Дојде време за нова сезона, ново ракометно првенство во Македонија. Последно време секоја година го кажуваме истото, но овојпат навистина очекувам интересно првенство како што никогаш не било. 4 екипи во битка за титула, уште 5 други во битка за плејоф и само 3 кои мислам ќе се борат за опстанок, не само поизедначена туку и поквалитетна никогаш не била лигата. Вообичаено секогаш за титула се бореле 1 до 2 екипи, изминатите 2 години 3, а годинава за првпат 4 (иако ниедна не е на рангот на Вардар од пред 7-10 години). Според подготвнителниот период, тешко е да се каже на кај ќе се движи сезоната, генерално според мене за пофалба е што сите екипи конечно го сфатија подготвителниот период соодветно – како подготовки. Пречесто во минатото се одело на победа и со превисок интензитет во Август, дури и тепачки на Струшкиот турнир имало. Нема потреба од тоа, Август е време за тестирање на варијатни и уигрување, сезоната почнува во Септември.
Но не само на врвот мислам дека интересна ќе биде и битката за плејоф каде освен традиционалните Бутел, Пролет и Тиквеш во битката веројатно ќе се вклучат и Пелистер 2 и Прилеп. Пролет е за мене секогаш репер за квалитетот на лигата бидејќи со ретки исклучоци во принцип скоро секогаш држи како екипа одредено стабилно ниво. Во изминатите 15тина години главно беа 4ти/5ти, последно време почнаа да го пропуштаа плејофот и да бидат 7ми, а годинава ништо чудно и на кај 8-10 место да завршат – ќе видиме. Тоа е јасен показател дека екипите околу нив го креваат нивото. Позитивен знак се и перформансите на нашите не-елитни екипи против српските противници во подготвителниот период (вообичаено низ годините освен првите 2-3 тима останатите генерално губеа од српските прволигаши, сега без исклучок го добија сите дуели, а скоро сите први 7-8 екипи од Србија спарингуваа против македонски екипи ова лето по турнири или пријателски (Струга, Охрид, Прилеп...). Во секој случај ќе видиме како ќе поминат Охрид, Бутел и Тиквеш во ЕХФ купот (Охрид сум скоро сигурен дека може да стигне далеку, играчки за очекување е да бидат меѓу првите 5-6 екипи фаворити за титула во тоа натпреварување).
Но, да не се лажеме и покрај тоа што има повеќе интересни млади играчи во Бутел, Пелистер 2 и Пролет, Прилеп со зголемени амбиции со враќање на Димитриоски од Шпанија, како и Тиквеш кој мислам дека постепено го загуби залетот кој го фаќаше изминатите години, фокусот нема да биде на средината на табелата, туку на врвот. А таму, битка навистина тешка за предвидување. Да одиме со ред:
Пелистер
Се чини после неколку сезони лутање, мачење и за влакно освојување на титула иако имаа поквалитетен состав од Вардар и Алкалоид, оној натпревар во Јане Сандански заедно со солидните настапи во ЛШ како да направија прсврт во екипата. Во подготвителниот период мене лично екипата ми изгледа стабилно, зрело, како да знае што сака. Конечно покажува победнички карактер каков што досега реално не покажуваше. Квалитативно играчкиот состав мислам дека е на слично ниво како и изминатите година-две, но можеби за нијанса подобро склопени. Костурот на екипата има континуитет и уште од старт се гледа дека секој си ја знае улогата иако има неколку нови играчи. Чудно беше доаѓањето на Гарабаја, релативно неискусен како тренер, со Синфин немаше добри резултати, ама засега делува како доста разумно да ја води екипата, со логични потези во подготвителниот период. Истестираа се во подготовките, поставите што се вадеа беа ракометно логични, ќе видиме засега е невозможно да се има замерка. Повеќето замени нема да имаат голем ефект во стилот на игра бидејќи се директни на иста позиција со иста улога (Kosteski -> Hackbarth, Borzas -> Hennigman, Shebib -> Whalid, Ivic -> Heiderirad, како и замена на помладите Petrovic, Gjorgovski, Cikatic со Widomski, Kalajdzievski, Hadzic, Ristevski). Засега скоро сите нови играчи изгледаат релативно добро, Hennigman е сличен ранг на играч на Borzas, но многу подобар фит, Hackbarth и Heiderirad се соодветен квалитет за ротација (Heidirerad ништо чудно и да биде прва опција евентуално, Митревски ги пропушти цели подготовки а и 40ката ќе ја заврти наскоро). Whalid е сомнителен и очекував да биде тука голема дупка во екипата, но дури и тој засега покажува дека има одреден материјал, ќе видиме како ќе му оди во ЛШ. Widomski е засега можеби најинтересно од сите засилувања, потенцијално потрајно решение со оглед дека и Hosni и Cehte се во години. Апсолутно одобрувам што Хаџич и Калајџиевски ќе добијат шанса – дополнителен среден бек не е потребен. Останува фактот дека за да може да скокне на повисоко ниво Пелистер потребни му се појаки среден и пивот за два прваци од Тајник и Валид (не дека Тајник е лош, напротив, солиден ротациски играч, еден од подобрите игграчи во Пелистер воопшто во моментот, ама за да бркаат осминафинале/четвртфинале во ЛШ треба среден од светска класа). Пивот за два правци и натаму е најкритична позиција во екипата (денешниот ракомет е комплетно базиран на транзиција, добра одбрана со 2 измени не постои, а и со една не е едноставно да се изведе и не е возможна секогаш, мораш да имаш опции без измени тука се клучни браќата Атанасијевиќ и до некаде Кузмановски). Ќе видиме како ќе се снајдат, треба да е дефанзивно јак Пелистер годинава, Abutovic, Hennigman и Atanasijevic даваат опции но треба и пивот што игра одбрана/напад за да се комплетира екипата (во превод многу работи ќе зависат од колку ќе се погоди Whalid).
Лидери на екипата: Kuzmanovski, Hosni, Tajnik, Radivojevic
Очекувам да експлодира: Pavle Atanasijevic, Widomski, Tajnik?
Можно е да има послаба сезона: Mitrevski, Peshevski
Wildcard: Whalid
Вардар
Откако првично имаше ентузијазам дека Вардар се враќа, после подготовките има голема скепса кај навивачите на Вардар за овогодинешниот состав. Мислам дека вистината е некаде на средина. Во принцип Вардар има прилично широка екипа, можеби најширока од сите и интересен микс од индивидуалци и млади таленти. Проблемот е што скоро цела екипа е нова, дури и тие што играа и лани ретко се поклопија (пример Хориха и Борозан релативно малку играа заедно а треба да се клучни годинава). Ќе треба долг период за уигрување, не очекувам премногу во есенскиот период, овој тим треба некаде на пролет да експлодира. Има голем избор, пред се на централните позиции лев и среден бек, и Чупич не случајно подготвителниот период главно го користи за да ги запознае и истестира можностите на играчите. Сите добија солидна шанса – некој подобро ја искористи, некој послабо одигра. Голем хендикеп во следните неколку месеци ќе биде отсуството на Лазаревски. Тука ќе се чувствува голема дупка, Јанковски и Анастасовски ќе покријат против просечни екипи, но во клучните дуели дома и во Европската лига, не сум сигурен дека ќе го заменат соодветно Лазаревски кој е можеби најнезаменлив во овој состав. Проблем може да бидат позициите десен бек и голман. На десен бек Митровиќ мислам е добра инвестиција за иднината, но не сум убеден дека е играч со кој може да се оди на титула уште оваа сезона. Малку е дебалансирана екипата, на некои позиции многу избор, на други релативно тенки, но колку точно времето ќе покаже (на пример на лево крило јас не сум загрижен толку како некои други, мислам дека и Кеита и Стојановски адекватно ќе си ја завршат работата, не се којзнае какви офанзивци, ама се клучни во одбрана за да можат пониските средни бекови да играат во напад а да не се прават измени).
Лидери на екипата: Horiha, Borozan, Malus, Lazarevski, можеби и Taleski
Очекувам да експлодира: Bono, Mitrovic?, Gogov?
Можно е да има послаба сезона: Georgievski, Borozan?
Wildcard: Kawada, Jankowski, Anatastasovski
Алкалоид
Алкалоид започна амбициозно сезонава но веднаш доби помалку несреќна шлаканица од Хановер (иако 10 разлика не е реално, ова е комплетно голмански исход). Ќе биде голем хендикеп неиграњето во Европа, искрено имаат преголем ростер за само македонска лига да играат. Има едно 3-4 играчи што под итно треба да бараат друг клуб оти нема да добијат реална шанса. Во секој случај, во ситуација кога се комплетно фокусирани дома, есенскиот дел ништо чудно Алкалоид да биде и лидер во првенството. Кире нема да дозволи опуштање заради неиграњето во Европа тоа е сигурно. Екипата е солидно пополнета на сите позиции, прашањето е само колку ќе се уигра Борзаш кој треба да донесе шутерски елемент кој им фалеше изминатите години, како и дали некој од младите играчи може да направи посериозен скок напред. Клучно ќе биде и враќањето во форма на Марко Митев, дали/кога/колку брзо – многу работи ќе се вртат околу него секако ако сакаат титула. Ме интригира и кој од широкиот избор на пикери ќе отскокне (ова колку што е битка за минутажа и напредок е и битка за настап на ЕП). Стилот на игра што ќе го применуваат секако добро ќе помине во лигашките средби, прашање е како ќе оди во дерби дуелите со оглед дека и Пелистер а особено Вардар фокусирано се екипираат за да го минимизираат бројот на измени напад-одбрана и генерално делуваат подобро во одбраната во транзиција отколку што изгледаа пред 2-3 години.
Лидери на екипата: Марко Митев ако се врати од повредата во форма, Ѓоргиев во негово отсуство
Очекувам да експлодира: Карасманакис, Галевски
Можно е да има послаба сезона: Н.Маркоски, Кизиќ?
Wildcard: Дамјан Митев, Борзаш?
Охрид
И конечно стигнавме до амбициозниот Охрид кој по неколку години лутање и нереални очекувања, конечно има состав со кој може да влезе во битка со големото трио, иако и сега мислам дека мора да се реални дека најверојатен исход е 4то место. Кога викам може да се носи со останатите, пред се мислам на првата постава. Ротациски не е на ниво на другите 3 екипи, но има неколку интересни играчи, кои ако имаат добра сезона може да покријат. Ова е екипа, каде дефинитвно главниот збор ќе го имаат странските засилувања, баш ќе биде интересно да се види кој од македонците може добро да се снајде во една ваква ситуација. Голман е позицијата каде што потенцијално најмногу ќе заостанува зад другите 3, но ќе видиме како ќе се снајде триото домашни голмани во ситуација каде што потенцијално ќе имаат одбрана пред себе каква што никогаш немале во нивните кариери – ова е добра шанса за сите 3ца. Клучно ќе биде да не се залетаат после првиот добар резултат, сезоната е долга, треба да се воигруваат бидејќи имаат многу нови играчи, ќе треба да видиме како ќе се вклопат пред се Стрмлјан и Иванковиќ кои мислам имаат капацитет за далеку да го одведат Охрид.
Лидери на екипата: Стрмлјан, Иванковиќ, Вејин
Очекувам да експлодира: Иванковиќ, Блажески?
Можно е да има послаба сезона: Јотиќ, Чаневски
Wildcard: Моралес, Лиапис, Блажески
Тренерската работа ќе ја видиме на дело, не/среќата со повреди е непредвидлива, судискиот критериум нема да го коментирам. Ама составите во пресрет на сезоната можеме да ги коментираме и за таа цел направив едноставна табела во која се сумирани играчите на сите 4 клуба, и рангирани од 1 до 4 (1 најдобар, 4 најслаб) на секоја позиција. Има тука разлика меѓу стартерите и ротацијата, ама ги оценив во едно, сепак до тренерите е како ќе ги користат играчите. Вардар најдобро стои од аспект на клучни играчи (креатори на игра), а тоа се бековите и пикерите, Пелистер најдобро стои севкупно играчки, Алкалоид ќе може да биде најфокусиран на првенството и има најдобар баланс на сите фактори, Охрид е веројатно најгладен за успех. Вардар можно е да има и најголеми шанси за да се појача во текот на сезоната (ќе видиме, тоа е само претпоставка). Се на се мене ми изгледа дека шансите за титула се отприлика по 30% за Пелистер, Вардар и Алкалоид, 10% за Охрид. Останатите секако немаат никакви шанси. Каков ќе биде исходот ќе видиме.
