Прегледај го приврзокот 472139
BUGONIA
Кога „откачениот Грк“ Јоргос Лантимос режира филм, постојат две можни реакции: „ова е генијално“ или „што беше ова што го гледав?“ И обично и двете се точни. Bugonia е уште една од оние приказни каде луѓето се однесуваат како да доаѓаат од некоја паралелна, малку расипана верзија на Земјата. Теории на заговор, корпоративни култови и карактери што зборуваат како да се програмирани со многу црн хумор.
Лантимос очигледно повторно си игра со публиката, а публиката, како и секогаш, мазохистички ужива. Џеси Племонс игра лик кој толку длабоко паднал во „црната дупка“ на заговори што веќе не знае каде завршува реалноста, а каде почнува неговата фантазија. Истовремено и смешен и ве плаши. Еден од оние ликови што ве тераат да се смеете, па веднаш потоа да ви е незгодно што сте се смееле.
Ема Стоун пак повторно докажа зошто е препознатливо лице во филмовите на Лантимос. Нејзиниот саркастичен, корпоративен лик постепено почнува да пука под притисокот на апсурдната ситуација. Стоун успешно ги балансира психолошката драма и гротеската, затоа веројатно неминовна беше номинацијата во Best Actress категоријата.
F1
Холивуд одамна сфати дека ако ставиш камери во вистински авиони добиваш Top Gun: Maverick. Ако ставиш камери во вистински болиди, добиваш F1. Рецептот е едноставен: брзина, адреналин и малку животна мудрост од ветеран кој „има уште една трка во себе“.
Бред Пит го игра токму тој архетип со шарм што веројатно може да продаде и документарец за асфалт. Филмот е спектакл, нема дилема, ама исто така е и филм што знаете како ќе заврши уште пред да се изгаснат светлата во кино. Класичен блокбастер.
FRANKENSTEIN
Кога Гиљермо дел Торо се зафати со класиката од Мери Шели, знаевме дека чудовиштето нема да биде најстрашното нешто во филмот. Вистинските чудовишта ќе бидат луѓето. Дел Торо веќе со години снима филмови за чудовишта што имаат повеќе душа од луѓето, истото го видовме и во Pan's Labyrinth и The Shape of Water, а Frankenstein е можеби најчистиот пример за таа опсесија.
Но, Дел Торо, како и во нарацијата на Шели ни ги нуди и двете перспективи и прави обиди за некаков баланс. Тој баланс совршено го долови Џејкоб Елорди, кој судејќи по интервјуата, поминал низ една прилично тешка физичка и актерска трансформација. Неговото движење е несигурно, скршено, како тело на дете што штотуку учи како да функционира. Погледот постојано му е на граница меѓу детска љубопитност и животински страв. Тоа е суштество што сака да биде дел од светот, но секој контакт со луѓето го фрла подалеку.
Од една страна ја имаме трагедијата на создаденото суштество кое само бара љубов и разбирање. Од друга страна е човечката перспектива, стравот од непознатото, инстинктивната потреба да се уништи нешто што изгледа „погрешно“.
HAMNET
Хамнет како да се држи до она непишано правило во Холивуд: ако сакаш Оскар направи филм за уметник што страда. Овојпат страдаат и гледачите. Интимна и болна приказна за загуба која ги рефлектира семејните односи и борби, а ја нуди уметноста како лек. Базиран на романот на Меги О'Ферел, филмот ја следи трагедијата на семејството на Вилијам Шекспир по смртта на неговиот син. Наместо класичен биографски пристап, ова е медитација за тагата и начинот на кој уметноста се раѓа од болка.
Емоционалното јадро на филмот го носи извонредната Џеси Бакли која ја оживува Агнес како жена поврзана со природата, со силна интуиција и магична енергија, а подоцна ја претвора во лик со празнина, лик што несвесно го бара присуството на нешто што веќе го нема. Тоа не е актерска игра за аплаузи во класична оскаровска смисла бидејќи нема театрални монолози, туку ерозија на душата. Ако Академијата сака да награди чиста актерска прецизност наместо голем спектакл, токму ова е перформансот што би требало да ја однесе статуетката.
MARTY SUPREME
Marty Supreme не е класичниот „спортски биографски филм“ со добро познатата формула: пад, тренинг, голем триумф. Филмот е шармантен, малку луд и полн со енергија. Комбинација од спортска приказна и карактерна студија за човек кој одбива да живее според правилата.
Филмот е многу повеќе фокусиран на ексцентричната личност на Рејсмен отколку на самите турнири. Неговата боемска природа, љубовта кон коцкањето, неговата улична филозофија и фактот дека се однесувал повеќе како рок ѕвезда отколку како спортист му даваат на филмот неочекувана живост. Пинг-понгот тука е само позадина за приказна за човек кој одбива да се вклопи во системот, па макар тоа значело и сам да си го искомплицира животот.
Тимоти очигледно решил дека е време да излезе од зоната на „меланхолични арт-хаус улоги“ и да се впушти во нешто поразиграно. Во улогата има физичка трансформација, специфичен говор, арогантна самодоверба и онаа енергија на човек кој постојано е чекор пред сите околу себе (или барем така мисли). Резултатот е перформанс што лесно можеше да стане карикатура, но тој го игра со доволно шарм и самосвест за да остане убедлив.
Сепак, трката за Best Actor годинава е прилично густа и неизвесна. Академијата знае да биде непредвидлива кога млад актер ќе се најде меѓу ветерани. Токму оваа неизвесност ја прави оваа трка една од поинтересните во последниве години.
ONE BATTLE AFTER ANOTHER
Најголемиот фаворит за BEST PICTURE годинава. И да, сите гласини околу овој филм не паднаа од „ведро небо“. Филмот издоминира кај критичарите и собра еден куп филмски награди. За мене лично не беше некое епско доживување, иако солидно ми го држеше вниманието.
Сценариото не следи класична линеарна нарација. Наместо тоа, гледаме фрагменти од животот на поранешниот револуционер Боб (Леонардо ДиКаприо). Некои моменти се екстремно динамични, други пак делуваат како флешбек‑огледала на неговата борба со сопствените демони и политичките последици од минатото. Нарацијата „скока“ низ времето, балансира помеѓу хумор, хаос и трагедија. Тешко е да се каже дали гледаме социјален коментар или едноставно пародија на современа Америка.
Целата структура изгледа како мозаик: акциони сцени кои се мешаат со саркастичните, па дури и комични дијалози, моменти на интимна фамилијарна динамика, па повторно жесток пресврт. Ова е филм што сака да се оддалечи од стандардниот драмски филм, да се претвори во епско, современо поглавје во жанрот политички трилер. За мене, премногу „искалкулирано“. Темата за револуција и политички антагонизам е присутна од првата до последната сцена. Не е само акција, туку приказна за човек што некогаш бил дел од радикално движење, се повлекол, но сепак мора да се соочи со траумите што самиот ги премолчувал. Сè е испреплетено со сатирични третмани на идеологија, институции и современо општество. Таа политичка „шема“ на моменти ја губи оригиналната приказна.
Лео ја игра својата харизматична верзија на хаотичен, шармантен, антихерој. Не е тоа некоја актерска игра што ќе ве „извади од патики“ како некои други оскаровски перформанси, но сепак е силно ангажирана улога. Неговата динамика со другите ликови, особено со Шон Пен и младата актерка Чејс Инфинити, создава интересни и сложени човечки моменти што филмот ги користи како емотивна референца.
Можеби најголемото фаворизирање е поради тоа што зад филмов се потпишува PTA кој игра со политички мотиви што Академијата ги сака изминативе години. Овие фактори креираа голем хајп и го направија повеќе културен феномен, отколку филм што навистина има универзален силен ефект.
THE SECRET AGENT
Бразилската номинација која се провлече до врвот благодарение на силното латиноамериканско лоби. Политички трилер што ја истражува атмосферата на недоверба и страв во времето на диктатурата. Наместо спектакл, филмот се потпира на атмосфера, тензични дијалози и морални дилеми.
Режисерот покажа дека знае како да раскаже политичка приказна без да ја претвори во пропаганда. Филмот функционира како бавно затегнување на јаже. Колку повеќе се движи приказната, толку повеќе се чувствува таа параноична атмосфера. Никој не знае кој кому му работи зад грб, кој соработува со режимот, а кој само се обидува да преживее. Токму во тие морални сиви зони лежи силата на филмот. Речиси и да нема протагонисти и антагонисти, туку обични луѓе притиснати од системот што постепено ги репресира.
Категоријата во која изгледа како сериозен фаворит е Best International Feature Film. Академијата често знае да награди филмови што комбинираат политичка релевантност со силна авторска режија. Ако не успее да направи изненадување во главната категорија, сосема е можно да си замине дома барем со таа статуетка.
SENTIMENTAL VALUE
Скандинавците имаат чуден талент да направат филм во кој ништо драматично не се случува, а сепак нè „држи будни“. Јоаким Триер повторно нурнува во темите на семејството, спомените и оние емоции што луѓето најчесто ги потиснуваат. Sentimental Value е типичен фестивалски филм. Присутно е и она препознатливо скандинавско сивило што се чувствува и во атмосферата и во ликовите.
Филмот е полн со мали, интимни моменти: разговори што почнуваат како обични семејни дијалози, а полека откриваат старо незадоволство, незалечени рани и недоразбирања што се таложеле со години. Триер очигледно се обидува да направи деликатна студија за сеќавањата, за начинот на кој минатото постојано се враќа и влијае на сегашноста. Сè е снимено со таа типична скандинавска воздржаност, без големи драматични експлозии, без прегласни емоции, како ликовите постојано да се на работ да кажат нешто важно, но никогаш целосно не го изговараат.
Тука некаде лежи и мојата мала дистанца од филмот. Се чувствува дека е внимателно конструиран, дека има „арт“ амбиции и тежина, но мене лично не ме погоди колку што очекував. Наместо да ме вовлече во емоционалниот свет на ликовите, често имав чувство дека го набљудувам филмот од страна, како убава, добро режирана студија за емоции, наместо вистинска емоција што ќе ме допре.
Тоа секако не значи дека филмот нема да функционира за други гледачи. Напротив, ваквиот тип суптилна, меланхолична драма често е токму она што фестивалската публика го обожава. Sentimental Value е интелигентен, префинет и внимателен филм, само што за мене остана некаде „ни таму ни ваму“: доволно интересен за да го почитувам, но не и доволно силен за вистински да ме потресе.
SINNERS
Sinners е филм што сака многу од тоа, ова и она во исто време. Наративно, тој флертува со различни жанрови: од џез-драма до хорор со вампири, од расни и социјални конфликтни приказни до интимна психолошка студија за личноста и антагонизмот. Визуелно, филмот е богато стилизиран: темни, контрастни кадри, светло што игра со сенки и камера што неуморно го следи внатрешниот хаос на ликовите. Но и покрај сите тие амбиции, како да не допира како што би требало. Приказната се одвива на многу фронтови, а сепак е тешко да се почувствува целосен емоционален удар.
Музиката е одлична, џез и експериментални звучни текстури кои го држат ритамот и создаваат убава атмосфера, без разлика колку хаотична е самата нарација.
Актерот Мајкл Б. Џордан којшто игра два лика, исто така заслужува посебно внимание: со суптилни разлики во гестови, изрази и тон тој прави два различни карактери да изгледаат убедливо. Можеби доволно за да се закити со номинација за Best Actor, иако тоа не е некој подвиг што никој никогаш не го направил (Tatiana Maslany во Orphan Black на пример имаше далеку поголем предизвик, со палета на најразлични ликови што требаше да се разликуваат без компромис). И покрај тоа, перформансот е сосема достоен за внимание. За жал или за среќа, се најде во сериозна конкуренција за главна машка улога.
Sinners е филм што сака да биде многу нешта одеднаш, а тоа ми создаде некоја нервоза, како да ме возеше по различни правци и жанрови, без да ме однесе до крајната дестинација. Сепак, за оние што сакаат визуелно богатство, оригинална музика и актерска виртуозност, Sinners нуди сосема доволно за да ви остане во сеќавањата.
TRAIN DREAMS
Режисерот Клинт Бентли, во Train Dreams гради свет што изгледа како да дише самостојно. Камерата лебди низ шуми, низ рачно изградени колиби, се протега низ пруги, снимајќи го секој лист што шушка, секој звук од ветерот, секој пад на снегот со внимателност што ретко се гледа во современите филмови. Звуците се регистрирани со нежна деликатност, чекорите по земјата, треперењето на водата, свиркањето на птиците, како да ги слушате сопствените спомени претворени во филм.
Кинематографијата и звукот заедно создаваат чувство на присуство. Се чувствувате како да сте таму, во шумата, на патеката, во светот што се движи без вас, но кој истовремено е интимен и соодветен на приказната. Train Dreams ја вреднува едноставноста, го слави обичниот живот и ни покажува дека човечките приказни не мораат да бидат грандиозни за да остават траги.
Присуството на главниот протагонист е едноставно, но целосно уверливо: еден човек што се справува со загуба, со сеќавања и со промени во животот, без да „забега“ во драматичност и патетика. Актерот Џоел Еџертон го прави тоа со суптилни изрази, па го следиме неговото секојдневие и секој миг на осаменост и интроспекција на неговиот лик.
Во контекст на Оскарите, филмот има своја важна улога: тој ја покажува моќта на минимализмот и на медитативниот ритам, оставајќи простор ваквите човечки приказни без спектакл да се најдат во трката и да го збогатат изборот. Ако Академијата сака да награди филм што ќе остане со гледачите поради атмосферата и перформансот, Train Dreams го заслужува вниманието.
Моите предвидувања:
THE 98th ACADEMY AWARDS | 2026 | PREDICTIONS
BEST PICTURE:
One Battle After Another
BEST DIRECTOR:
Paul Thomas Anderson
ACTOR IN A LEADING ROLE:
Timothée Chalamet
ACTRESS IN A LEADING ROLE:
Jessie Buckley
INTERNATIONAL FEATURE FILM:
The Secret Agent
ANIMATED FEATURE FILM:
KPop Demon Hunters