Животот и делото на Методија Андонов - Ченто
неколку децении претставуваа табу-тема на македонските простори.
Но, народот не дозволи од нашата историја да се избрише името на овој достоен борец за македонската кауза, а во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто, беше обновен судскиот процес за него и обвинувањата беа повлечени, односно падна пресудата од монтираниот судски процес.
Прилепската чаршија беше вистинското место каде што се осознаваше историјата на македонскиот народ и каде што се кроеја плановите за неговата иднина. Во таа чаршија одрасна и Методија Андонов - Ченто, како чирак и калфа, но и како сопственик на своја трговска фирма со алкохолни пијалаци и колонијална стока.
Методија Андонов - Ченто е роден на 17. 8. 1902 година, во предвечерието на славното Илинденско востание, во кое е создадена првата република на Балканот - Крушевската Ре-публика.
Младешките денови ги минал во својот роден град Прилеп.
Ги преживеал сите тешкотии и неправди низ кои мина целиот македонски народ, како последица на ропствата, кои се заменуваа едно со друго, соседите ја присвојуваа и ја делеа македонската земја.
За жал, долго време на македонските простори се правеше сè за да не се знае историјата на македонскиот народ.
Но, помнењето никој не може да го избрише и кога и да е таа ќе биде напишана токму таква каква што била.
Од сè ова не беа поштедени ниту животот и делото на Методија Андонов - Ченто, со единстве- на цел да се стави во заборав неговиот придонес за исполнување на исконските желби на македонскиот народ: да живее обединет, самостојно и во добри односи со сите соседни народи.
Чентовото дело не смее да се заборави.
Тоа беше причина преку разговорот со син му Илија Андонов-Ченто, да ве потсетиме на животниот пат и идеалите на овој голем Македонец.
ЖИВОТЕН ПАТ
"Ќе ви кажам зошто сум се залагал и зошто дотерав дотаму да одлежам затвор цели девет години и педесет дена, ниту крив ниту должен.
Вие сте сега големи, можете сè тоа да го разберете и должни сте да го знаете.
Покрај мене и вие страдавте заедно со мајка ви.
Дали ќе ми забележите или не, вие сами ќе си оцените.
Но, едно треба да знаете,
дека секогаш треба да ја почитувате мајка ви и да бидете благодарни што успеа, со многу маки, да ве истера на некој пат.
Јас сакав да имате многу повеќе од она што го имавте, и не само вие, туку и сите ваши врсници, затоа што за вас, откако се родивте, имаше секогаш повеќе отколку за многу други.
Многу пати ви ускратував, оти како деца не мо- жевте да ги разберите сите работи. Тоа го правев за ваше добро, затоа што како дете имав многу тежок живот, и не
сакав таков живот да има било кое дете", се потсетува Илија на зборовите на својот татко и додава:
"Никој од нас, никогаш не му забележи што беше многу малку со нас. Напротив, секогаш бевме и сме горди со него, заради неговото дело".
Учејќи ја историјата на својот народ во прилепската чаршија, а потоа и од спомените на учесниците во Илинденското востание, среќавајќи се со некои од нив и во емиграција, во Софија, патувајќи низ другите делови од Југославија и посетувајќи ја Грција, Методија Андонов - Ченто, на почетокот на триесеттите години, го потврдил своето сознание за националната припадност, односно дека Македонците не се ниту Срби, ниту Бугари, а уште помалку Грци, иако им се поделени на нивните држави, кои се обидувале да ги асимилираат. [FONT="] [/FONT]