мебелот.
И.... та-даааам! Ете нешто што се вика (каква-таква) основа на одбраната соба. За почеток, мислам дека ќе користи. За секаква асистенција при цртање, слободно обратете се кај мене на некои од можните средства за комуникација.
п.с. Значи, кога ќе се одлучите да побарате совет и ќе пратите основа на вашата соба, осигурајте се да ги внесете сите растојанија / да ги искотирате сите димензии. :smir:
[FONT="]
[/FONT]