Југоносталгијата е предоминантно опфатена кај средната класа поради социјално-политичките елементи. Имам пишувано на оваа тема, која го опфаќа и моето семејство. Дедо ми е ден денес отворено се декларира како комунист. Има и одредена негативна критика кон комунизмот, не ја воспева Југославија и режимот во секој сегмент, но тамошниот животен стандард му дозволил од апсолутна сиромаштија да се издигне во средната класа.
Југославија постоела 45 години. Ние постоиме, скоро, 35. Во кој општествен сегмент сме унапредени (треба во предвид да се земе и траекторијата на развојот на технологијата)? Продолжуваме да го презаситуваме со кадар јавниот и државниот сектор, а притоа креираме премногу реални финансиски товари за приватниот. Државата не ни е во можност да го сервисира каматите на кредитите, не пак самите кредити. Буџетот од година во година ни е се поголем и поголем (океј, до извесна мера улога игра и инфлацијата), а притоа бројот на даночните обврзници не се зголемува.
Колку години се прави патот Кичево-Охрид? Колку години се планира да се изгради Клиничкиот центар? Колку години ќе се прави пругата кон Бугарија? Колку децении се гради комплексот кај УКИМ? Разбирам дека секој проект си има своја тежина, проекција, издвојување средства, планирање на градба, тендер, експропријација...ама сериозна држава не смее да развлекува проекти, од кои дел се капитални. Ни работници нема (пред се поради доцнењето со социјалната реформа), па мора да ги бараме од други држави од третиот свет. Едно време шверцерски сакаа да имплементираат робовладетеслки клаузили во работниците кои требаа да работат на коридорите.
УКИМ не е меѓу најдобрите 1.000 универзитети во светот. Продуктот на нашето здравство беше една од најголемите стапките на смртност во Ковид пандемијата. Културниот живот ни е сведен на еден солиден филм во неколку години, а слабо накај минимално инвестирање во спортот, книжевноста и музиката. Претходно имавме неколку капитални инвестиции, во времето на Никола, за превод на 1000 книги, и толку. Тука би ја издвоил и едицијата класици под покровителство на министреството за култура. Другото тапа. Дури и земјоделството, кое е еден од симболите на оваа држава, е во константен пад. Сточарстовто е на апарати. Луѓето, со добра причина, преферираат да работат на лента, во индустриските зони, отколку да се занимаваат со земјоделство и/или сточарство. Студентите, година по година, се дел од буџетските опашки.
Нешто позитивно, како народ, постепено се оддалечуваме од култот кон личноста, поради промената на генерациите и начинот на воспитување. Љупчо, Бранко, Никола, Зоран и Христијан. Со исклучок на Никола кој во зенитот имаше убедливо најголема политичка моќ од сите останати, култот на личноста од лидер на лидер интензивно слабее. Дури и партијатизмот е во голем пад, секојдневните луѓе немаат желба да бидат дел од политичкиот живот. Влегуваат во партија од ситен интерен, најчесто вработување, трчаат, се вработуваат и стануваат пасивни членови. Лојализмот е врзан со интерес. Од друга страна, политичките партии ја загубија својата идеологија. Вчера, градоначалникот на град Скопје од говорница зборуваше за родово базирано насилство! Не е родово, туку полово. Родот е граматичка категорија, толку. Полот е биолошка. Дури ни напорот за линеарното зголемување на пензиите не е дел од десничарскиот идеолошки корпус, ама тука има популистичка мерка која има за цел сервисирање на лојалното гласачко тело преку редовни пензии, а потоа и редовни плати за административните службеници. Затоа немаме развоен буџет, имаме буџет за плаќање на тековни расходи, и ќе продолжиме да тапкаме во место.
Итно се потребни реформи, пред се социлајни, образовни, култури и здравствени. Треба поголема децентрализација односно локалната самоуправа сама да санира дел од комуналните проблеми. Целта на децентрализацијата беше конкурентност на општините преку контролата на даночните стапки на локалните даноци. Дали тоа игра улога во привлекувањето на СДИ? Не баш, не. Треба намалување на бројот на општини и треба итна санација на јавните претпријатија. Во спротивно, ќе се повтори историјата со државните претпријатија (затворење/ликвидација или продавање т.е приватизирање), а цената ќе ја плати просечниот граѓанин.
Повеќе не сме млада држава, бевме кога бев основец и се воспеваше духот на повеќевековниот сон за слобода и независност. Сега сме зрела држава, со поминат транзицински период, со воспоставен капиталистички систем и трговски односи со најголемиот дел од државите во Европа, па и пошироко. И ако сакаме првично да опстоиме, треба да започнеме да ги решаваме децениските проблеми. И второ, ако сакаме да го живееме вековниот сон, не треба повторно да влеземе во неформална федерација (ЕУ).