Охохооооо...
Форумската секојдневна инекција вбризгува течност директно во моите вени. Јас сум виртуелен, јас сум трагач по закопаното зеленко и во моментите додека го пишувам ова се плашам и прашувам дали е ова само потрага по нечие одобрување.
Верувам дека и најголемиот дел од вас кои учествувате на форумите, на блоговите, на фејсбук четовите, со мсн контактите, пред хај фајв мониторите веќе сте се збогувале со човекот во вас.
Всушност, никогаш не бев пријатно момче, вечно паѓав во меланхолични расположенија, и тоа не можам да го поврзам со мојата лична карма и со целокупниот стрип кој треба да го испишам до крајот на мојот живот но и тоа како ми дава право да се надевам дека до крајот ќе се случуваат спектакуларни работи.
Кратка рекапитулација на овие погорни конфузни мисли, јас сум еден човек во В.Р. и друг надвор.
Па се трудам да го најдам коренот на моето барем сегашно незадоволство, и не можам да бидам сигурен дали тоа влече од последните случувања а поврзани директно со овој форум, дали влече од секојдневните активности, домашната атмосфера, кој знае?!
Да не гњавам, чувствувам одбивност кон луѓето, тие се тешки и наоѓам илјадници поводи да се дистанцирам од нив. Чувствувам потреба и едноставно да ја затворам оваа глупава насмевка кон луѓето кои не ја заслужуваат, и чувствувам потреба да им кажам на сите колку работи има кои не ми се допаѓаат кај нив. Проклето лицемерен сум.
Чувствувам потреба од добар ќотек. Со оглед на тоа дека како дете бев навикнат за грешките да добивам по една врела, сега нема кој да ме исплеска убаво за лошото сработено или за несработеното. Не можам да го пронајдам ни изворот за моето ненаоѓање уживање во дневните активности. Секогаш сум се заситувал брзо но, какво оправдување е тоа? Проклето мрзелив сум.
Имам илјадници идеи, ми требаат околу 3 секунди да смислам како да ги израдувам и оние кои не ми се најдраги, камо ли оние кои ги сакам. Имам неограничена имагинација која си тлее како жарче и нема што да ја распламти, бидејќи за такво нешто треба ментална маша, треба труд и напор на мозочните клетки. Но јас попрво би седел да пишувам бесмислени постови на форумот отколку да заминам по плико, лак за нокти во кој ќе втиснам отисок - жиг и Шанел број 5 и да и напишам дека на аголот помеѓу “Железничка“ и “Водњанска“ ќе ја чека поклон ако открие на кој парфем мириса писмото. P.s. I love you. И не мислам на филмот. Но, како што не еднаш ми рекоа, проклето конформист сум.
Во умот имам борба на два светови, два универузми, два богови, титани, кој ли ги знае веќе што се. Навистина ретко ме боли глава како оние кои патат од мигрена, но го чувтвувам притисокот и кога би можел би си ја откорнал главата и би ја ставил на полица дома веднаш до плишаната фигура на Хомер Симпсон, да се дружат бидејќи се слично луди. Се што свесно ќе го помислам некоја чудна сила од внатре ќе направи се да го заборавам или ќе се спротистави да го исполнам. Па така она на кое мислам како особина и не изгледа кој знае колку страшно покрај ова. Проклето неодлучен сум.
Имам потреба да ги искомплицирам работите. Со максимата дека се трудам да им угодам на сите и сиот свет, обидувајќи се да избалансирам за општо добро успевам толку да ги замрсам нештата што дури ниту Александар Македонски не може да го пресече тој гордиев јазол. Способен сум да ги уништам и најискрените и чисти мисли и идеи, под изговорот дека лажам за да не повредам сфаќам дека е и тоа сама лага. Јас сум проклет патолошки лажго.
Сигурно тук таму има и по некоја добра особина во мене, но премногу сум несвојствен во моментов да можам да бидам... снежна топка на добрина.
Дали некогаш постоеше квалитетен Виктор, и ако е да... каде замина тој?