Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега.
Ова не е крај.
Ова е моментот кога човекот мора да зборува чесно, и од срце.
Во изминатите 11 години, од 2013 наваму, не изгубив ниту едни избори.
Не затоа што бев најгласниот. Не затоа што бев најсилно партиски поддржан.
Туку затоа што луѓето гледаа нешто друго во мене: работа, доследност и љубов кон градот.
Јас не сум случаен градоначалник. Јас сум дете на оваа земја, на оваа улица, на овој пазар.
Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека – ги градев како да ги правам за моето семејство.
Затоа не победував јас – победуваше Струмица.
Но денес стојам пред вас и ви кажувам нешто што ретко кој политичар ќе го признае:
Во сегашната политичка слика, мојата кандидатура – од било која партија – е бесмислена.
Не затоа што се плашам од пораз.
Јас не знам што значи да изгубиш избори.
Туку затоа што нема вистинска понуда за градот.
Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик.
А човек што нема предизвик – ќе победи, но ќе тапка во место.
А тоа е пораз што не го прифаќам.
Го оставам зад себе најсилното градоначалничко портфолио во модерна Македонија:
Струмица – прв град на Балканот со целосно електричен јавен превоз
Велосипедски патеки и модерно урбанистичко планирање – од нула
Најголемиот зелен пазар во Македонија – започнат и обезбеден
Нов генерален урбанистички план – визија за 20 години напред
Завршени фекални и атмосферски канализации во селата
Парк кај Хепинес, втор кај Тинекс, нови зелени површини
Исчистени булевари, плоштадот вратен на народот, дивоградби срушени
Нов систем на транспарентност и јавна отчетност
Струмица со најниски долгови и највисок кредитен рејтинг меѓу сите општини