Отварање на дом за стари лица е проект на кој локалната самоуправа размислува подолго време. И на средбата со Министерот за труд и социјална поликтика, градоначалникот Алексов посочил дека Штип има реална потреба од ваков центар. Се размислува домот за стари лица да биде регионален, со што ќе ги задоволува потребите на целиот источен регион. Од кабинетот на Алексов информираат:
„И во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е предвидено отварање на дом за стари лица. Градоначалникот размислува за три локации, и тоа: населба Пребег, Суитлакот и во близина на тврдината која ја гради д-р Жан Митрев, но не се исклучува можноста во оптег да влезе и друга локација".
Што се однесува до финансирањето, постојат неколку алтернативи. Едната е старечкиот дом да биде граден од државни пари, втората е јавно приватно партнерство, а третата е барање на инвеститори кои ќе вложат во изградбата, а за таа сметка пак општината ќе понуди поволни услови за изградба, информираат од кабинетот.
И од Сојузот на пензионерите тврдат дека Штип има реална потреба за изградба на старечки дом. Лошата социјална состојба и малите пензии се причина старите лица да бараат сместување во домовите. Но, иако Штип има потреба од изградба на старечки дом, нашите постари сограѓани мислат дека старечките денови е најдобро да си ги поминат во сопствените домови, а децата и внуците да се грижат за нив.
ОПШТАТА БОЛНИЦА ВО ШТИП СТАНА КЛИНИЧКА
Штипската општа болница прерасна во клиничка. Ова е дел од концептот на министерството за здравство за укрупнување и зајакнување на регионалните болници и нивно подобро опремување со медицински кадар и технички средства.
Со донесувањето на новата опрема, просторното проширување, со стручното усовршување на кадарот, верувам, дека сега болницата ќе биде по спремна да одговори на барањата на овој регион - изјави Бујар Османи, министер за здравство.
Клиничката болница ќе дава нови и поквалитетни услуги, а со тоа ќе бидат обезбедини и повеќе средства од фондот за здравствено осигурување. Во делот на новите вработувања директорот Панче Пуздарлиски со оптимистички најави дека и покрај економската криза сепак ќе има место за нов стручен кадар.
- Секогаш се остава простор за оние болници каде што има неопходни потреби да се доделат одреден број на вработувања, па се надеваме, бидејќи и ние имаме поднесено барање, дека ќе добиеме одреден број на вработувања-изјави Панче Пуздерлиски, директор на Клиничка болница -Штип.
Со новата трансформација отворенни се две нови одделенија: онкологија и неврохирургија кои во наредните 5 години ќе вршат само амбулантски прегледи. Клиничката болница ќе дава услуги за околу 250 000 жители од источниот регион.
Лекарите од Штип ќе се обучуваат за сложени лекувања
Професори во Скопје велат дека штипската болница не се подготвена да стане клиничка. Оттаму, пак, одговараат дека колегите од Скопје не сакаат конкуренција
Општата штипска болница, која неделава стана клиничка, ќе ги обучува лекарите за да може да одговори на повисокиот статус. Болницата стана клиничка со само еден доктор на науки и најава за набавка на нова пософистицирана опрема, како и со барање за поголем буџет од Фондот за здравство. Иако нејзиното преименувањето треба да значи дека пациентите ќе добиваат поквалитетни услуги, универзитетските професори во Скопје велат дека тоа се прави за да се задоволи потреба на новоотворениот факултет во Штип, за да има каде да учат студентите на тамошниот факултет. Оттаму, пак, одговараат дека колегите од Скопје не сакаат конкуренција.
- Со исклучок на Битола, од сите други болници по градовите добиваме пациенти со едноставни дијагнози кои ги испраќаат на клиника иако треба таму да се оперираат. Неодамна ни испратија пациент поради слепо црево. Не сакале да го оперираат зашто има стент и погрешно процениле дека е ризичен. Добиваме и пациенти со чиреви во желудникот или со кила. Сите тие треба таму да се оперираат - велат хирурзи од клиниката.
Директорот на штипската болница вели дека кадарот им бил подготвен да се справи со новиот статус, но и дека ќе се организираат обуки за сé што треба да се научи.
- Потпишавме договор со клиниките во Скопје и оттаму ќе доаѓа кадар додека да се обучат нашите лекари. Тие секако ќе треба да научат да работат и со новата опрема што ќе стигне, а за тоа може да се обучуваат и во странство. Нашите колеги од Скопје непотребно нé оцрнуваат - вели Панче Пуздерлиски, директор на болницата.
Со дообука на персоналот, велат од болницата, ќе се обезбедат потребните пет професори на науки, за оваа болница да може понатаму да стане и универзитетска. Таму работат 60 специјалисти, а 30 лекари се пратени на специјализација.
- Одлуката дали и кога одредена болница, вклучувајќи ја и таа во Штип, ќе прерасне во клиничка болница, се донесува врз основа на утврдување на прецизно одредени критериуми и суштински услови што треба да ги исполни здравствената установа што треба да го добие тој статус - вели министерот за здравство Бујар Османи.
Тој додава дека оваа трансформација на болницата ќе придонесе за растоварување на клиниките во Скопје.
- Тоа што и наједноставните случаи беа испраќани во Клиничкиот центар значеше нефункционално искористување на ресурсите на јавното здравство, а истовремено ги изложуваше граѓаните на дополнителни материјални трошоци и малтретирања. Стекнувањето на статусот клиничка болница е процес што не се случува преку нoќ.